3.2 C
Skopje
сабота, јануари 25, 2020

Светот живее дигитално, а Вип се стреми најновите светски трендови да ги направи достапни за македонските корисници

Kabtel desktop

Листата на придобивки од дигитализацијата секојдневно се проширува и за нив можеме да зборуваме долго време, но она што е јасно, е дека бизнисите кои се дигитализирале имаат искусено големи придобивки, вели Иво Пауновски раководител на ИКТ и партнерство во Вип  со кого разговаравме за најновите достигнувања во оваа област и за плановите на компанијата во иднина. Според Пауновски, не е изненадување што во 2018 година, според извештаите од IDC, се проценува дека бизнисите во светот потрошиле околу 1,3 билиони долари на технологии за дигитална трансформација. Јасно е дека индустриските лидери ја препознаваат важноста од дигиталната трансформација.

 

Колку е важна дигитализацијата за деловните корисници и кои се бенефитите?

Дигитализацијата е императив за сите бизниси. Но, дефинирањето што преставува дигитализација е прилично комплексна работа и различни компании како Gartner, Cisco или Forbs нудат различни дефиниции. Дигитализација во македонскиот јазик се користи како заеднички термин за “digitization” и “digitalization” иако овие англиски зборови кои се разликуваат само во две букви имаат различно значење. “Digitization” е израз кој се користи за процес на трансформација на податоците од аналогна во дигитална форма, на пример трансформација на хартиена архива во електронска преку процес на скенирање и индексирање. “Digitalization” е покомплексен термин кои некои го третираат како усвојување на нови технологии, додека за други, тоа претставува нов начин на водење бизнис. Она на што треба да се фокусираме е дигитализацијата како начин на кој организациите се трансформираат и креираат нови бизнис модели со помош на дигитални технологии.

Релевантноста на дигитализацијата е несомнена во повеќето индустрии, без разлика дали е тоа малопродажба, здравствена заштита или производство. Дигиталните технологии и процесот на дигитализација предизвикаа големи промени од аспект на измена на процедурите и пристап до нови пазари. На пример, зголемувањето на бројот на онлајн публикации го трансформира новинарството и медиумскиот простор. Слично на тоа, никој не може да го игнорира влијанието на мобилните апликации како што се Uber или Airbnb кои доведоа до целосно револуционизирање на транспортните, хотелските и туристичките индустрии. Дигитализацијата нуди употреба на нови и иновативни бизнис модели преку употреба на технологија со што се зголемува ефективноста на работната сила, се зголемува задоволството на корисниците и се отвараат можности за пристап до нови пазари.

Со зголемување на конкуренцијата, стана исклучително важно да се поттикне тимската работа во канцеларијата. Работата во тимови им овозможува на вработените да бидат побрзи, поефективни и поквалитетно да ги исполнат задачите. Дигитализацијата го подобрува искуството и на корисниците. Потребни се квалитетни кориснички податоци за да може да се понуди одлична корисничка услуга. Пристап до онлајн алатките за управување со односите со корисниците може значително да ја подобри стратегија на било која компанијата. Со користење на дигитални алатки, пристапот до нови пазари е многу побрз и полесен со оглед дека се намалува потребата од барање на локални дистрибутивни компании или партнери кои “до вчера” беа неопходни за ширење на бизнисот.

Листата на придобивки од дигитализацијата секојдневно се проширува и за нив можеме да зборуваме долго време. Она што е јасно, е дека бизнисите кои се дигитализирале имаат искусено големи придобивки. Оттука, не е изненадувае што во 2018 година, според извештаите од IDC, се проценува дека бизнисите во светот потрошиле околу 1,3 билиони долари на технологии за дигитална трансформација. Јасно е дека индустриските лидери ја препознаваат важноста од дигиталната трансформација.

Иако постојат многу придобивки од дигиталната трансформација, исто така постои зголемена загриженост околу сајбер-безбедноста и севкупната безбедноста на податоците, но сепак најголема бариера за воведување на дигитална трансформација се чини е корпоративната култура во компаниите. Дигитализација заради дигитализација нема да донесе резултати. Фактот дека бизнисот е повеќе дигитализиран, не значи автоматски дека истиот ќе стане подобар. Затоа секоја дигитална трансформација мора да започне со одговор на фундаменталните прашања – што се обидуваме да постигнеме, која е нашата стратегија и како технологијата ни овозможува да ги оствариме нашите цели?. Секоја компанија има свои специфики во работата, но би било бесцелно секогаш одново да се измислува “тркалото”. Ова особено се однесува на локалните македонски компании со оглед дека технолошки овој регион заостанува со години зад Европа и светот. Токму принципот на поделба на знаење и најдобри пракси е принципот на работа на Вип со оглед дека имаме можност во процесот на дигитализација, без оглед дали станува збор за интерен процес или услуга која се нуди на крајните корисници, да го користиме искуството на целата А1 групација.

