Кои се основните лекции кои треба да ги научиме од израелската претприемничка сцена?

- Advertisement -

Во Израел секоја година се раѓаат 1.400 нови стартап компании, а умираат 1.200! Во земјава во моментов има над 6.000 стартап компании кои привлекуваат огромни инвестиции за развој на своите иновации. Во ваква вибрантна иновациска и претприемничка сцена не е ни чудо што од Израел се родени големи и значајни иновации за човештвото: системот капка по капка, USB flash, чери доматите, PilCam пилула-камера, најсофистицираниот антиракетен систем Rafaelo, Rewalk системот кој им овозможува на неподвижните луѓе да застанат на нозе и уште многу, многу значајни иновации. „Иновативност“ ќе ја држи темава „жешка“ и во следниот период!

Пишува: Верица Јорданова

 

- Advertisement -

Силна ориентираност кон барање решенија на проблемите, наместо виновници. Јасно дефинирана цел на секој бизнис потфат и новокреиран стартап. Соработка и голема доза на кооперативност кога станува збор за остварување на заедничката цел. Ова се дел од карактеристиките на Израелците кои ги направија “стартап нација“, земја-расадник на иновации и земја со убедливо најголем број на инвестиции од фондови за ризичен капитал по глава на жител! Дури 674 долари по глава на жител. За споредба во САД тој износ е 303 долари, а во Кина 49 долари по глава на жител!

Овие констатации се едни од најочигледните по неодамнешната студиска посета на Израел од страна на повеќе субјекти од земјава вклучени во градењето на силен и кохезивен стартап еко-систем. Групата составена од претставници од Стартап Македонија, Сивус акцелератор, УКИМ акцелератор, Македонска Берза, CEED hub, технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Mинистерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, како и претставници од неколку компании и на порталот Иновативност имаа можност детално да се запознаат со работата на повеќе клучни институции и организации кои активно делуваат на богатата израелска стартап и иновациска сцена. Овие организации со поддршка од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД во следниот период со заеднички напори ќе работат на поттикнување поинтензивен развој на стартап и иновациската сцена во земјава. Лекциите кои ги научивме во Израел се од непроценливо значење, констатација е на сите од групата.

- Advertisement -

[quote]

Клучни факти за израелскиот еко-систем:

6500+ стартап компании

150+ venture capital фондови

- Advertisement -

85 акцелератори

330+ центри за истражување и развој на мултинационални компании

9 јавни универзитети

16 центри за трансфер на технологии

(Извор – www.startupnationcentral.org)

[/quote]

 

“Иновативност“ во следниот период ќе објави низа на интервјуа и написи за институциите и организациите кои ги посетивме, како и за новостите во македонскиот иновациски екосистем, а во оваа прилика споделувам општи констатации кои произлегуваат како логичен заклучок од она што имавме можност да го видиме и слушнеме.

Прво, Израелците бараат решенија за проблемите, а не виновници! Иновациите не паѓаат од небо, велат тие. Не се резултат на некој “Балтазар“ момент, туку се резултат на силниот претприемнички дух кој се негува во оваа земја уште од најмала возраст. Ова не е само флоскула. Во речиси сите училишта има програми за претприемништво и иновации преку кои децата уште од најмала возраст се “инфицираат“ со вирусот иновации. Податокот дека во земјата има 1.200 училишни тимови за роботика кои се борат да стигнат до националната лига за роботика кажува многу за техничката култура која децата ја стекнуваат од најмала возраст, а која е клучна тие да станат расаник на идни потенцијални иноватори. Институционалната поддршка продолжува и во следните нивоа на образование. Универзитетите кои ги посетивме: Бар Илан, Бен Гурион и Технион  имаат развиени центри за иновации, технолошки паркови за развој на стартапи и посебни фирми преку кои го вршат трансферот на технологии кон бизнис секторот. Инфраструктурната и финансиска подршка која ја имаат младите претприемачи и иноватори е неверојатно голема. Силно компетитивна заради големата понуда која постои во земјата, но истовремено професионализирана и остручена да ги извади на вистинскиот пат оние со најголем потенцијал.

 

Второ, кога во Израел некој ќе каже дека сака да стартува бизнис секогаш ќе добие поддршка од околината. Желбата за работа, за решавање на некој проблем и сонување на големи сонови е карактеристика која многу се цени. За разлика од кај нас каде вообичаено околината демотивира од стартување бизнис со образложение дека “сега не е време“ и дека “само тие со врски во политиката успеваат“, во Израел поддршката е првото нешто што ќе го добиете со еден важен совет – “ Почни, но почни бргу. Потоа малку подзастани и продолжи уште побргу!“ Совет кој е драгоцен ако се знае дека во денешниот свет брзите ги јадат бавните. Големината на земјата, на компанијата, на градот од кој доаѓате е нерелавантна. Брзината да се перцепираат проблемите, да се бараат решенија и сетоа тоа да се спакува во форма на конкретен производ со потенцијал за освојување на светските пазари е она што не разликува едни од други. Кога го запознавме Шахар Бахири, 28 годишен претприемач останавме со подотворени усти кога сфативме дека пред нас стои иноватор чиј што производ веќе се тестира на неколку автопати во САД и Израел и веројатно е идниот стандарден прозвод кој ќе биде имплементиран на патиштата со цел да се зголеми безбедноста. На само 28 години тој веќе има вредна иновација во своето портфолио, инвестиции кои се бројат во милиони долари и што е најважно – визија! Вакви визионери дефинитивно не недостигаат во Израел!

Трето, улогата на универзитетите, кои се расадници на знаење од каде се раѓаат иновациите е високо на пиедесталот. Триаголникот универзитети, компании, акцелератори е перфектно ускладен. Сите основачи на стартапи кои ги запознавме и менаџери на акцелератори и други институции, вклучени во иновацискиот систем, јасно и недвосмислено ја потенцираат важната улога на науката, истражувачката работа и лабораториите во кои најголем дел од иноваторите ги добиле своите идеи за иновации. Свесни за важноста на науката, соработката на компаниите и стартапите со Универзитетите е константна и силна. Нема универзален модел како се врши трансферот на технологија. Велат, формата не е важна, важно е дали зборуваме на ист јазик. Во Израел јасно е разграничено дека науката е наука, а бизнисот е бизнис. Не се мешаат едни во работата на други, но нашле формула како да соработуваат а од тоа голем бенефит да имаат и едните и другите.

И на крај, некој ќе каже “Ама тоа е Израел, тие се богати“. Да така е но тие се богати пред се во умот и во бизнис логиката со која се надарени. Ниеден инвестициски или државен фонд не е буре без дно. Ниеден фонд не дава пари само затоа што има пари. Израел е лидер во светот по висината на привлечени инвестции во иновативни стартапи. Зошто? Затоа што има идеи кои вредат да се поддржат, компании кои произведуваат врвни производи и решенија барани на светските пазари и менаџери кои знаат што прават, каде одат и каква визија имаат!

Затоа, Израел не е само стартапа нација. Израел е начин  на размислување, мајндсет кој прави успешен спој на знаење, бизнис логика, потенцијал за раст и силна посветеност на луѓето да се оствари започнатото. Ова се клучните лекции. Да почнеме од овде!

 

Сподели!
- Advertisement -