4 C
Skopje
сабота, април 10, 2021

Бизифај од Битола има македонска иновација за намалување на аеро-загадувањето!

Kabtel desktop

Бизифај од Битола, е компанија која ќе остане запаметена како иноватор кој ќе го намали загадувањето на воздухот.
Компанијата создаде течен препарат, нано био-полимер од еколошки полимери од обновливи извори, кој ги апсорбира ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките и ја спречува нивната емисијата. Овие честички најчесто се резултат на прашина која се создава при изведување на градежни работи, површински ископ на руда, при изградба на патишта итн. Иновативност разговараше со Никола Танчевски, основач на компанијата, кој ни ги раскажа сите детали за овој иновативен продукт, чија реализација беше поддржана на О2 Предизвикот од Фондот за иновации и технолошки развој

Разговараше- Љубица Ангелкова

По што е посебен овој продукт?
По тоа што не само што делува врз апсорпција на штетните честички од воздухот, туку и не дозволува нивна емисија и повторна реемисија. Исто така делува позитивно врз почвата, стабилизирајќи ја за нова вегетација и спречувајќи ерозија.

Кој стои зад Бизифај?
Никола Танчевски кого јавноста го знае како иноватор во сферата на развојот на гејминг индустријата. Но, она што сега го става во фокусот на интересот на македонската јавност е иновацијата која веројатно ќе стави крај на загадувањето на воздухот од прашина и ПМ честичките.

Како започна оваа твоја поврзаност со иноваторство со еколошка кауза?
Отсекогаш ме фасцинирало решавањето на проблемите по иновативен пат. Оние кои добро ме познаваат, знаат дека ги сакам промените и предзвиците, па така еден О2 повик на Фондот за иновации за намалување на загадувањето, ми ја размрда љубопитноста носејќи ме во сфера која го решава загадувањето од градежни активности, односно од урбаната, индустриската и агро прашината.

 

Дали аплициравте само со овој продукт или имавте поширока визија?
Имавме неколку предлози, но едниот беше прифатен и го носеше името Dust-OFF.
Се работи за нано био-полимер со специфична намена кој е целосно наш дизајн. Иницијално инспирирани од стари советски научни истражувања кои ги користевме како идеја, продуктот го развиваме во соработка со научниот кадар од Градежниот факултет и Лабораторијата за нанотехнологија при Фармацевтскиот факултет од Скопје, користејќи ги нивните знаења, лаборатории и соодветната опрема за истражување.

Како се одвива таа релација помеѓу еден иноватор, научните кругови и бизнисот кој треба да го комерцијализира продуктот?
Научниот и истражувачкиот аспект на иновацијата е клучен, но ние како тим за развој на краен продукт и негова комерцијализација, ја менаџиравме постапката од почеток до крај.
Проектот е работен со м-р Елена Ѓорѓиевска, која ја имаше позицијата главен хемичар и ги координираше истражувањата во лабораторијата за нано-технологија. Во проектот соработувавме и со Градежниот факултет од Скопје каде се доразвиваше и тестираше продуктот.
Сакам да нагласам дека при работа во вакви тимови потребно е да се задржи автономноста на луѓето кои се занимаваат со наука, за да се добијат најдобрите резултати со примена на минимални ресурси. Слободата која ја имаа научниците во текот на развивањето на био-полимерот, даде десетина нови примени на продуктот кои не беа планирани на почеток. На крајот од истражувањето добивме производ кој, освен што се користи за прочистување на воздухот, може да се користи за стабилизација и фиторемедијација на почвата, спречување на еолската и водената ерозија, заштита од површинска пенетрација на загадена вода во почвата преку атмосферска вода и др.

Какво потекло има продуктот?
Биополимерот е од биолошко потекло добиен од обновливи извори. Тој е целосно биоразградлив и нетоксичен.

Дали постои нешто слично во светот што може да му конкурира?
Иако има повеќе агенси за апсорпција на штетната прашина, ние знаеме само еден продукт од американско потекло, кој е целосно хемиски и е економски неисплатлив. Нашата визија е нано био-полимерот да се произведува во автоматизирани мобилни постојки со био реактори и екстрактори, кои ќе се лоцираат на територија која треба да се заштити од аерозагадување. Со ова се избегнуваат трошоците за транспорт и се произведува доволна количина која е потребна за заштита на саканата површина.
Нашите тестирања покажаа дека овој био-полимер е драстично поефикасен и значително подолготраен од било кој продукт за делумна апсорпција на прашина. “Замислете на гарадежна парцела или во РЕК Битола, каде што се создава огромна количина на прашина, наместо да прскате секојдневно со црево и цистерна со вода, го нанесувате овој продукт, тој ја апсорбира прашината, а истовремено ја стабилизира почвата од други влијанија. Откако полимерот ќе се зацврсти, креира слој од био-кора која не дозволува понатамошна ерозија и емисија на апсорбираните ПМ честички.”

На интервјуто го донесовте овој цилиндар како да е направен од бетон или гипс, што е ова?
Ова што го гледаме е најлесниот и најситниот можен материјал кој лета низ воздухот. Пепел од РЕК Битола со кои имавме одлична соработка. Ја избравме оваа прашина затоа што има ниска специфична тежина и содржи ситни ПМ 10, ПМ 2.5, ПМ 1 и помали честички. Ако нашиот продукт успева да ја апсорбира оваа екстремно ситна прашина, тогаш може да се користи и во други случаи.

Полимерот е биоразградлив и ја спречува прашината да го загадува воздухот, во каква друга примена го гледате кога ја споменуваме екологијата?
Овој био-полимер може да има значајно влијание и врз голите ридови, кои се отпорни на пошумивање од различни причини со тоа што ја стабилизира површината, спречува измивање на почвата од коренските системи, ја обогатува почвата и служи како колектор за влагата. Велес е град кој го има тој проблем. Имавме разговори со одговорните лица, кои се заинтересирани да направиме теренски тестирања и да пробаме да го пошумиме Велес после половина век безуспешно пошумување.

Од Фондот за иновации имате сигнали дека се заинтересирани за продолжување на нивната улога во овој проект до негова комерцијализација. Во која фаза сте сега?
Соработката со ФИТР е одлична. Тие се задоволни од нашиот успех и затоа се спремни да го поддржат овој производ до конечна комерцијализација. Фондот за иновации е нашиот почетен подржувач на што сме бескрајно благодарни. Моментално сме во преговори со неколку приватни фондови, со кои преговараме да го поддржат продуктот, но под услов да ги задржиме интелектуалните права врз иновацијата. Би било идеално да развиеме свој процес на производство но и да договориме масовно производство со некоја голема интернационална компанија која би го произведувала за нас во заеднички интерес.

Можеме да зборуваме за мерливи резултати?
Резултатите се мерливи затоа што она што го поставивме како задача го остваривме.
Градилиштата, транспортот со камиони кои превезуваат материјали од кои излегува прашина, улици кои чекаат на асфалтирање и други површини се местата каде што овој продукт делува како привремен природен бетон кој ја стабилизира земјата и не дозволува емисија на прашината од  земјата. Финалните теренски тестирања ќе ги изведуваме во следниве 2-3 месеци кога очекуваме да се намали влагата во почвата и да почнат проблемите со прашината.

Додека чекате реализација на продуктот кој е финиширан, на што размислувате?
Размислуваме за нови иновации за кои Македонската јавност ќе биде запознаена во блиска иднина.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •