14 C
Skopje
среда, февруари 26, 2020

„Еко Солар„, изумителот на соларна сушилница за овошје, обучува млади за работа со сончева енергија

Kabtel desktop

Македонската компанија „Еко Солар“ на пазарот за соларна техника постои повеќе од 20 години. Се занимава со производство, монтажа и сервис на термални соларни системи за добивање на санитарна топла вода, а работи и на инсталација на мали фотоволтаични системи за викендици. Оваа компанија минатата година го промовираше и својот иновативен производ сушарница за овошје, зеленчук или печурки која работи на соларна енергија, изум за кој добија златен медал на „ЕкоНова 2017“. На јавниот повик на Фондот за иновациии и технолошки развој ,,О2 Предизвик’’, „Еко солар“ беше наградена за нејзиното технолошко решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки келии, кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите.

Тимот на „Еко солар“ го сочинуваат двајца машински инженери, еден електротехничар и двајца машински техничари, кои заедно имаат над 13 години заедничка работа. Искуството и познавањата тимот на штипската компанија решил да го инвестира во обуки на нови профили кои ќе работат на полето на соларната енергија. Стефан Трајков, дел од тимот на Еко Солар, за Иновативност објаснува дека дел од тие обуки опфаќаат и ученици, кои преку нив ги осознаваат првите информации за техниката и за екологијата.

 Разговараше- Сања Наумовска 

Г-дин Трајков, компанијата „Еко Солар“ го спроведе практичниот дел од обуката за соларни термални и фотоволтаични системи- димензионирање, монтажа и сервис. Кажете ни нешто повеќе за овој проект ?

Солар Македонија е спроведувач на проектот „Јакнење на вештините, продуктивноста и вработувањата во Македонските ММСП кои работат со сончева енергија и опрема“. Преку овој проект се вршеа обуки за соларни системи, монтажа, димензионирање и сервис на термални, фотоволтаични и хибридни PV/T колектори. Нашата компанија „Еко Солар“, со оглед на искуството на тимот во полето на оваа дејност, а особено на иновациите во искористувањето на соларната енергија, го врши практичниот дел од обуките за соларни системи. За да бидат обуките што поуспешно реализирани, а кандидатите да добијат поголеми знаења, кои во иднина ќе ги искористат за развој на оваа економска гранка и за создавање на што поголем број на зелени работни места, нашиот тим изработи и специјалнизирана опрема на која беа обучени кандидатите.

Дел од обуките се и училишта на кои им се обезбедува и опрема и нагледни средства за учење. Какав вид опрема добиваат учениците, што практично можат да научат?

Опрема изработена од „Еко Солар“ беше доставена до основното училиште „Мирче Ацев“ од Скопје, како дел од Erasmus+ проектот DO&LEARN. Целата опрема е направена според теркот на занаетчиската комора од Коблец, Германија. Таа се состои од перфорирана табла со сите составни делови на еден фотоволтаичен систем, фотоволтаичен панел, инвертор, од кои еден со модифицирана и еден со чиста синусоида, потрошувачи на 24 и 12V, регулатор за полнење и конектори.  Дел од опремата се и две мобилни термални единици, кои служат за добивање на санитарна топла вода. Едната е термосифонска, а другата е пумпна термална единица. Дополнително е вклучена и мерна опрема со цел да се прошири опсегот на вежби кои можат да се направат на оваа опрема.

Целта ни беше учениците, на часовите по физика, да можат практично да ги увидат придобивките од употребата на обновливите извори на енергија, начинот на кој се добива електрична енергија од фотоволтаичен панел, добивањето на санитарна топла вода преку мобилните термални единици…. Понатаму, со помош на мерните уреди можат да ја увидат постигнатата температура внатре во бојлерот или колекторот. На тој начин сакаме да им ја доближиме темата екологија и соларна енергија на најмладите, да го осознаат нејзиното значење, да се подигне нивната свест, пред сѐ за можностите и предностите за искористување на чистата енергија во Македонија, но од друга страна да им дадеме и можност на сите кои имаат интерес за тоа, во иднина да работат на тоа поле и да допринесат за развој на овие еколошки гранки во земјата.

 

Колку е важна едукацијата за употребата на соларната енергија?

Овие обуки се од големо значење со цел да се постигне максимална ефикасност кај инсталираните системи и да се зголеми довербата кај потрошувачите. Непрофесионалното инсталирање на соларните системи и честите сервиси, се најголемата антиреклама. Се додека светот оди напред во искористувањео на соларната енергија, отвора сѐ позначајни иновации и можности, ние, во Македонија, каде имаме над 200 сончеви денови во годината и речиси неограничени можности да го користиме сонцето, се занимаваме со основните прашања. Треба да ги јакнеме капацитетите, да создадеме база, а едукацијата е основата од каде што мораме да почнеме. Заради тоа,  во моментов опремата можат да ја користат деца од основните училишта, па се до студенти на техничките факултети.

Сметате дека обуките ќе придонесат за креирање на повеќе зелени работни места ?

Тоа е нашата крајна цел, овие обуки да создадат квалитетен кадар што успешно ќе работи во секторот енергетика, особено во искористувањето на зелените енергии. Успешните обуки, во крајна линија би требало да доведат и до нови вработувања, што пак, ќе доведе генерално до развој на оваа економска гранка кај нас. Како во соларниот така и во другите сектори се соочуваме со сериозен недостаток на квалитетна работна сила. На младите им недостасува стручно образование, особено во области кои се со голем, а неискористен потенцијал. Им недостасува и искуство во практичната работа, она што ние во „Еко Солар“, преку обуките се обидуваме да го надополниме.

[quote]Според податоците од Европската Унија, работните места што ги генерираат соларните извори до 2021 година ќе се зголемат на 175.000 и ќе создаваат додадена вредност од 9,5 милијарди евра. [/quote]

Настојувањето на ЕУ да се зголеми користењето на обновливи извори на енергија од 27 отсто на 35 отсто, до 2030 година би можело да донесе уште 120.000 дополнителни работни места во секторот. Според претпоставките Шпанија ќе има најголем број нови работни места, со очекуван раст од 471 отсто до 2021 година, а следи Грција со раст од 403 отсто. Тоа се земји со многу сончеви денови, па зошто тогаш и Македонија да не биде дел од ова друштво.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •