Општина Охрид постапи по заклучоците од 146 – тата седница на македонската влада и зазеде став дека ја почитува определбата за да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културно наследство на Охридскиот регион. Донесената одлука на општинарите ќе се применува до донесување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион или најдоцна до 1 февруари 2020 година.

„Особено ме радува фактот што денес е изразено единство, во зададениот рок изработивме акционен план. Денес започнуваме со реализација. Од денес имаме времен режим. Оние што имаат правосилно решение ќе можат да продолжат со градба“, истакна охридскиот градоначалник Константин Георгиески, пренесе МЕТА.

Покрај тоа што времено се прекинува спроведувањето и донесувањето на урбанистички планови, урбанистичко – плански документации и архитектонско-урбанистички проекти, времениот прекин важи и за сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, надградба или доградба, започнати после стапувањето во сила на оваа одлука.

Од општина Охрид информираат дека сите инвеститори со веќе добиено одобрение за градба ќе можат да продолжат со реализација на нивните проекти. Воедно, одлуката за мораториум за градба не се однесува за барање за издавање извод на план, за решение за измени во тек на градба, за промена на инвеститор, за реконструкција, пренамена и адаптација и за решенија за градби за кои не е потребно одобрение. Во оние случаи каде се отпочнати постапките за издавање одобренија за изградба, надградба и доградба, мораториумот за градба нема да важи.