Достава на пратки додека се движите, шетате или работите во урбана средина, која може да донесе дополнителна заработка и да го реши проблемот на изгубените и недоставени пратки купени на интернет, е идејата на тимот кој стои зад македонската апликација Kiimo. Апликацијата се развива речиси една година. Во моментов се тестира технологијата, дизајнот и употребливоста помеѓу различни таргет групи во три држави. Официјалната промоција е закажана за следниот месец.
За Kiimo, разговараме со Давид Павловски, основачот на компанијата. Тимот кој го развива овој иновативен проект се состои од петмина експерти со повеќе од десетгодишно искуство во своите области.
Разговараше- Сања Наумовска
Давид, дали може подетално да објасните каква апликација е Kiimo?
Kiimo е апликација во сегментот на економија на споделување, која што го решава проблемот на достава на пратки во урбани средини. Со зголемување на обемот на купување на интернет, луѓето се почесто се соочуваат со проблемот на ненавремено доставени или недоставени пратки. Тоа се случува затоа што логистичките компании се специјализирале и го оптимизирале процесот на доставување само на долги дестинации, на пример од Германија до Македонија, но сè уште немаат ефикасен начин за доставување во урбани средини.
Нашата апликација Kiimo цели кон тоа да го демократизира начинот на доставување преку вклучување на сите луѓе во процесот на достава. Тоа значи дека секој може да биде и испраќач и доставувач. Ние сме првата апликацијата која што ќе ги поттикне луѓето повеќе да пешачат, а со тоа и да заработат.
На кој принцип функционира оваа апликација и за каков тип на градови е наменета?
Kiimo е ГПС базирана аплиакација, што значи дека подигнувањето на пратките се врши од местото каде што се наоѓа испраќачот, во неговиот дом, канцеларија, во кафуле… Може да се доставува секакова стока или пратка и за тоа немаме никакво ограничување, освен се разбира за стоки кои се недозволени со закон.
Планираме апликацијата да биде промовирана и активна во Скопје, Загреб и Љубљана. Но, цел ни се градови со повеќе од два милиони жители од причина што само во таква средина ефектот целосно ќе биде видлив. Според нашите планови, официјалниот старт на Kiimo е крајот на јануари, во Македонија и во Хрватска.
На кој начин би ги заинтересирале клиентите да ја користат апликацијата Kiimo?
Секој доставувач добива 75 отсто од сумата платена за достава, што значи дека доколку доставата чини 100 денари, доставувачот ќе добие 75 денари. Веруваме дека оваа финансиска компензација е доволно атрактивна да привлече повеќе корисници.
Раскажете ни од каде идејата за ваков принцип на достава?
Во светот постојат повеке апликации кои што се занимаваат со доставување, но генерално се фокусирани на храната. Тој пазар е презаситен и во моментов во таа вертикала се води борба на намалување на цени, што значи дека мала е веројатноста некои од тие стартапи да биде профитабилен во брзо време. Од друга страна има и слични апликации кои што доставуваат секаков вид на пратки како www.postmates.com, www.rappi.com, www.glovo.com, но сите тие користат брендирани доставувачи кои мораат да носат термални ранци затоа што над 80 отсто од доставите се храна.
Како се осигурани пратките од губење или крадење?
Kiimo има четири начини за заштита од несакани настани:
- строго дефиниран on boarding процес и едукација
- рејтинг систем
- целосен опис на сите учесници во доставувањето со слика, име и презиме и краток опис…
- директна комуникација помеѓу испраќачот и доставувачот за целото времетраење на доставувањето
Дополнително, ние сите пратки со вредност до 40 евра целосно ги осигуруваме, а за пратките со поголема вредност нудиме додатно осигурување со важност само за времетраењето на доставата.