За митот дека сме богати со неограничена питка вода – Колку неодговорно ја трошиме

- Advertisement -

Зошто упорно веруваме во митовите дека водата која ја имаме е неограничена и дека може да ја трошиме неодговорно во огромни количини. Како да воведеме подобри навики за заштеда на вода во домаќинствата, но и во приватниот сектор?

Често се прашувам што е најголемиот придонес кој развојот на цивилизацијата го донел во мојот дом? Компјутерот??? Телевизорот??? Интернетот??? Електричната енергија???. Сето тоа го прави животот поубав, полесен, поразновиден. Или можеби само придонесува подолго да се задржам во домот. Повеќе внимание да посветам на социјалните мрежи, отколку на семејството, повеќе да знам што кажал некој угледен политичар, отколку што навистина се случува со моето дете. И не е тоа најзначајниот фактор да кажам дека ова не се најзначајните работи иако околу нив се употребува најголемиот дел од слободното време. Едноставно ќе се прашам можам ли без нив. Не, не можам. Бидејќи сум роб на навиките, колку и да се тие добри или лоши. 

Но, дали сето тоа ми треба? Ама има една работа која навистина ми треба, без која во голема мера ќе ми се промени животот, без која ќе се намали квалитетот на моето живеење и без која се можни сериозни поледици по моето здравје. Тоа е водата, водата со која се капам, ја одржувам личната хигиена, хигиената на мојот дом, хигиената на храната која ја јадам, го испирам тоалетот, со помош на која отстранувам голем дел од опасните отпадни материи кои се создаваат во мојот дом. Водата која извира од мојата чешма во неограничени количини. Или можеби грешам?

- Advertisement -

Да грешам, бидејќи не извира од мојот ѕид. Пред да дојде до мојата чешма некој ја проверил, обработил, ја внел во системот за дистрибуција, ja изградил целата потребна инфраструктура, вклучително и сите оние пумпни станици кои ја пумпаат и препумпуваат за на крајот од мојот ѕид да протече толку потребната вода. Грешам и дека е неограничена. Само имаме привилегија да сме меѓу малубројните кои имаат пристап до чиста и квалитетна вода. Која можете да ја користите и за пиење. За разлика од само неколку генерации пред нас, кога водата се носела од некоја јавна чешма. Пешки, на раце. Колку ќе донесам денес? Десет литри, можеби дваесет. И ќе појдам два пати. 

Дома денес ќе потрошиме вкупно 40 литри. Ама во современото живеење еден човек троши околу 150 литри вода на ден. Најмногу за одржување на хигиената, на пример само казанчето во тоалетот е околу 1/3 од вкупната потрошувачка на вода во еден дом. Најмалку за пиење, некаде читав дека треба да испијам околу 2 литри вода на ден. Не знам дали се брои кафето, пивото, сокчето…. Но тоа се мали количини. Знам, водата од чешмата е отровна за мене, прочитав на интернет. Ќе купувам вода за пиење. Многумина укажуваат и докажуваат дека има нешто во водата од чешмата. И има, ама минерали кои ни се неопходно потребни. Дали на водата која ја купувам пишува чиста дестилирана вода? Или пишува чиста изворска вода? А што ли беше Рашче? Можеби беше чист извор? Но, постојано се одлучувам да пијам вода транспортирана од преку 100 км. Или пак мене стандардот ми овозможува да пијам вода транспортирана неколку илјади километри. Многу убаво звучи кога ќе викнам во кафеана дете донеси уште една ………… (пополнете со едно од оние убави милозвучни странски имиња кои така прекрасно се тркалаат по јазикот кога ги изговараш). 

- Advertisement -

Инаку јас сум еколошки освестен, голема работа што за да се донесе таа вода до софрата во кафеаната каде јас сум главна фаца се потрошени повеќе литри на фосилно гориво, емитирани се значајни количини на јаглероден диоксид во атмосферата. Ама срамота е да нарачам вода во бокал. Ем соседните маси ќе ме гледаат накосо, ем сопственикот не може да ја наплати таа вода. Ако таму не даваат вода од чешма, некој друг можеби ја нуди и таа услуга. Па ако треба и нека ја наплати…  Мислам дека треба да се разбере дека водата е енергија, без разлика дали некој ја транспортира неколку илјади километри да ја донесе до тука, или ја пумпа со пумпи кои трошат електрична енергија за да ја донесе до мојот дом. И треба соодветно да ја третираме.

