Скопските еко-автобуси ќе пристигнат до крајот на овој месец

- Advertisement -

Скопјани наскоро ќе добијат нови екоавтобуси, а првите треба да пристигнат во третата декада од месецов. Постојниот возен парк на јавното сообраќајно претпријатие е во мошне лоша состојба и честопати се случува некои од возилата да ги остават патниците на половина пат. За оние што беа набавени од Кина најчесто нема делови, па од претпријатието се снаоѓаат, за да ги оспособат и пуштат по градските сообраќајници. Јавниот градски превоз го потпомагаат и возилата на приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, но и тие имаат стари возила, најчесто набавени од земјите што ги отстраниле од својот јавен превоз. Според најавите на градските власти, месецов ќе пристигнат првите десет автобуси.

Тие, секако, ќе го подобрат јавниот градски превоз и нема да го загадуваат воздухот, бидејќи се еколошки. Оваа пратка на екоавтобуси е испорака од првата фаза од вкупно најавените 33 возила. Набавката на новите екоавтобуси ќе чини 10 милиони евра.

- Advertisement -

– Првите екоавтобуси на ЈСП-Скопје ќе пристигнат на 25 март. Станува збор за десет автобуси што ќе бидат во традиционалната боја на ЈСП – црвена. Сè уште не знаеме дали ќе бидат пет единечни и исто толку зглобни или, пак, соодносот ќе биде 6 со 4. Ќе пристигнат среде изборната кампања и некои ќе ме обвинат за тоа, ама таква ни е испораката, која беше договорена да оди фазно – вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Според процените што ги има направено градот со новите еколошки автобуси, годишно ќе се заштедуваат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ-честички.

Сподели!
- Advertisement -