Професор Марков: InnoTech Club ги мотивира младите да се вклучат во развој на науката и технологијата!

- Advertisement -

Д-р Зоран Марков е професор по механика на флуиди и хидроенергетика на Машинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој има меѓународно истражувачко искуство во Турбоинститут во Љубљана, Словенија, The Pennsylvania State University во САД, Универзитетот Ерланген во Германија, Vrije Универзитетот во Белгија, Норвешкиот Универзитет за наука и технологија и Аристотел Универзитетот во Грција. Марков, кој е експерт за хидроенергетика, гасоводни системи и пречистителни станици за отпадни води, е дел од тимот на InnoTech Club, проект поддржан од Владата на САД, преку Alumni Innovation Engagement Fund. Основната мисија на InnoTech Club е презентирање пред младите за важноста на науката, технологијата и иновациите како клучни фактори за идниот економски раст и развој на земјата и на оваа тема разговаравме со професор Марков.

Разговараше – Верица Јорданова

Пред два месеци официјално е лансиран Inno Tech Club, проект чија цел е да се промовираат науката, технологијата и иновациите. Кажете ни нешто повеќе за овој проект и неговите активности? 

- Advertisement -

Inno Tech Club е проект поддрржан од Владата на САД преку Alumni Innovation Engagement фондот, a чии напори се насочени кон организирање и одржување на настани преку кои младите би имале прилика да ја сфатат значајната улога на науката и технологијата во развојот на општеството. Овој проект е своевиден пристап кон одржлив економски развој во нашата земја бидејќи го стимулира активното учество на младите во проекти поврзани со технолошки развој и иновации и/или избор на професија која припаѓа на техничките науки. Настаните се предводени од страна на универзитетски професори, истражувачи, претставници на компании и т.н. кои директно им ги пренесуваат личните успешни приказни во науката и технологијата на младите. Целна група се средношколците и студентите кои на овој начин имаат можност да се поврзат со истражувачи, експерти, компании и истражувачки центри. Главната цел е спојување на учесниците од корпоративните и академските средини.

Членовите на тимот, кои го спроведуваат проектoт, имаа повеќе презентации на истиот во средни училишта, факултети, компании… Какви се реакциите од терен? Кој покажува најголем интерес за она што Вие го работите? 

- Advertisement -

Досега, најголем интерес постои кај студентите на техничките факултети кои сакаат да напредуваат, да ги увидат потенцијалните можности за практична примена на стекнатото знаење и начините за здобивање со нови вештини. Со оглед на тоа што презентациите ги одржуваат експерти од соодветната област, студентите добиваат информација од прва рака за личните искуства на нашите експерти со успешно спроведените проекти.

Од друга страна, интерес постои и кај средношколците, пред се, матурантите кои се соочуваат со одлуката за професионална определба. Тоа го покажуваат и резултатите од базата на досега регистрирани на платформата каде што најголемиот број од преку 700-те членови се средношколци.

- Advertisement -

Како универзитетски професор, од Машинскиот факултет кој е Вашиот совет до младите, зошто би требало или би било добро да изберат техничка струка како своја професионална определба? 

Инженерството има големо значење за развојот на технологијата и науката и без него не може да се замисли развојот на индустријата, што е клучно за одржување на економската стабилност и зголемување на стапката на економскиот раст во земјата. Инженерството се базира на употреба на научни принципи за да се дизајнираат и изградат машини и објекти кои му служат на човекот и општеството. Целиот процес чија крајна цел е корисен производ вклучува предизвици и нуди динамика во работењето со што се поттикнува истражувачкиот дух. За младите кои сакаат предизвици, инженерството им дава можност да изнаоѓаат решенија преку примена на технологијата. Во насока на реиндустријализација на земјата, моменталната потреба од обучени инженери е голема, што укажува на фактот дека инженерите високо котираат на листата на побарувачка на стручни кадри.

На Вашиот факултет има доста тимови кои работат на иновативни проекти, дел прераснуваат во стартап компании, дел преминуваат кон комерцијализација. Како ја поттикнувате ваквата проактивност кај студентите и професорите кои во голем дел се нивни ментори? 

Преку активностите кои се спроведуваат на Машинскиот факултет во Скопје, студентите имаат можност да работат на проекти што се применуваат во пракса, користејќи ги знаењата со кои се здобиле во текот на студиите. Поврзувајќи ги теоретското и практичното знаење, студентите работат и решаваат реални проблеми. Студентите можат да ги прикажат своите компетенции и да бидат забележени и од претставници на компании со што се отвораат можности за соработка.

Учеството на професорите и останатите научни соработници во овие активности е значајно, бидејќи студентите учат од искуствата на своите ментори и имаат шанса да се здобијат со знаења и вештини кои ќе ги применат во индустријата. Од друга страна, преку поврзување на факултетот и индустријата со овие проекти, од блиску можат да се разберат потребите на индустријата.

Македонија се соочува со интензивен бран на иселување, особено на младите. Како Inno Tech Club проектот ќе даде придонес кон намалување на овој тренд, кој е сериозна закана за економијата? 

Одливот на младите од нашата земја е особено изразен. Inno Tech Club се бори токму против оваа појава, односно се стреми кон промовирање на придобивките од вклучување на младите во развојот на науката и технологијата во земјата. Сепак, младите во Македонија имаат голем потенцијал и можат во иднина да се обликуваат во домашни експерти. Наша мисија е да им укажеме на овдешните можности за образување, усовршување и професионален развој, и прераснување во квалитетен кадар. На долг рок, ова би се одразило позитивно врз идниот економски раст на земјата.

– Кои се следните активности на Inno Tech Club?

Следна активност во рамките на проектот ќе биде Ino-caffe настанот во Битола во вторник (18.02.2020) во 18 часот.

– Како може да се стане член на Inno Tech Club и какви придобивки ќе имаат оние кои ќе се приклучат?  

Сите заинтересирани можат да се приклучат преку формата за регистрација на платформата:

https://docs.google.com/forms/d/1q4hqTdMz7SFrZHcLZ7WsHsPAYYQs7YJeL2EeAe–g18/viewform?edit_requested=true#responses

Со самото пријавување, ќе можат да добиваат информации за сите активности и настани во рамките на проектот, но истовремено ќе бидат дел од мрежа во која се споделуваат информации за активности на техничките факултети, како и конкурси и најави на компаниите кои се дел од Inno Tech Club платформата.

Сподели!
- Advertisement -