Инспирирани од креирањето на новата национална веб-платформа за образование, СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации ги поканува да се пријават сите креативни гејмери, девелопери, графички дизајнери, артисти и ентузијасти од секаков тип кои би сакале да помогнат во креирање на игри наменети за најмалите, дечињата од 3 до 10 години.
Целта е да се „тркаат” во изработка на што е можно подобра и покул кратка онлајн или дигитална игра согласно понудените теми од организаторот. На учесниците ќе им бидат достапни и ментори од образовниот сектор, практичари и ќе имаат пристап и до примероци од материјали.
„Во моментов се изработува целата веб-страница која наскоро ќе биде дом на голем број материјали, физички и онлајн игри и ќе биде место каде воспитувачи, одделенски наставници и родители ќе може да си обезбедат материјали за подобро спроведување на нивниот час, но и за подобра поминување на време со најмладите. Платформата ќе биде наскоро објавена, како резултат на напорна работа на многу посветени луѓе“, велат организаторите на хакатонот.
Поголемата цел, велат тие, е да обезбедат материјал за спроведување на часови и учење преку игра и карактерно образование, со што ќе се обезбеди подобра едукација на новите генерации и со тоа ќе се подобри директно и практично образованието.
Хакатонот ќе трае 3 дена, од 18т-и до 20-ти јули, ќе се случува во НУБ „Св. Климент Охридски”, ќе биде неформален, со над 10 ментори и ќе понуди можност за учење, вмрежување и заедничко креирање. На настанот ќе бидат присутни и тимови од неколку компании кои се решија да помогнат па тоа ќе биде исто можност за дополнителна дружба и разменување на искуства.
Апликацијата може да се најде на овој линк: http://skrati.mk/KreirajIgri
Крајниот рок за аплицирање е 07.07.2019, може да се аплцира индивидуално или пак како тим, при што апликација треба да се пополни заедно.
Овој хакатон е во склоп на проектот „Создавање средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку ко-креирање и иновации“ #Inno4Edu кој е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и УНИЦЕФ, а го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.