Денес Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој се спроведува во партнерство со четирите најактивни стопански комори во земјата (Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северо-западна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија), одржа информативниот настан на тема „Заштитата на личните податоци како едно од приоритетните прашања во функционирањето на бизнис секторот”.
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ како глас и ресурс на ИКТ секторот во Северна Македонија активно се занимава со сите прашања и предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите во нивните секојдневни бизниси. Овој настан е одговор на потребите на компаниите за понатамошно подобрување и доближување на регулативата од областа на заштитата на личните податоци, со цел нејзино правилно користење.
Денес и вчера на инфо-сесијата во Битола се отвори темата за сензибилноста на заштитата на личните податоци и директното влијание на секоја компанија, како и поединечно на секој вработен кој располага со податоци, заштитени со закон.
„Како најгорлив проблем во оваа област е строгоста на законот и тешката имплементација. Целта која сакаме да ја постигнеме е утврдување на важноста на познавањето и усогласеноста на компаниите со регулативата од областа на заштитата на личните податоци“ истакна Анита Никова, извршен директор на МАСИТ.
Од друга страна, дополнително се наметнува прашањето за влијанието на Европската регулатива врз националното законодавство и хармонизацијата со истото во областа на заштитата на личните податоци.
Затоа подетално се дебатира и ќе се дебатира за прашањата како компаниите да останат доследни и усогласени со регулативата, особено кога постои тренд на посилни санкции, потоа колку може Република Северна Македонија да ги следи новитетите во заштитата на сензитивните податоци, и како приватниот сектор ќе одговори на предизвикот.
Потребна ќе биде поголема соработка меѓу компаниите и надлежните институции за целосно запознавање со соодветни технички и организациски мерки за обработка на податоците согласно законските барања.
Дополнително придонесот на Дирекцијата за заштита на личните податоци треба да биде повидлив и достапен за сите засегнати страни. Од големо значење ќе биде и изработка и спроведување на проценка на влијанието врз заштитата на податоците (ПВЗП), како посебно актуелни прашања во ИКТ индустријата при развој или одржување и надградба на софтвер.