Словенија со развој на “паметни села” ги решава економските проблеми на руралните средини

- Advertisement -

Емилија Стојменова Дух е Македонка која живее и работи во Словенија. Таа е електроинженер и професор на Електротехничкиот факултет во Љубљана. Основач е и директор на мрежата FabLab Slovenia и на Digital Innovation Hub (DIH) Slovenia. Активна е во иницијативата за „паметни села“, која се имплементира под чадорот на Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионалниот проект #HiddenNoMore на Стејт департментот на САД, кој избра 50 жени од целиот свет кои се на битни позиции во науката, технологијата и математиката.

- Advertisement -

Стојменова Дух беше еден од говорниците на лансирањето на InnoTech Club платформата чија основна мисија е зголемување на свесноста во македонското општество за значењето и важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактoри за идниот економски развој на земјата. Иновативност е дел од овој важен проект!

Проф. Стојменова Дух може ли да не упатите во проектите во кои сте активни изминативе години?

- Advertisement -

Посакувам во Македонија и во Словенија да има што повеќе инженери, заради тоа што тие се тие што создаваат вредности. Словенија е на некој начин многу слична со Македонија, има еден урбан центар, Љубљана додека остатокот од земјата е рурална средина. Според европските мерила ниту Љубљана не е урбана средина туку suburban area. Заради тоа почнавме да работиме на проекти со кои сакавме да им помогнеме на руралните средини и да овозможиме младите да останат дома и да имаат можности за работа, развој и иновирање во локалните заедници.

Универзитетот во Љубљана, годинава одбележува 100 години постоење. Дел од него е и Факултетот за електротехника каде учат над 1000 студенти, а едни од најдобрите се од Македонија. Штета е што тие по студиите остануваат во Словенија, би сакала да се вратат назад и со знаењето што го имаат да и помогнат на државата во развојот.

- Advertisement -

Во мојата група има 14 вработени и не се сите инженери, бидејќи светот е мултидисциплинарен и за добри проекти ни требаат и инженери и економисти и правници. Имаме две гранки на проекти, едната е дигитализација за развој на рурални средини, а другата е дигитализација на економијата во целост. Почнавме во 2012 година, а целта е и руралните средини да бидат приближно развиени како и Љубљана. Заедно со министерството за јавна управа го реализиравме проектот Еngage, со кој сакавме да донесеме high speed broadband во целата држава, а резултат од него е 99 отсто од територијата на Словенија покриена со брз Интернет.

Следен чекор беше формирањето на FabLab мрежата во Словенија. Тоа е простор во кој се наоѓа опрема која секој може да ја искористи за своите идеи да ги испита или спроведе во реалност.

Што конкретно значи концептот FabLab?

Во 2014 година имаше FabLab само на Универзитетот во Љубљана, но потоа решивме да ги прошириме низ целата земја, за да може секој да ги користи. Сега има 29 лаборатории со ментори кои се на располагање и секаква опрема. Заевме дека не можеме насекаде да отвориме FabLab, па за да ги покриеме потребите на што повеќе луѓе имаме и мобилни лаборатории со кои одиме од село во село, од училиште до училиште и организираме настани. Направивме и попис на знаења и опрема што постои во државата и ги специјализиравме FabLab. Работиме на тоа да убедиме што повеќе луѓе да се вклучат во инжинерството, бидејќи во Европа има недостаток од 700 000 ИКТ инженери. Се надевам дека и голем број од младите во Македонија ќе изберат инженерска кариера.  

Концептот FabLab е земен од Универзитетот Стенфорд во САД и е прилагоден за Словенија. Тие обединуваат заеднички простор и ментори кои доаѓаат од редовите на учители, професори, но и пензионери, од кои можеме да искористиме големо знаење. Сите FabLab се специјализирани на локално ниво, во зависност од индустијата во една локална област.

Работите и на други европски проекти како Digital Innovation Hubs. Кои се придобивките од нив?

Во 2015 година бев вклучена и во Европската комисија во работната група за Digital innovation hubs. Концептите со FabLab се слични, па одлучивме да направиме национален Digital innovation hub. Го воспоставивме 4PDIH Словенија, (Private Public People Partnership DIH).

Фирмите, образованието, јавната администрација и заедниците се четирите столба на DIH. Сакаме сие да ги поврземе и да направиме студиски програми кои создаваат и образуваат кадри кои им се потребни на компаниите, како и програми за да преквалификуваме некои од кадрите на фирмите. Според студија на ОЕЦД направена во 32 држави кои работни места се во ризик заради автоматизацијата и дигитализацијата покажува дека во Словенија таа бројка е голема, 25 отсто од вработените. Доколку не добијат дополнителни компетенции овие работници ќе ги изгубат работните места. Заради тоа државата презема мерки да ги преквалификува, а и фирмите да добијат кадар кој ќе им биде потребен. Јавната администрација исто така мора да ги разбере сите можности на дигитализацијата, а и заедниците мора да знаат да ги користат дигиталните компетенции и решенија. За обезбедување на финансии за проектите работиме на различни европски проекти, интегрираме средства од приватни извори, а во последно време добиваме и пари од државата.

Еден од успешните проекти во Словенија се и паметните села. Може ли да ни го објасните концептот?

Тоа е проект на кој сум многу горда. Се работи за дигитална трансформација на руралните средини со цел луѓето да остануваат таму, бидејќи квалитетот на живот е многу повисок отколку во големите градови. Избравме четири региони каде што има луѓе со кои можеме да оствариме најдобра соработка. Тоа ни беше потребно заради воспоставување на концептот на локални херои. Тоа се луѓе кои се почитувани во својата средина, ги знаат потребите на локалната заедница, а нашата улога е да ги задоволиме со технологијата која ни е на располагање преку влијанието на локалните херои. Реализиравме повеќе проиекти во кои поставуваме wifi access point, обезбедуваме туристички тури, купување локални производи и друго. Сето ова не се примери на висока технологија, туку на апликативна технологија со која сакаме да ги решаваме проблемите на луѓето. Едноставно, ги бараме потребите и болките на луѓето и сакаме да ги решиме.

Во проектот паметни села инвестиравме во инфраструктура преку јавно-приватно партнерство со вклучување и на локалните бизниси. Немаме државна стратегија за паметни села, туку конкретно работиме на неколку пилот проекти, да покажеме што е можно да се направи во локалните заедници, а преку нив да дадеме одреден инпут во државата.  

Ќе го наведам примерот во една област во СЛовенија, каде туристите поминуваа но не застануваа да купат било што. Таа слика ја сменивме со та што воведовме бесплатен интернет на бензинската станица каде што најчесто застануваа странците и со конектирање на Интернет тие почнаа да добиваат информации за тоа што се има в селото во близина, што може да купат, каде може да јадат, да добијат купони за попуст и слично. Тоа значително ја промени економската ситуација во тоа место.

Сподели!
- Advertisement -