Дали македонските компании независно од нивната големина имаат интерес за воведуваље дигитални алатки во работењето?

Голем дел од сопственици на бизниси во Македонија се инертни кога станува збор за прифаќање на дигиталната технологија, бидејќи се загрижени за трошоците поврзани со дигитализација на бизнис процесите и се фокусираат на краткорочните приходи. Неkако традиционално, Македонија доцни неколку години зад светските трендови како резултат на несигурната политичка и економска клима во минатото.  Во многу компании во Македонија најголемата бариера за дигиталната трансформација беше поврзанa со недоволните информации за бенефитите од дигиталната трансформација, трошоците поврзани со дигитализација и отпорот на ИТ одделите за радикални промени. Ова значи дека бизнисите честопати пристапуваат кон дигитални иницијативи од перспектива на  ИТ одделот, а не од аспект на крајните корисници. Дигиталната трансформација започнува и завршува со бизнисот, а не со ИТ. Денес, технологијата и ИТ се суштински дел од секоја организација. Секој бизнис процес, до одреден степен, треба да биде управуван од или поддржан од технологијата. Ова значи дека не треба да постои поделба помеѓу бизнисот и ИТ одделот. Ова честопати не е случај со нашите компании. На ова се надоврзуваше и прилично нејасниот бизнис потенцијал односно слабиот поврат на инвестициите од дигиталната трансформација со оглед дека компаниите во поголема мера имаа прагматичен пристап.

Сепак, следејќи ја бизнис климата во Македонија неколку години наназад, можеме да заклучиме дека степенот на прифаќање на новите технологии се зголемува,  така што можеме полека да кажеме дека амбиентот за инвестиции во нови дигитални технологии се подобрува. Вистинскиот предизвик за многу бизниси денес не е дали тие треба да ја прифатат новата технологија во нивните постоечки деловни процеси, туку како да се употреби дигиталната технологија без да се нарушат нивните постоечки деловни функции. Главните бариери за успешна дигитализација полека се надминуваат. Во таа насока голем придонес даваат технолошките компании како Випкои вршат интензивна едукација на бизнис корисниците, но тука се државните институци и локалните власти кои даваат свој придонес со стартување дигитални иницијативи како што тоа се проекти за Паметен град или интегриран  информационен систем за управување со човечки ресурси кои директно и индиректно придонесуваат во едукација на целото општество.

Со приближувањето на Македонија до евроатланските интеграции, поинтензивната дигитализацијата на компаниите ќе стане не само нужна потреба за понатамошен развој и напредок, туку и како единствено средство за преживување на македонските компании.

Неодамна најавивте воведуваље дигитална платформа наменета за сите деловни корисници. Што конкретно содржи истата?

Од технолошки аспект, дигитализацијата на една компанија вклучува една или повеќе софтверски платформи, кои се користат за да се одговори на индивидуалните потреби на компанијата. Овие технологии им овозможуваат на бизнисите да се стремат кон своите цели, да ја промовираат својата визија и да ги постигнат своите цели. Оптималното искористување на технологиите доведува до подобро позиционирање на компаниите на домашниот и странскиот пазар.

Вип на своите корисници  во минатиот месец им претстави три дигитални платформи.

Првата платформа е таканаречен Cloud Marketplace на кој се нуди софтвер како сервис услуги. На оваа платформа корисниците без интеракција со вработени од Вип може самостојно да купуваат и да откажуваат услуги на месечно ниво без договорна обврска. Во моментот на оваа платформа се достапни две продуктни портфолија кои овозможуваат подобрување на работни процеси како и зголемување на безбедноста на податоците на компанијата.  Станува збор за Microsoft Office 365 и Ikarus продуктите. Дополнително, оваа платформа им е достапна и на македонските софтверски компании. Сега овие компании врз база на предефиниран бизнис модел за соработка можат своите продукти да ги направат достапни на оваа платформа што автоматски им обезбедува пазар од потенцијални корисници во 7 различни држави.

