2.8 C
Skopje
недела, јануари 19, 2020

Солар Македонија: Домаќинствата да инсталираат само соларни колектори со сертификат за квалитет

Kabtel desktop

Пишува: Сања Наумовска

Поставувањето на сончеви колектори и фотоволтаици е еден од најдобрите начини за искористување на изобилството сончева енергија во Македонија. Во последните неколку години се интензивира поставувањето на сончеви колектори и фотоволтаици, поттикнато од промените на регулативата и субвенционирањето на дел од трошоците од страна на државата. Сепак, „Солар Македонија“ предупредува дека во земјата се инсталираат и увезени и несертифицирани системи, кои не придонесуваат за правилно искористување на сончевите зраци и заштеда на енергија, ниту пак за заштеда на семејниот буџет.

Стефан Трајков од „Солар Македонија“, во интервју за „Иновативност“ посочува дека организацијата набави лиценциран едукативен софтвер, а организира и обуки за соларни системи (монтажа, димензионирање и сервис) на која предавачи се најпознатите домашни експерти во соларна техника.

Г-дин Трајков, „Солар Македонија“ во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем набави лиценциран едукативен софтвер од компанијата „Valentine“, наменети за компании или индивидуални лица кои работат со соларна техника. Што сакате да постигнете со оваа набавка?

Во Македонија многу ретко се зборува за квалитетот на соларните системи и квалитетот на нивната инсталација и димензионирање. Неквалитетно инсталиран соларен систем резултира со ниска ефикасност и чести сервиси. Наместо да се промовира примената на сончевата енергија како еден одржлив ресурс, со неквалитетно инсталираните системи се прави најголема антиреклама. За таа цел во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем беа организирани две обуки за монтажа, димензионирање и сервис на соларни системи каде кандидатите беа обучени од најголемите домашни експерти во соларна техника. Како обучувачи учествуваа Горан Паунов, Илија Насов, Славе Арменски, Сања Поповска-Василевска, Зоран Трајков, Никола Глигоров, Саша Стојановиќ, Звонко Марковски и Зоран Митрески. Во план е да се одржи уште една обука во првата половина на 2020 година.

Откако го поминавме процесот на зголемување на квалитетот на инсталација на соларни системи, во консултација со нашите членки заклучивме дека треба да се набави лиценциран софтвер кои ќе помогне на да се зголеми и квалитетот на димензионирање. Во игра беа повеќе програми, како Trnsys, Homer, Valentine, а по деталните анализи одлучивме да се набави софтвер од германската компанијата Valentine.

Колку типови на софтвер нудите и за што конкретно се наменети?

Компанијата Valentine има долгогодишно искуство во софтвер специјализиран за димензионирање на термални соларни системи, фотоволтаични системи и топлински пумпи. Препознавајќи ги трендовите во технологијата и користејќи иновативни софтверски програми со висок квалитет, кои имаат цел да ги задоволат потребите на соларниот сектор, ја позиционира како една од водечките компании во Европа. Valentine нуди три софтверски решенија:

  • T*SOL за димензионирање на термални соларни системи
  • PV*SOL за димензионирање на фотоволтаични соларни системи
  • GeoT*SOL за димензионирање на топлински пумпи

Во зависност од полето на работа, секоја компанија може да го одбере софтверот што им е потребен.

Кои се придобивките за компаниите или за индивидуалните клиенти кои ќе набават лиценциран софтвер?

Првенствено, да бидат поточни во нивните пресметки и да заштедат време. При теренска посета на нашите компании членки заклучивме дека се уште се користат стари методи, како печатени табели и стари прирачници. Овие софтверски решенија ќе им овозможат на компаниите да го прават димензионирањето на поефикасен и побрз начин.

Каков е квалитетот на инсталираните соларни системи во земјава? Има ли регулатива за нивното производство, увоз и инсталација?

Како еден од клучните претставници на секторот за соларна енергија, „Солар Македонија“, во соработка со Епицентар и во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, активно води процес на лобирање и застапување со цел адекватно да се одговори на предизвиците на чинителите од секторот за соларната енергија.

Главната цел е да се зајакне македонскиот деловен екосистем во доменот на соларната енергија преку подобрување на бизнис регулативата и создадавање услови за комерцијално одржливи деловни услуги кои ќе ги задоволат потребите на пазарот и ќе ја помогнат земјата да креира ефективна енергетска политика.

