„Spirit of Prespa”, фарма во Царев Двор oд каде гостите си одат со полни кошници цреши и јаболки и уште пополна душа од природна убавина!

- Advertisement -

Во близината на Ресен, селото Царев Двор , не само што е познато по пространите овошни насади на јаболка, на пат е да стане препознатливо и по малата овошна фарма, каде посетителите може да уживаат во природата,  изобилството од плодови и да вкусат домашни специјалитети. Иновативност помина еден прекрасен ден на уникатната фарма „Spirit of Prespa“ 

Пишува: Марија Георгиевска

Сезона на цреши, а бербата во полн ек во Преспа. Таму ме однесе патот за да ја задоволам мојата љубопитност од сознанието дека тука се наоѓа едно мало парче, задскриено помеѓу селските куќи, што се вика „Spirit of Prespa“ (Духот на Преспа). Со големо нетрпение го чекав овој ден, обземена од идејата да осознаам што имаме во Македонија, што може да се прикаже како уште еден убав пример на мал бизнис, да се искористи потенцијалот на селото, да се даде економска вредност од природата и да се постигне поголем рурален развој.

- Advertisement -

Следејќи што се прави за искористување на потенцијалот на руралниот туризам, дојдов до сознанието дека постои ова парче земја во Преспа и ја разбрав целата приказна од главната креаторка  Ана Лабор, која како млада жена фармер и земјоделец се појави во јавноста со добиените признанија за својата рурална приказна „Spirit of Prespa“.

Моето новинарско љубопитство не можев да го смирам и лично се запознав со Ана во Скопје, а веднаш по средбата сфатив зошто оваа млада жена толку успешно ја пренесува својата семејна традиција, големата љубов кон Преспа, кон овошките и градината. По средбата, понесена од приказната, ја замолив Ана да ме извести кога ќе биде бербата на цреши, за да ја посетам и да го доживеам искуството на турист за еден ден. Така, се случи да стигнам овде, во убавата жолта куќа на крајот од Царев Двор, наречена  „Spirit of Prespa“.

- Advertisement -

 

- Advertisement -

Срдечно добредојде – највреден впечаток за туристот

Срдечно добредојде и топла насмевка за пречек на портата, доживеав од домаќинката на семејниот имот, Виолета Прцуловска, мајка на Ана Лабор. И тука почна да се задоволува погледот со распосланиот зелен рај на фармата, која наликуваше како да е нацртана, но по мој мерак.

Г-ѓа Виолета како вистинска домаќинка, за добредојде не почести кафе и ни раскажа за нејзиниот живот на село и приказната за „Spirit of Prespa“. Не заслади со домашен колач со јаболка, сок од аронија и бозел и овошни ликери. Имав привилегија да вкусам и сок од рози, направен по стар подзаборавен рецепт.

Додека се насладував од вкусните специјалитети, Прцуловска раскажуваше дека главниот „виновник“ да го претворат нивниот дом во место за други посетители и да им  подарат уживање барем на еден ден, била нејзината ќерка Ана. Идејата ја прифатиле и другата ќерка Елена која исто така е вклучена во семејниот бизнис.

„ Ана, при еднo патување во странство, дојде полна со идеи и раскажа дека ги однеле на фарма, каде била изненадена како еден обичен селски атар привлекувал многу туристи. На гостите им нуделе се што произведувале: приготвена вкусна храна и локални специјалитети. Тогаш препознала дека тоа може да го прави и во нејзината фарма. Да ја отворат фармата за посетители и да брендираат домашно приготвени производи“, раскажува Прцуловска.

Концептот на фармата е иновативен за македоски услови. Фармата е од отворен тип и нуди посета на гостите на еден ден, исполнет со различни содржини. Понудата вклучува берење на цреши, сливи и јаболка, во согласност со сезоната. Интересот за посета расте секој ден, особено кај странците.

Имаат посети од  ученици од приватни училишта, фирми, амбасади, странци кои живеат и работат тука. Многу се израдував кога разбрав дека сум прв, домашен посетител, зашто вели, нашите луѓе не го ценат овој концепт и не го препознаваат како вредност. Скромно, почнале да ја раскажуваат својата идеја кај странците кои живеат и работат во Македонија, нивни пријатели и наидувале на воодушевување.

Овоштарникот е срцето на фармата! Овде се нанижани редовите од овошни насади на пет хектари: цреши, јаболкови насади во повеќе сорти, сливи, праски, вишни, ореви, лешници, костени, малини, рибизли.

Занимавајќи се со овоштарство, традиција на овој крај, доаѓале до состојби да имаат и вишоци на овошје, кое не можат да го продадат или цената е прениска. Затоа почнале и да приготвуваат џемови, слатка, сок, ликер и др., со што добиле и нови домашни производи, со кои ги засладуваат гостите во нивниот дом. Секако соте брендирани со веќе препознатливиот “Spirit of Prespa”!