Втората платформа е поврзана со нудење на инфраструктура и платформа како сервис.  Станува збор за Exoscale  платформата која има два дата центри во Швајцарија, еден во Австрија и еден во Германија. Самопослужувањето е клучен дел од Exoscale платформата. Корисниците можат, да распоредат и управуваат со виртуелни машини, да креирате и да користат објект базиран дисковен простор без потреба за комуникација со некого од Вип. Со оваа платформа, Вип на корисниците од Македонија им нуди Cloud платформа која по цени е поконкурентна од  AWS и Microsoft Azure со гаранција дека податоците ќе останат во Швајцарија или Европската унија во зависност од преференците на корисникот.

Третата платформа е IoT платформа или таканаречене платформа за интернет на нештата. Оваа платформа овозможува Cloud базирани услуги за мониторинг и контрола на компаниските уреди, без оглед дали станува збор за куќи, автомобили, машини или било какви други средства со кои треба да се управува. Ова платформа се користи како основа за нудење на услуги како паметни згради, паметно земјоделство, паметни градови итн.

При користењето на услугите и сервиситe од трите платформи, корисникот добива едноставна фактура од Вип слична на онаа што денес корисниците ја добиваат за користење на телекомуникациски сервиси. Наплатата е по време на користени ресурси и истата на пример кај платформата за инфраструктура (Exoscale) како сервис се сведува на 1 час како најмала мерна временска единица.

Прилично често, Cloud услугите базирани на самопослужување значат дека давателите на овие услуги можат да ги игнорираат барањата на корисниците или пак да им наплатуваат кога им е потребна подршка. На овие три платформи Вип промовираше одлична корисничка поддршка. Корисниците можат да креираат тикет за поддршка без интеркација со вработените од Вип  при што инженерскиот тим за подршка, може на корисниците да им пружи соодветни брзи и едноставни решенија за нивните проблеми бесплатно.

Кои се предностите на овие алатки за дигитално работеље?

Трите платформи се Cloud базирани платформи, кои им овозможуваат на корисниците поголема флексибилност и скалабилност во нивната работа. Достапни се од било кој интернет во било кое време и од било кое место, додека наплатата е по време на користени ресурси. Доколку се оди во подлабока анализа, овие платформи нудат алатки кои можат да ја подобрат колаборацијата на вработените или комплетно да им овозможат на корисниците дигитализација на дел од нивните деловни процеси. На пример Microsoft Office 365 може да ги поттикне вработените да работат подобро, побрзо и попаметно. Ова решение може да им помогне на вработените да работат и да соработуваат, преку поделба на календари, содржина, знаење и да соработуваат користејќи Microsoft Teams, Outlook, Yammer или SharePoint-страницата. На OneDrive може да се пристапи од која било апликација за управување со содржини или соработка, која е наведена погоре. Од друга страна тука е Ikarus Cloud Security кој им помага на корисниците  целосно да ги заштитат е-мејл сандачиња, да го направат веб сурфање побезбедно и да ги заштитат сите компјутери и лаптопи од крадење на податоци и несакани ситуации. IoT платформата пак овозможува далечинско мониторирање и управување со средствата на компанијата. Средствата можат да бидат групирани по оддели и да бидат следени географски. Корисниците на платформата можат автоматски да креираат свои апликации со помош на веќе предефинираните “plug in” и дa дефинираат сопствени правила на работа и аларми без човечка интервенција како на пример: “испратете ми е-пошта, ако машината неработи 5 минути” или ”испрате ми е-пошта, ако температурата во просторијата е за 5 степени повисока од потребната”. Сценаријата кои можат да бидат дефинирани се безбројни и се граничат со човечката имагинација. Дополнително, имајќи во предвид дека сите записи од мерните уреди се електронски и се чуваат на Cloud платформа, истите можат да послужат и како доказ за квалитетот на услугите што самите компании ги нудат на своите корисници.

Кои се идните планови за збогатуваље на дигиталната патформа?

Како што самиот збор кажува, станува збор за дигитални платформи кои само ќе се збогатуваат со нови функционалности и апликации. На корисниците во брзо време ќе им бидат достапни други Microsoft продукти, други продукти за безбедност како и CRM и ERP продукти кои ќе овозможат целосно дигитализирање на процесите на компаниите. На IoT платформата ќе бидат лансирани други апликации и готови решенија за вертикали како што тоа е сега случајот со паметни згради, паметно земјоделство. Но ние тука не застануваме. Имајќи во предвид дека дигиталната револуција се напојува со технологија, со подршка на А1 Digital од Австрија, разгледуваме можност и за нудење на други платформи од доменот на вештачката интелигенција и машинското учење со оглед дека тоа се дел од алатките што можеме да ги користиме за извршување на задачи на различни начини. Светот живее дигитално, а Вип се стреми најновите светски трендови да ги направи достапни и за македонските корисници.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •