Податоците на Американската вселенска агенција НАСА покажуваат дека вселената се шири побрзо отколку што мислевме. Вселенскиот телескоп Hubble, заеднички проект на НАСА и на Европската вселенска агенција, покажа дека вселената расте отприлика 9% побргу отколку што очекуваа астрономите според нивните пресметки.
Забрзаното ширење на вселената може да значи дека астрономите ќе треба да прават нови физички пресметки за да го објаснат чудното однесување. „Оваа неусогласеност на растот сега достигна точка која навистина не може да се смета за случајност. Тоа не е она што го очекувавме“ велат експертите.
Брзината на експанзијата на универзумот, позната како Хаблова константа, е централен дел на физиката и на нашето разбирање на вселената. Меѓутоа, во повеќе наврати се забележани неочекувани промени, што ги поттикна астрономите на повторни анализи.
Новите истражувања покажаа дека потребно е детално да се испита растот на вселената. Истражувањето ја анализираше светлината на 70 ѕвезди од галаксија во близина на нашата позната како Големиот Магеланов облак. Притоа се мерела меѓугалактичката оддалеченост, а нова метода им овозможила мерењето да се направи побрзо.
Телескопот Hubble може да набљудува само една ѕвезда секој пат кога орбитира околу Земјата во 90 минути, но со новата метода може да набљудува десетина ѕвезди истовремено. Користејќи ги тие податоци, истражувачите пресметале дека брзината на експанзијата не е во согласност со она што го очекувале.
„Едно е мерењето колку брзо се шири вселената денес, а друго е предвидувањето засновано на физиката на раната вселена и раните мерења“ велат истражувачите. Тие не објаснуваат зошто се случува забрзана експанзија, но продолжуваат да работат на какви било нејаснотии врзани за Хабловата константа.