По прошетката, добивме кошници и ја започнавме бербата на цреши, кои беа натежнати на стеблата. Семејството е полно со желба да ја пренесе приказната за Преспа на туристи од целиот свет затоа што има што да понуди. Oдлична приказна, природа, храна, убавина.

Има ли перспектива за рурален туризам?

Kако рурална жена, Виолета е активна во здружение за поддршка на жените, а како земјоделец користи проекти да го осовремени производството и работата на овоштарникот.

Услови за развој на рурален туризам има, вели таа, но неопходни се инвестиции за адаптирање на селскиот имот, осмислување содржини интересни за гостите и соодветна промоција за да се привлечат туристи. Досегашното искуство покажало дека гостите најмногу ја сакаат природата, убавата домашна храна и можноста да учествуваат во бербата на овошките. Странците особено многу го ценат овој вид туризам и кога доаѓаат овде се соживуваат со природата. За децата имаат посебно осмислени игри и анимации, особено за време на бербата на јаболката.

Виолета Прцуловска

Планови за развој на „Spirit of Prespa“ се големи. Ќе се уредува објектот за сместување на гости кој се наоѓа во самиот овоштарник, а ќе се отвори и ресторан, каде ќе може да може да се одржуваат и деловни настани. Понудата наскоро ќе се збогати со нови содржини и тематски денови, како и со отворена фарма за живина каде гостите ќе може да соберат свежи јајца, да наберат зеленчук од градината, да си подготват јадење, или со полна кошница здрави и еколошки производи да си заминат дома.

Виолета вели дека овој крај може да живее од рурален туризам, затоа што се зголемува интересот на посетителите. Во деновите кога имаат повеќе туристи ги ангажираат и другите жени од селото да прават пити, ѓомлезе и други локални специјалитети. Тоа ќе придонесе за развој на оваа рурална приказна и ќе овозможи финансиски бенефит за сите. Вели дека доколку се работи, има големи можности и потенцијал.

Откако почнале да се занимаваат со ова, Виолета, Ана и Елена многу истражуваат и постојано се усовршуваат. Нивната љубов кон природата и фармата се гледа од уредувањето и сите детали кои ги вметнале овде. Убаво уредениот двор, градината со цвеќе, домашните миленичиња, катчињата за релаксација и многу други елементи кои го прават вистинско уживање престојот во ова парче преспански рај.

Што може да помогне за развој на руралниот туризам?

За развој на македонскиот рурален туризам може да помогне институционалната поддршка и стратегијата за развој на овој вид туризам. Семејството Прцуловски вели дека се потребни инвестиции за да работат успешно, да го зголемат капацитетот за да привлечат повеќе гости. Со оглед на тоа што туризмот генерира развој и на други услуги и зголемување на потрошувачката, тоа придонесува за директен и индиректен економски развој на локалната заедница.

Развојот на руралниот туризам може да помогне во решавање на социоекономскиот проблем во руралните средини и да го реши проблемот со високата стапка на невработеност, да ги стави во функција и жените со својот потенцијал, што ќе ги направи селата поубави места за живот и работа. Кога се зборува за развојот, последните истражувања за состојбите со руралниот туризам покажаа дека  сопствениците на капацитети во рурални средини не се задоволни од промоцијата на руралниот туризам во Македонија.

Од анализите на „Рурална коалиција“ спроведено минатата година, со опфатени над 120 капацитети од сите региони во државата, се констатирало дека  „националните и локални тур-оператори не ги нудат доволно капацитетите во руралните средини како туристички атракции, не соработуваат со општините, ниту со центрите за развој на планските региони, а не добиваат и навремено информации од институциите за поддршката на руралниот туризам“.

Идеите на Ана, Елена и Виолета немаат крај. Тие започнаа да произведуваат и миризливи свеќи во глинени садови, со што ги анимираат локалните пчелари од кои зема восок и грнчарите од кои набавува  глинени садови.

Ова вредно семејство е пример како со посветеност и многу труд може да се успее и во земјоделството, а нивниот труд е препознаен од заедницата. Виолета беше прогласена и за најдобра жена овоштар во Преспа!

Во светот руралниот туризам е во подем затоа што луѓето се повеќе сакаат да уживаат во природата. Ова треба да го искористи Македонија на која убавата природа и е препознатлив знак. Семејството Прцуловски со Spirit of Prespa постави нов стандард како треба да изгледа рурален туризам во Македонија.

Посетата на „Spirit of Prespa“ ја завршувам  со чувството дека сум била во посета  кај свои најблиски роднини. Срдечноста, грижата за гостинот, големата љубов и посветеноста се клуч за очекуваниот успех на Spirit of Prespa!

На крајот, запишав неколку реченици во книгата „Ја сакам Преспа“, впечатоци кои ќе останат засекогаш, бидејќи ќе остане оваа топла рурална приказна како мотив да ја пренесам на сите.

А, јас закажав нова посета во сезоната на јаболка, за да го почувствувам уште еднаш „Духот на Преспа“.

Сподели!
- Advertisement -