Но, да се вратам на втората грешка. Не е неограничена. Дури не е неограничена ниту во мојата чешма. Само е многу евтина, па така ја третирам. Често и велам на најдобрата сопруга на светот (не, не е ова онаа на Ефраим Кишон, само сфатив дека мојата е подобра): „Жено пушти чешмата да истече, жеден сум“. После завршување на прегледот на омилената интернет страница одам да се напијам. Ладна, свежа истечена вода, прекрасно чувство. Комшијата од седми кат немал вода, па што бараше на седми да купува стан…. Ваквото однесување ми е останато уште од прво одделение кога учев дека мојата татковина е богата со се и сешто, шуми, води, плодни почви, руди, минерали… Зошто би штедел кога сме богати?

- Advertisement -

За жал можеби погрешно ми кажале. Водата која тече од мојата чешма, чиста, безбедна слатка вода е еден од ресурсите кои полека исчезнуваат. Зошто? Па водата се наоѓа во постојано движење. Го учевме како кружење на водата. Водата ќе испари, водената пареа ќе кондензира во погорните студени слоеви на атмосферата, па ќе се врати како врнежи. Ќе падне на почвата, ќе се впие во неа, ќе стигне до изворите, реките, океаните (и до мојата чешма) и повторно ќе испари. А испарувањето е чудото што ја прочистува водата, нема солена водена пареа. Ама ние ја загадуваме и атмосферата (покрај се друго), водата по својот пат се среќава со сето на што ние го испуштаме во воздухот. Свесно или несвесно, сеедно. Па што и ако фати нешто од воздухот, почвата и другите геолошки слоеви ја прочистуваат. Ама водата има едно својство, кое беше „водата е универзален растворувач“. На својот пат кон подземјето ќе раствори се што може да се раствори, пред се оние толку потребни минерали, но и се она што ние сме го внеле во почвата, сме го фрлиле, сме се раатисале од него. Па и сето она што е резултат на човековите активности а на некој начин се процедува во подземјето најверојатно ќе стигне до водата. И уште многу што природни, што создадени од човека извори на загадување. На крајот имаме се помалку чиста слатка вода.

И тука одеднаш доаѓаат климатските промени. Постои висок степен на сигурност дека климатските промени сериозно го нарушуваат овој циклус на кружење на водата. Воздухот станува потопол, прима во себе поголеми количини на водена пареа и оние пеколно топли денови ќе ни стануваат се потешко издржливи, заради поголемата релативна влажност на воздухот. Но, не е само тоа, се менува и распоредот и количината на врнежи. Истражувањата велат дека Јужна Европа ќе има намалување на количините на врнежи, но и дека временскиот распоредот на врнежите ќе се промени. Ќе има силни, интензивни и подолготрајни суши, но ќе има зголемена појава и количина на интензивните врнежи. И одеднаш мојот пријател водата почнува да ми станува непријател. Предизвикува несреќи, катастрофи, глад…  

Знаеш, исто како оние другине, читам на порталите јас, информиран сум. Само другар ми не е таков, тој е баш фин… Можеби не е до другите, можеби е до мене, не сум ги сослушал, не сум ги сфатил нивните промени, нивните потреби. Или читам погрешен портал. Верувајте не е до водата. До мене е. Додека Грета Тунберг ги убедува светските моќници да преземат нешто за климатските промени, тие биле најбогатите, тие можеле, јас сепак мислам дека е до мене. До нас е. Можеби јас треба да се променам да направам нешто. Да преземаме акција за заштеда на водата.

