Лекот ќе може да се користи откако ќе добие одобрување од европските институции, за што процедурата е во тек
Триесет години од откривањето на Сумамед, нов голем успех на хрватските фармацевти кои патентираа нов антибиотик кој ќе лекува болнички инфекции. На овој нов изум тричлен тим на научници работеше цели четири години. Препаратот веќе е одобрен од Американската агенција за храна и наскоро ќе почнат да се користат во американските болници. Се уште се чека лекот да биде одобрен во Европа, објавија хрватските медиуми.
“Нашата иновација е вакомицин, антибиотик кој се користи за лекување на критично заболени пациенти во болница“, кажа д-р Ивона Јаспица, една од научниците од тимот кој го откри новиот антибиотик.
Целата идеја стартуваше во 2013 година во данскиот истражувачки центар во Загреб, кога тимот започна да ја развива идејата. “Не можам да искажам колку сме горди што 30 години после Сумамед кој доби одобрение во 1991 година, во 2019 година нова антиифективна терапија направена од хрватски научници добива одобрување од Американската агенција за лекови“, изјави д-р Александар Даниловски.
Поради прекумерната употреба на антибиотици бактериите станаа многу отпорни и се потешко се лекуваат.
“Резистенцијата на бактериите на антибиотици денеска е многу голем проблем. Тоа е особено важно во болниците, особено во одделите за интензивно лекување каде се лекуваат најтешките пациенти“, изјави д-р Јадранка Павичиќ Шариќ од одделот за анестезија и интезивно лекување во болницата „Меркур“.
Според некои проценки до 2050 година повеќе луѓе ќе умираат од болнички инфекции отколку од рак. Иновацијата на овој антибиотик, кој досега бил во прашок, е неговата полесна примена и 10 илјади пати поголема долготрајност на собна температура отколку досега.
Новиот лек веќе е на пат кон американските болници.