10.9 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

Асс. д-р Марија Докоска: Вградувањето на кохлеарен имплант овозможи трајно решавање на глувоста кај 78 пациенти со тешко оштетување на слухот

Kabtel desktop

Минатата недела нашата земја беше домаќин на 17-от Европски балкански конгрес за кохлеарни импланти и други технолошки најсовремени вградни слушни протези, кој од 24 до 26 ноември се одржа во Скопје. На конгресот учествуваа врвни медицински експерти, лидери во областа на отологијата и вградувањето на слушни помагала од 15 земји од регионот и ЕУ. Овој конгрес се одржува секоја година, а Скопје за прв пат беше негов домаќин како резултат на значителниот успех постигнат во рамки на Програмата за кохлеарна имплантација што се спроведува на Универзитетската клиника за уво, нос и грло. Разговараме со асс. д-р Марија Докоска, хирург во тимот за кохлеарни импланти на оваа клиника.

Вие сте дел од тимот што ја спроведува Програмата за вградување на кохлеарни импланти наменети за пациенти со оштетен слух. Што всушност претставува кохлеарната програма?

Програмата за кохлеарна имплантација претставува мултидисциплинарен и тимски пристап во грижата пред сѐ за децата со вродено или стекнато тешко оштетување на слухот, но и за возрасните пациенти со оштетување на слухот кај кои со текот на годините настанала практична глувост. Таа опфаќа детекција односно евалуација и дијагостицирање на овие пациенти, хируршко вградување на посебен тип слушен имплант, како и нивна пост-оперативна рехабилитација и ресоцијализација.  Вградувањето на кохлеарен имплант кај овие деца овозможува истите да добијат слух, да развијат говор, а со тоа да добијат можност да  станат рамноправни членови на општеството и да имаат квалитетен живот.

Тимот кој се грижи  за овие пациенти кој вклучува експерти од различни области и тоа аудиолози, отохирурзи, педијатриски невролог и психијатар, анестезиолог, радиолог, социјален работник и логопеди. Морам да истакнам дека од огромно значење за нашата досегашна работа и развивање на програмата за кохлеарна имплантација е стручната подршка од искусни експерти од ова област од неколку европски земји кои имаат долгогодишно искуство во извршувањето на ваков вид операции.

Какви се досегашните резултати од оваа програма?

Програмата за кохлеарна имплантација повеќе години успешно се спроведува на Универзитетската клиника за уво нос и грло и бележи значителен развој од нејзините почетоци до денес. Ние работиме согласно најновите светски медицински протоколи во оваа област, а нашите пациенти добиваат најсовремен третман, ист како за пациентите во ЕУ.

Успехот од вградувањето на кохлеарен имплант зависи од повеќе фактори. Резултатите од вградувањето на ваков слушен имплант кај децата се дирекно поврзани со возраста при имплантација, времето поминато од почетокот на губење на слухот до моментот на вградување на овој слушен имплант, како и причините и видот на оштетување на слухот, понатаму нервната пластичност, програмирањето на имплантот, но и поддршката од семејство и рехабилитацијата. Раната детекција и навремената интервенција, со силна подршка од семејството како и континуирана рехабилитација во постимплантациониот период водат кон одлични резултати. Јас сум активен дел од тимот последниве три години и досега на Клиниката за уво нос и грло успешно се имплантирани вкупно 78 пациенти. Резултатите се одлични и кај наjголемиот дел од овие пациенти е овозможен квалитетен и продуктивен живот, како и успешно интегрирање во општествените активности.

За каков тип на хируршка операција се работи и какви се резултатите кај пациентите кои досега биле дел од оваа програма?

Кохлеарните импланти се посебен тип на вградни слушни помагала кои ја заменуваат функцијата на оштетеното внатрешно уво. Имплантот ги заобиколува оштетените слушни клетки на внатрешното уво или кохлеата и овозможува директно пренесување на звучни сигнали до мозокот. Имплантот се состои од надворешен дел што седи зад увото и втор дел кој е хируршки поставен под кожата. Самата интервенција е рутинска и безбедна за пациентот.

Дали овие интервенции се покриени од Фондот за здравствено осигурување?

Да, овие интервенции се на товар на Фондот за здравствено осигурување и нашите пациенти добиваат техолошки најсовремени импланти. Трошоците за вградување на кохлеарните импланти, постоперативниот и периодот на рехабилитација кај децата кај кои се утврдува можност за ваков вид интервенција целосно ги покрива Фондот за здравствено осигурување.

Што сметате дека е неопходно да се направи за подобрување на состојбата во иднина?

Со оглед на фактот дека клучен фактор за успешен третман на пациентите е навремената дијагностика уште од најрана возраст, од исклучително значење и за нас како тим кој работи на оваа проблематика, а уште повеќе за пациентите е популаризација на проблемот и воведување на универзален скрининг за сите новороденчиња, со што навреме ќе можеме да делуваме.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •