Документарецот „Медена земја“ доби две номинации за „Оскар“, и тоа во категориите за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Американската филмска академија денеска (13 јануари) во Холивид ја соопшти листата на номинирани филмови за најпрестижната филмска награда. Со ова „Медена земја“ стана првиот македонски филм што успеал да добие две номинации за „Оскар“.
– Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Ова е првпат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР – изјави тимот на „Медена земја“: режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцент и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.
Церемонијата на 92. издание на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари 2020 година во Холивуд.