ПОВИК ЗА НОМИНИРАЊЕ – НАГРАДИ ЗА ФИЛАНТРОПИЈА ОКО ЗА 2019 ГОДИНА
Здружението ХОРУС го објавува Повикот за номинирање за годишните Награди за филантропија ОКО за 2019 година.
Цел на Наградите за филантропија ОКО е да се препознаат и јавно истакнат компаниите, здруженијата и фондациите, граѓаните и медиумите кои несебично, долгорочно и на стратешки начин го помагаат и поддржуваат развојот на заедницата и да го промовира и стимулира развојот на филантропијата и културата на донирање во Р. Македонија.
Наградите ОКО им даваат можност на граѓаните, јавните институции, граѓанските организации и крајните корисници на донациите јавно да ја искажат својата благодарност кон донаторите. Од друга страна, наградите им даваат можност и на самите донатори да добијат поголема поддршка од јавноста за проектите во кои веруваат и со кои навистина придонесуваат кон заживување и развој на вредностите како солидарност, почит, етичност, човекољубие и добродетелство.
Наградите за филантропија ОКО се реализираат во рамки на проектот SIGN Up for Impact (SUfI) имплементиран од организациите-членки на SIGN – регионалната мрежа на локални фондации од Западен Балкан, а финансиран од Европската унија и Балканскиот фонд за демократија.
Наградите за филантропија ОКО за 2019 година ќе се доделат во следниве категории:
1. ОКО – Награда за корпоративна филантропија (посебна за големо, средно и мало претпријатие)
2. ОКО – Награда за индивидуален филантроп од Р. Македонија
3. ОКО – Награда за индивидуален филантроп од дијаспората
4. ОКО – Награда за здружение/фондација за посебен придонес кон развој на филантропските практики во Република Македонија
5. ОКО – Награда за медиум за посебен придонес кон развој на филантропските практики во Република Македонија
6. ОКО –Награда за воспоставено долгорочно-стратешко партнерство помеѓу деловниот и граѓанскиот сектор (заедничка награда за претпријатие и здружение/фондација)
Формуларите за номинирање можете да ги превземете на следниов линк: http://bit.ly/396HK04
Начин и рок за пријавување:
Пополнетиот Формулар за номинирањe и прилозите се испраќаат во електронска форма на е-мејл адресата nagradizafilantropija@gmail.com со назнака: Номинација за ОКО – Награди за филантропија 2019. Последен рок за доставување на номинациите е 13 март 2020 година до 17:00 часот. Сите номинации кои ќе бидат испратени по крајниот рок нема да бидат земени в предвид.
За сите дополнителни прашања во однос на Формуларот за номинирање или за самиот процес на избор, може да ни се обратите преку е-пошта на nagradizafilantropija@gmail.com со назнака Прашање за награди за филантропија.