На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) официјално беше отворено 10. издание на Меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција РОБОМАК, на кој 60 учесници од земјава и од странство ќе ги усовршуваат и надградуваат своите вештини од областа на роботиката, вештачката интелегенција, елетрониката и процесуирањето на сигнали.
Учесниците на натпреварот, организиран од Македонскиот огранок на ИЕЕЕ, во наредните пет дена ќе имаат можност да работат во двојки и да се натпреваруваат во шест категории: Self Racing Cars, Sumo, Line Follower, Maze, Machine learning и Sphero за кои ќе бидат организирани и предавања. В сабота на 14 март ќе се одржи големото финале на натпреварот на кое ќе бидат прогласени победниците во секоја од шесте категории, а в недела ќе им бидат врачени благодарници и пофалници на првите тројца од секоја категорија.
– Настанот РОБОМАК го организираме за да ги поттикнеме младите да се интересираат во областа на роботиката и вештачката интелегенција, бидејќи сметаме дека тоа не е толку актуелно во нашата земја и дека не е доволно развиено, изјави Ана Марија Трајковска еден од координаторите во Организацискиот тим на натпреварот.
Христијан Ѓорески доцент на ФЕИТ посочи дека годинава во организацијата на настанот поактивно се вклучени и професорите од ФЕИТ во доразвивањето на категориите.
– Годинава имаме една целосно нова категорија за машинско учење. Задачата за овој натпревар ќе биде да направат паметен алгоритам кој ќе го предвидува загадувањето. Ќе пробаме преку вештачка интелегенција и машинско учење да го решиме еден од најголемите актуелни проблеми на нашата држава, рече Ѓорески.
За продеканката на ФЕИТ, проф. д-р Соња Геговска Зајкова, во наредните неколку дена, ФЕИТ ќе биде место каде што шеесетина студенти – натпреварувачи, од кои 15 се гости од Србија и Грција, ќе имаат можност, следејќи ги предавањата на познати стручњаци, да се стекнат со нови теоретски знаења од областа на роботиката, електрониката и вештачкатa интелигенција.
– Следејќи ги минатогодишните искуства, и годинава, во неделата на роботиката ќе ги вклучуваме средношколците. Шеесетина ученици од четврта година од средните училишта ќе бидат вклучени во тимовите што ќе се натпреваруваат, рече Геговска Зајкова во поздравниот говор на отворањето на натпреварот.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски потенцираше дека РОБОМАК е веќе препознатлив настан не само за ФЕИТ, туку и за нашата држава и додаде дека заслужува да добие поддршка од државата.
– За многу од вас, кои сте последна година на студии, можеби ова ќе биде и последен ваков настан на Факултетот и веќе размислувате за тоа каде понатаму. Предизвикот со кој ќе се соочите кога ќе завршите со студии, ќе биде дали да заминете надвор од државата и своето знаење да го аплицирате во некоја европска или светска метропола или да останете тука. Можностите што ви ги дава овој факултет се големи и знам дека многу врати веќе ви се отворени. Но, ве уверувам и апелирам до вас дека најдобро е прво да пробате да успеете тука. Наша цел е да направиме се што е во наша моќ да ги обезбедиме сите предуслови, за да го направите вистинскиот избор и да не заминете, рече Манчевски.
Тој нагласи дека целта на Владата е да го развие иновативниот и претприемачкиот дух кај младите за да останат, тука во земјава и да развијат сопствен бизнис. Манчевски им порача на студентите дека на располагање им е Гаранцијата за млади, како и постојаните огласи на Фондот за иновации и технолошки развој, чии врати, како што кажа, особено се отворени за ИКТ индустријата.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски посочи дека нашите студенти заедно со 15 колеги од Србија и Грција во наредните неколку дена ќе креираат роботи.
– Горд сум што тие ги доближуваат технолошките достигнувања пред нас и создаваат роботи со вештачка интелигенција или машини кои размислуваат. Овие млади личности се граѓани на светот, рече Јанкуловски.
Учесникот на натпреварот Иван Костовски, студент на четврта година на ФЕИТ како одлична прилика за него го оцени учеството на РОБОМАК.
– РОБОМАК е одлична прилика да се надогради знаењето што се стекнува на предавањето. Јас се пријавив за категоријата Self Racing Cars. Првпат учествувам на натпреварот и сметам дека може дами помогне во мојата определба за иднината, изјави Костовски.