Тие се насекаде околу нас, во вид на компаниски логоа, религиозни симболи, знаци со рацете, разни ознаки, пораки, и тие играат огромна улога во нашата секојдневна комуникација. Голем број од знаците/симболите (свесно или несвесно) ги користиме во нашата секојдневна комуникација со цел да испратиме некоја порака или да претставиме некој концепт, идеја.
Знаците, генерално, се користат да се забрза или да се поедностави преносот на некоја порака или информација. Наместо да објаснуваме нешто со зборови и реченици, преку едноставно прикажување на некој знак, многу полесно ја испраќаме пораката или суштината што сакаме да ја пренесеме на другите. Во суштина, преку симболите ние визуелно комуницираме со другите.
Секако треба да се направи разлика помеѓу знак и симбол. Јунг ги дефинира знаците дека претставуваат нешто познато (општоприфатено), додека, пак, на симболите им дава многу подлабока и психолошка димензија. Тој ги дефинира симболите како – „нешто што е непознато и не може да даде јасно и прецизно значење”.
Симболите, не само што претставуваат некој познат и прифатен концепт, тие се средства на многу покомплексна комуникација и имаат повеќестепено ниво на влијание и на значење.
„Секоја психолошка експресија е симбол, доколку претпоставиме
дека таа симболизира нешто повеќе од она што е и што таа самата претставува.”
К. Г. Јунг
Сепак, да не навлегуваме во некои подлабински анализи и психологии, за значењето и за влијанието на знаците и на симболите, во овој неделен совет, сакам да ви пренесам една приказна за значењето на знаците, од маркетинг аспект. И, како тоа знаците можат да ја олеснат или да ја отежнат нашата комуникација и пренос на пораката во секојдневниот живот.
Летово бев на одмор кај нашите јужни соседи и кој возел по нивните автопати, знае дека на секој 10 км се застанува на некоја патарина. Картичката што ја користевме за плаќање на патарините, кога одевме натаму, беше од оние модерните што работат на „допир/без контакт” (анг. pay pass). Но, картичката немаше ознака (во вид на wi-fi знакот), туку пишува на неа “pay pass”. Од анализата што ја направивме увидовме дека, од 10 луѓе што работат на патарините, 9 или нè прашаа дали е „без контакт” или ни ги дадоа терминалите да го внесеме „пинот”. Само 1 од нив виде/прочита дека картичката е бесконтактна. Додека пак, кога се враќавме назад, користевме друга картичка на која имаше знак (во вид на wi-fi), и резултатите од анализата беa спротивни. 9 од 10 без никаков проблем ја поминаа картичката без да не прашуваат дали е „без контакт” или не.
Не дека нешто нам ни беше проблем да одговараме на луѓето од патарина, или да го внесуваме „пинот”, но во секој случај ова е доказ дека симболите и знаците помагаат во полесно разбирање и комуникација со другите.
Затоа, за сите вие кои користите знаци, симболи или други ознаки во комуникацијата, посебно во рекламните цели, имајте на ум дека знакот секогаш ќе биде повеќе забележлив и препознатлив отколку да користите текст, збор или друг опис.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com
ете ни ја/ги на tow@macedonia-export.com