Во снегот од Арктикот, па се до Алпите се наоѓа големо ниво на микропластика, според студијата која ги поттикна научниците да предупредат за значителното загадување на атмосферата и да бараат итно истражување за потенцијалните влијание врз здравјето на луѓето.
Како што паѓа снегот, ги заробува честичките од воздухот, а примероци од мраз помеѓу Гренланд и Свалбард содржеле околу 1.760 честички на микропластика на литар, покажува истражувањето. На некои европски локации, пак, примероците покажале присуство на 24.600 микропластични честички на литар во просек. Истражувањето, исто така, покажа дека ветрот игра клучна улога во загадувањето со микропластика низ целиот свет.
Научниците повикаа да се направат нови истражувања за ефектот на микропластиката врз здравјето на луѓето, посочувајќи на една претходна студија која покажа дека вакви честички биле пронајдени во организам на заболен од рак на грло.
Друга студија објавена во јуни покажа дека луѓето во својот организам преку храната внесуваат најмалку 50.000 микропластични честички на годишно ниво.
Милион тони пластика се исфрлаат во околината секоја година кои се распаѓаат на мали честички и влакна кои не се биоразградливи. Овие честички, познати како микропластика, сега се наоѓаат насекаде, од високите планини до длабоките океани и со себе носат токсични хемикалии и штетни микроби.
Најновата студија која ја водеше Мелани Бергман од Институтот за поларни и морски истражувања „Алфред Вегенер“ од Германија вели: „Навистина ни треба истражување за човековото здравје. Има толку многу студии што се објавуваат за микропластиката, но нема ништо за човековото здравје, и тоа е навистина чудно според мене“. Додавајќи дека микропластиката треба да биде вметната во шемите за мониторинг на загадувањето.
Бергман претходно пронашла 12.000 микропластични честички на литар во примероци од Арктичкиот океан. „Прашавме од каде доаѓа се ова?“. Дел од загадувањето доаѓа од населените области каде има океански струења, но анализата на примероците од снег покажува дека многу од честичките се разнесени од ветрот.
„Концентрациите на честички на микропластика во снегот се многу големи, што укажува на значително загадување на атмосферата“, се заклучува во студијата објавена во списанието Science Advances.
(Извор – www.radiomof.mk)