Aнализа: Град Скопје за јавни набавки троши колку 46 други општини заедно

- Advertisement -
Според вредноста на добиени тендери на општините во 2018 година, фабрика Карпош од Скопје се најде на првото место, додека на втората односно третата позиција се наоѓаат фирми од Пелагонија и Гостивар.
Општините и Градот Скопје за јавни набавки потрошиле 97 милиони евра склучувајќи 3898 договори со 1331 фирма. По две години намалување, вредноста на јавните набавки на локалните власти во 2018 година е зголемена за 17 милиони евра, односно за 21% во однос на претходната година.
На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42%, односно за 4,2 милиони евра. Тоа значи дека Град Скопје за јавни набавки троши колку и 46 други општини вкупно.
Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.
Двете општини кои претходно биле на четвртото и петтото место – Битола и Тетово – паднале на 14-то и 20-то место според вредноста на јавните набавки. И кај двете вредноста на набавките се преполовила во однос на претходната година. Битола од 4 милиони евра паднала на 2,2 милиони евра (-45%), а Тетово од 3,9 милиони евра на 1,7 милиони (-56%).
Ваков значаен пад има и кај Штип која од 2,8 милиони евра, во 2018 имала набавки од само 1,4 милиони евра со што од деветтото падна на 23-то место. Спротивно, општини кои не биле, а влегле во првата десетка, со значен скок во вредноста на јавните набавки се: Струга (+162%), Гостивар (+90%) и Кавадарци (+57%).
Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2018 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3898 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80. општини.
Сподели!
- Advertisement -