Денес беа претставени резултатите од мониторингот на јавните набавки на локалните самоуправи во Скопскиот регион, спроведени во Проектот „Зајакнување на транспарентноста и отчетноста на општините при трошењето на јавните средства“, на ЗЕН – Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки” кој го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Фондацијата Фокус со финансиска поддршка од Европската Унија.
Марија Георгиевска, претседател на ЗЕН-Здружение на економски новинари, ја истакна важноста на истражувањето за зајакнување на улогата на граѓанското општество во мониторинг на спроведувањето на јавните набавки на локално ниво, со цел подигање на јавната свест, намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на ефективноста на јавните расходи.
Во присуство на претставници на локалната самоуправа од Скопскиот плански регион, државните институции надлежни за системот на јавните набавки и граѓански организации, на настанот се обрати и Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации. Тој го претстави Проектот „Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки”, истакнувајќи ја важноста на ваков вид проекти, преку кои се влијае на транспарентноста на државните институции и локалната самоуправа.
Во рамките на настанот беа презентирани главните наоди од Истражувањето и мониторингот на јавните набавки на локалните самоуправи во Скопскиот регион во 2017 г. Г-ѓа Бети Деловска, во рамките на презентирањето на главните наоди ги посочи и препораките за надминување на предизвиците кои се исправени на патот кон целосна транспарентност, отчетност и интегритет при трошењето на јавните пари, кои беа востановени во текот на ова истражување.
„Истражувањето на јавните набавки на локалните самоуправи во Скопскиот регион, за 2017 година покажа дека има рекордно ниско ниво на јавните набавки. Склучени се 809договори за јавни набавки во вкупна вредност од 2,15 милијарди денари односно 35милиони евра. Локалните самоуправи односно големиот дел од нив не успеваат да достигнат високо ниво на реализација на планот за јавни набавки. Загрижувачки е фактот што поголемиот број на општини во Скопскиот плански регион немаат воспоставен систем за следење на реализацијата на склучени договори.
Кај 10 општини беше утврдено високо ниво на присуство на дискриминаторски елементи во тендерските документации – кои можат да ја ограничат конкуренцијата. Ограничувачките односно дискриминаторски елементи се клучен елемент кој може да влијае на намалување на бројот на добиени понуди по објавен оглас.
Кај 2 општини забележано е високо ниво на учество на една фирма во вкупните набавки.
Во скопскиот плански регион кој опфаќа вкупно 18 општини, за 2017 година година поништени се вкупно 179 постапки делумно или целосно, што значи дека е поништена секоја 4 постапка објавена во 2017 година.
Склучени 33 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 1,36 милиони евра, од кои 40% односно 548 илјади евра припаѓаат на Град Скопје, вели Деловска.
ЗЕН најави продолжување на истражувањето за 2018 година. Се очекува на овој начин, преку проектните активности да се изгради консензус помеѓу државните и недржавните чинители околу потребата за унапредување на јавните набавки и да зајакне јавната свест во локалната средина за потребата од граѓански надзор над трошењето на јавните финансии.