Вечерното небо отсекогаш ги инспирирало уметниците. Таинственоста на ѕвездите и оддалечените планети, можноста за постоење друг живот далеку од нас ја буди фантазијата на многумина. Но, иако научниците ја истражуваат вселената во потрага по знаци за живот и чекаат да не пресретнат вонземски сигнали, во вселената, всушност, владее тишина.
Меѓутоа, НАСА одлучи да внесе малку музика во тоа огромно пространство. Така, една од фотографиите кои ги направи вселенскиот телескоп Hubble ја претворија во музика. Фотографијата снимена во август минатата година прикажува бројни галаксии и неброени ѕвезди кои ги истражуваат научниците на НАСА.
На секоја ѕвезда во галаксијата и доделиле звук. Ѕвездите и компактните галаксии исто така добиле кратки и јасни звуци, додека на спиралните галаксии им биле доделени посложени, подлабоки звуци. Објектите близу до дното на фотографијата произведуваат пониски ноти додкеа тие на врвот произведуваат повисоки ноти. Звуците се во распон од 30 до 1.000 херци.
Иако оваа вселенска мелодија на почетокот звучи малку страшно, на средината на фотографијата се создава навистина убава мелодија. Слушнете сами.