Како и се друго околу нас, бетонските структури се валкаат со тек на време и не е лесно да се исчистат. Во иднина можеби повеќе нема да има потреба од чистење затоа што научници развија бетон за кој тврдат дека се чисти самиот.
Генерално, материјалите кои се чистат самите имаат хидрофобни површини кои не дозволуваат на нив да се задржуваат течности. Не само што така течностите се лизгаат и не оставаат траги, туку и не се лепи нечистотија на нив или се измива заедно со течноста.
Претходните обиди да се додадат хидрофобни материјали во бетонот не биле целосно успешни. Кога и да се додал таков материјал како премаз, се гребеле или со тек на време се измивале. А ако се доаделе во бетонот додека бил уште влажен, ја намалувале цврстината откако ќе се исуши.
Предводени од професорот Џин Џу, истражувачи од Универзитетот за наука и технологија на Кина нашле алтернатива. Тие почнале со комбинирање на влажниот бетон со масло, емулгатор и хидрофобен силиконски полимер познат како полидиметилсилоксан (PDMS). Маслото и PDMS прво ги помешале заедно, па додале емулгатор, кој предизвикал мешавината да се претвори во капки кои се нанесуваат на бетонот.
Кога бетонот се исушил и се загреал, маслото испарило и оставило мали пори премачкани со PDMS каде што претходно имало капки. Така материјалот станал хидрофобен и одбива повеќе видови течности, а истовремено е лесен и има голема механичка сила.
Освен тоа, способноста за самочистење ја задржал и после подолг период користење и изложеност на есктремна топлина и разорни хемикалии. Исто така, добро го апсорбирал звукот и дејствувал како топлотна изолација. Научниците се надеваат дека во иднина бетонот нема да се користи само за градење згради туку и за површини отпорни на бактерии во болниците.