22 C
Skopje
недела, јули 5, 2020

Алексов: Промени во регулативата се неопходни за да живнат инвестициите од бизнис ангелите во Македонија!

Kabtel desktop

Деновиве стартап заедницата во земјава обединета преку организацијата Стартап Македонија поднесe иницијатива до Министерството за економија за измена на член 29 од Законот за трговски друштва и воведување на конвертибилен заем. За што конкретно станува збор? Зошто овие измени се неопходни за заживување на инвестициите во македонските стартап компании и какво ефекти ќе предизвикаат разговаравме со Дејан Алексов, претседател на  Стартап Македонија.

Разговараше – Верица Јорданова

Г-н Алексов, за каква иницијатива конкретно станува збор?

Станува збор за развивање на нов пристап до финансии за стартап компаниите во нивните почетни фази. Инвестирањето од страна на бизнис ангели веќе постои во нашата држава, меѓутоа постојат определени законски ограничувања кои што можат да го предомислат бизнис ангелот во намерата да инвестира.

Вакви разговори долго време се водат, постоеше обид да се направи посебен закон за бизнис  ангели, меѓутоа за почеток доволно е да се корегираат неколку работи во моменталната регулатива, без носење на посебен закон. Ова треба да го отвори патот кон носење на стимулациски мерки за инвестирање од бизнис ангели во иднина и со тоа развивање на нов пристап до финансии за стартапите.

Од каде потекна оваа иницијатива и кои беа/биле конкретните проблеми во пракса како резултат на што се јави и оваа иницијатива за законски измени?

Ние лоциравме две важни пречки, кои се надеваме дека ќе се надминат.

Досега, со самото инвестирање од страна на бизнис ангели, тие влегуваат во сопственичка структура во стартап компанијата каде инвестираат во истиот момент. Ова е ретка пракса во другите држави бидејки на почеток тешко се определува вредноста на една стартап компанија, па затоа и уделот кој што треба да го земе бизнис ангелот се определува тешко.

Преку воведување на конвертибилен заем, (заем што се трансформира во влог), бизнис ангелот ќе може да одлучи после неколку години дали воопшто сака да е дел од сопственичката структура во случај ако стартап компанијата не работи според очекувањата, но доколку има раст ќе може соодветно да се определи уделот според вредноста.

Членот 29 пак може да му оневозможи на инвеститорот да основа друга компанија, во случај ако претходно инвестирал во стартап компанија која има блокада на жиро сметка т.е. е презадолжена. Инвеститорите не се занимаваат со секојдневното работење на стартап компанијата, па затоа и не можат да бидат виновни ако некоја стартап компанија во која инвестирале се презадолжи.

Пред да се поднесе иницијативата Вие направивте и една обемна анализа на состојбите и климата за инвестирање на бизнис ангели во стартап компании. Кои се клучните сознанија од оваа компаративна анализа чија што цел е да се поттикнат измени во постоечката политика и да се отстранат пречките за инвестирање?

Анализата ја направивме со помош на “Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем”. Анализирани се законските решенија во други држави како и  финансиските бенефити од истите. Опфатени се држави кои што имаат усвоено мерки за стимулирање на инвестиции од бизнис ангели, аналогно во финансиската анализа, вкупната сума на инвестирање се зголемила. Опфатени се и држави кои што немаат усвоено значителни мерки, па согласно анализата немаат ниту многу реализирани инвестиции. Заклучокот од компаративната анализа е едноставен: државите кои што превземаат нешто на полето на стимулирање на бизнис ангелите, имаат видливи резултати и обратно.

Португалија има направено тројна програма за стимулирање на инвестиции од бизнис ангели во 2010, во графикот може да се забележи нагло растење на инвестициите во периодот после 2009та година. Мерките се состоеле во сертифицирање на бизнис ангелите, даночни стимулации и најважно, создавање на коинвестициски фонд.

Во графикот подолу се гледа дека Бугарија има стабилен раст на инвестициите и земјата главно практикува конвертибилен заем без други позначајни мерки. Словачка, пак, има констатен тек на инвестициите без имплеменатција на значајни мерки за стимулирање на истите. Сепак, оваа компаративна анализа покажа дека Македонија е најслаба на нивото на пријавени инвестиции од бизнис ангели до Европската мрежа на бизнис ангели

Кои се клучните препораки кои произлегоа од анализата?

Клучни препораки на анализата и иницијативата се дека пред да почнеме да работиме на законски мерки кои што ќе ги стимулираат ваквите инвестиции (создавање на ко-инвестициски фонд, сертифицирање, даночни стимулации и сл.) треба првин да ги тргнеме пречките од Законите и да овозможиме алатки преку кои инвестициите ќе бидат реализирани.

 Кои се Вашите и очекувањата на бизнис заедницата за конкретнава иницијатива?

Овие законски измени бараат мала интервенција во регулативата. Тие не задираат и немаат фискални импликации, па многу лесно можат да се воведат и да се практикуваат. Очекувањата се насочени повеќе кон надлежните органи за покренување на постапка за усвојување на иницијативата.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •