Најголемата 3Д печатена зграда во светот конечно е изградена во Дубаи. Двокатната зграда има површина од околу 640 квадратни метри и ќе се користи како канцелариски простор за администрацијата на Дубаи.
Дизајнирана е во соработка со американската компанија за 3Д печатење и градежништво Apis Cor, со седиште во Бостон. Иако има повисоки 3Д печатени згради во светот од оваа, како што е станбената петкатница Сужу во Кина, со висина од 27 метри, зградата во Дубаи има најголема површина.

Зградата беше испечатена на бетонска основа, на која 3Д печатачот правеше шупливи ѕидови користејќи мешавина од градежен шут, цемент, гипс и други состојки кои брзо се сушат. Тој материјал е околу 50% полесен од конвенционалниот бетон, а е многу поцврст и потраен. .
Кога печатачот ги испечатил ѕидовите, градежни работници го поставиле кровот, направиле отвори за прозорци и ги наполните ѕидовите со изолација. Кога структурите имаат помала површина од 50 квадратни метри, 3Д печатачот може да се постави на претходно утврдена трака и да работи самиот, но во Дубаи морал да биде поставен голем кран за да се придвижува 3Д печатачот.

Како што велат од Дубаи, овој проект е само почеток на нивните планови за правење 3Д згради. Градските власти сакаат до 2030 година 25% од сите нови градби да бидат 3Д печатени. Според проценките, со 3Д печатењето ќе се намалат трошоците за изградба за 90%, како и времето потребно за изградба.