Каде да почнам. Па од дома, од каде друго. Не можам јас да седнам со големите чичковци во Давос и да има солам памет. Ама ако 30% од водата трошам за испирање на тоалетот, можам да купам казанче со два волумени на испирање. За мала и голема работа. Малата е многу почеста, а пуштаме иста количина на вода. Но, баш сега не ми е до купување ново казанче, викање мајстор, батали. Ама можам едноставно да го подигнам капакот на казанчето и да ја завртам навртката со која се регулира пливката, па наместо 10 литри со секое испирање да се испушта да кажеме 8 литри. Тоа е 20% заштеда. Или можеби, не е тоа за мене, пак мајстор треба. Ама сигурно можете да ставите едно пластично шише во казанчето. Или неколку помали. Со секое испирање ќе заштедите вода колку што е волуменот на тие шишиња. Еве уште неколку примери. Доколку сакате да пиете ладна вода, ладете ја во фрижидерот, а не со долготрајни испуштање на водата. Доколку полевате градина, правете го тоа со градинарска канта за полевање. Или инсталирајте ефикасен систем за наводнување. Но, не го оставајте цревото да тече со часови. Размислите за набавка на уреди кои трошат многу помалку вода (машини за перење алишта и садови). При набавка на машината за миење садови, размислете за помала, соодветна на вашите потреби. Сменете ја рачката на тушот со посовремена, штедлива со помал проток. Или некои ситни работи, како затворете ја чешмата дур ги миете забите, скратете го времето на туширање. Да не заборавам, задолжително поправете ги сите чешми кои капат и пуштаат вода. И погледнете во тоалетната школка, многу често треба да се преземе интервенција на казанчето доколку водата потполно не мирува.

Можеби веќе знаете но еве уште еднаш, земјоделството е глобално најголемиот потрошувач на слатка вода. Кај нас се проценува, дека земјоделството користи преку 60 до 80 % од водата (зависи од истражувањето). Често пати сум истакнал дека земјоделците управуваат со 50% од земјиштето во државата, преку 60% од водата и претпоставувам дека во нивните штали и кокошарници има многу повеќе животни отколку што ги има во природната средина. Затоа сметам дека тие се најбитниот сегмент во заштитат на животната средина и природните ресурси. Водата во земјоделството се троши исклучително неефикасно. Кај наводнувањето со гравитациски техники (се уште кај нас доминираат браздите) непродуктивно се троши и преку 50% од водата. За разлика од оваа техника капковото наводнување има ефикасност од околу 90%. Еве како се штеди вода. Но не се сите култури и сите постоечки системи погодни за наводнување капка по капка. Затоа мора да се истражуваат и други начини за заштеда на водата во земјоделството. Пред се мислам на напредните дигитални технологии.

И уште нешто. Водата што ја јадеме. Верувале или не ние дневно изедуваме околу 3500 литри вода. Ова се однесува на така наречениот воден отпечаток на храната. Така за производство на еден килограм сува материја растенијата трошат преку 300-500 литри вода и повеќе. Многу се интересни инфо-графиците на ФАО и некои други организации кои се однесуваат на отпечатокот на водата на некои земјоделски и прехрамбени производи. Така за едена шолја чај се троши 35 литри вода, а за една шолја кафе дури 140 л. вода. За да се произведе една чаша пиво се трошат 75 литри вода, за чаша вино 120 литри, за чаша сок од јаболка дури 190 литри а за чаша млеко 200 литри вода. Ако испиете пак чаша вода за нејзе се потребни само 0,2 литри вода. На вас е да одберете. Ако изедете едно јаболко сте изеле 70 литри вода, а со еден домат само 13 литри. Едно парче леб е 40 литри вода, едно јајце е 135 литри вода. Еден хамбургер дури 2400 литри вода. Во принцип сточарските производи трошат многу повеќе вода бидејќи за да се добие единица производ во сточарството потребно е неколкукратно повеќе растителна храна. Е тука може да настапите вие. Воведете вегански ден во вашата исхрана. Денес ќе јадам исклучиво растителни производи.

Глобално се трошат огромни количини на вода да се произведе храна. Според некои податоци дури 25% од светските ресурси на вода годишно се трошат за производство на храна која никогаш нема да биде изедена. Преку 1/3 од произведената храната завршува како отпад. Во развиените земји преку 50% од овој отпад се создава во домаќинствата. Сигурно тешко ќе се одлучите за производи кои не ги задоволуваат стандардите, но обидете се да купувате умно, да готвите умно, да нарачувате умно во рестораните, само колку што ви треба, онолку колку можете да изедете.

Приклучете се, преземете #КлиматскаАкција, штедете вода.

Автор – проф. Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна е експерт со 30 годишо искуство, објавено над 100 публикации, со особен придонес во теми како климатски промени и нивното влијание врз земјоделство, заштита на водите и почвата, техники на наводнување и други.

Сподели!
- Advertisement -