Во рамките на своите активности, членовите на „Солар Македонија“ активно лобираа пред релевантните државни институции со цел решавање на системските проблеми на секторот. Како дел од оваа фаза беа изработени четири позициони документи, Предлог иницијативата за ревизија и подобрување на условите за увоз на суровини и опрема за производство на соларни елементи и системи, потоа Предлог иницијативата за трансформирање на моменталниот систем за доделување државни субвенции за соларни термални системи, од насока на краткорочни кон насока на долгорочни циклуси за аплицирање и одобрување на субвенции, вклучувајќи и преглед на моменталните побарувања за квалитет и компетентност на инсталатери со овие системи. Во таа насока, ќе се настојува да се даваат субвенции само за инсталирани колектори со Solar Keymark сертификат – европски стандард за квалитет на системи за соларна енергија. При преглед на оваа проблематика ќе се разгледа и потребата и можноста за оформување регистар на инсталатери на соларни термални уреди со цел подобро регулирање на нивниот на квалитет. Изработени беа и Предлог иницијатива за создавање поволни услови за аплицирање фотоволтаични системи од страна на домаќинствата како и Предлог иницијатива за подобрување на принципите за снабдување на микро, малите и средните претпријатија од секторот, со цел подобро организирање на заедничките активности и формирање заеднички синџир за снабдување во секторот.

Споменавте дека вашата намера е да се промени законската регулатива и субвенции да се даваат само при поставување на системи кои имаат Solar Keymark сертификат. Од кои причини?

Непостоењето на соодветни критериуми за квалитет штетно влијае на целокупната енергетска ефикасност на системите и создава ризици при нивното субвенционирање, бидејќи се трошат државни средства за системи кои во одредени случаи повеќе трошат отколку што заштедуваат. Исто така, заради несоодветни компоненти кои се некомпатибилни за климатските услови на македонското поднебје, несертифицираните системи се подложни на често расипување кое носи дополнителни трошоци, а генерално не придонесуваат за поврат на инвестицијата и создаваат недоверба меѓу корисниците.

Увезените сончеви термални колекторски системи не се сертифицирани. Истовремено, домашните производители на сончеви термални колектори, кои се произведени согласно ЕУ стандардите и се сертифицирани, при увозот на репроматеријали и компоненти плаќаат редовна царина со стапка од 10 до 15 отсто или повеќе, иако во Македонија нема производители на такви компоненти. Ова значи дека увозниците на несертифицирани сончеви термални системи не плаќаат царински давачки, додека домашните производител на системи со сертификати за квалитет плаќаат работна рака со сите обврски кои произлегуваат од работниот однос, ги покриваат сите фискални давачки кон државата, плаќаат за енергија, кредити за опрема, обртни средства, простор и згора на се мораат да плаќаат царински давачки  за компонентите за сончевите термални системи.

Нашето барање е во програмата да се предвиди дополнителен и задолжителен услов за добивање на субвенции за сончеви термални колекторски системи, односно надоместок да добијат само тие кои имаат купено и вградено колекторски систем кој има сертификат за квалитет Solar Keymark, издаден од страна на овластени сертификациски тела. Ваков пристап има Програмата за финансирање на зелената економија (GEFF) во Македонија каде има листа на производи кои се одобрени за субвенционирање. Секој производ треба да има минимум 75 отсто ефикасност, а тоа може да го докаже со Solar Keymark сертификатот.

Може ли попрецизно да ни објасните што значи Solar Кeymark сертификатот?

Заради унифицирање на стандардите за квалитет на сончевите термални колектори и системи, заради спречување на различни постапки за дефинирање на квалитетот на сончевите термални колектори, заради усогласување на оценки на квалитет на сончевите колектори и системи при апликација на тендери, субвенции и стимулации, во Европа се воведува единствен систем, Solar Keymark сертификат. Тој на крајните корисници им покажува дека производот е во согласност со релевантните европски стандарди и ги исполнува дополнителните барања. Solar Keymark има за цел намалување на трговските бариери и промовирање на употребата на висококвалитетни сончеви производи на европскиот пазар и пошироко. Се користи во Европа и низ целиот свет. Потрошувачите можат да бидат сигурни дека имаат производи со висок квалитет, гаранција дека продадениот производ е идентичен со тестираниот производ, потврда дека производите се целосно тестирани според релевантните стандарди и дека се кандидати за субвенции. Производителите пак добиваат поедноставна постапка за тестирање бидејќи еден тест важи за сите европски земји, слобода на избор меѓу акредитираните тест лаборатории, полесно воведување на нови производи во различни европски земји и поедноставени постапки за замена на компоненти во сертифицирани производи.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •