Шест студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, од денеска, се нови стипендисти на најголемите електро-енергетски компании во земјава – АД ЕСМ, ЕВН Македонија АД Скопје и АД МЕПСО. Стипендиите за студентите на ФЕИТ се доделуваат осум години и досега, поддршка добиле околу стотина стипендисти.
На денешното доделување на стипендиите, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски изрази огромно задоволство од неколкугодишната соработка и поддршка за студентите на Факултетот.
„Навистина, како декан на ФЕИТ, сум задоволен од неколкугодишната соработка и поддршка од електро-енергетските компании за нашите студенти. Доделувањето стипендии стана традиција и нашите студенти – стипендисти добиваат одлична поддршка со обезбедување средства за нивна едукација, можност за практична работа и за нивно вработување во овие компании. Преку нашите студенти и ние сме во контакт со овие компании и постојано ја преиспитуваме нашата образовна политика и ја прилагодуваме на потребите на стопанството“, порача деканот Ташковски.
Традицијата во доделување стипендии за студентите на ФЕИТ ја потенцираше и м-р Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.
,,АД ЕСМ има традиција на помагање во повеќе општествени области а образованието е една од областите кои нашата компанија со особено задоволство ги поддржува. Причината е што образованието е столбот на градењето на едно општество. Вложувањето во кадри, особено од електротехниката и информациските технологии кои се се побарани во светот и кај нас, е гарант дека нашата економија ќе се развива во вистински правец и ќе има стручни лица кои во иднина ќе го понесат товарот на развојот кон модерни техничко-технолошки текови. Од тие причини, АД ЕСМ ќе продолжи да го поддржува образовниот процес кој се одвива на ФЕИТ и кој продуцира носечки кадри за развој на нашата економија“.
М-р Ева Шуклева, генерална директорка на МЕПСО, по овој повод изјави дека компанијата веќе осма година учествува во стипендирање студенти на ФЕИТ.
„Процесот на стипендирање студенти го практикуваме од 2012 година. И денеска, осма година по ред, со финансиска поддршка при едукација на квалитетните кадри, праќаме директна порака до сите студенти дека ги следиме нивните резултати и ја цениме нивната работа и трудот што го вложуваат во образовниот процес. Неколкумина од досегашните стипендисти веќе се дел од колективот на МЕПСО и тоа треба да биде стимул за сите студенти. Интензивната соработка со ФЕИТ на повеќе полиња е потврда дека вратите на нашата компанија се отворени за соработка со научно-образовните установи. На новите стипендисти сакам да им посакам многу успех и да истакнам, работете и надградувајте се вредно и систематски. Ние знаеме да ги цениме и валоризираме вашите резултати“.
За Сашо Стојкоски, член на Управниот Одбор на ЕВН Македонија, креирањето млади стручни кадри е стратегиска цел на компанијата.
„Една од стратегиските цели на ЕВН е креирање на млади стручни кадри кои во иднина ќе бидат главната движечка сила во новите процеси во Енергетиката. Нашата поддршка на студентите на ФЕИТ се движи во три правци: доделување стипендии, овозможување на практична работа и можност за вработување. Од 2010 година досега, стипендија од ЕВН добиле над 40 студенти, речиси половина од нив работат во ЕВН а некои од нив веќе се дел и од раководните позиции во компанијата. Со иновативни проекти и платформи, ЕВН влијае врз промените во образовниот систем во земјава со што се овозможува подигнување на квалитетот и создавање кадри потребни на пазарот на трудот. Сето ова значи дека и во иднина, студентите по електротехнички науки ќе ја имаат поддршката на ЕВН“.