Од денес започна со функционирање http://www.thrivity.mk првата алатка за пребарување (Search engine) за луѓето кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат.
Под слоганот „Заслужуваш добра работа“ овој иновативен концепт значително ќе го подобри стандардниот процес на барање на работа и наоѓање кандидати за работа, обезбедувајќи знаење за двете страни земајќи ги предвид потребните бихевиорални компетенции и квалификации за секоја работна позиција.
Тривити ќе ги поттикнува луѓето и компаниите на едноставен начин да приоѓаат кон процесот на барање работа и вработувања. На тој начин, покрај егзистенцијалните придобивки, им се нудат и можности за професионален раст и развој, креирајќи успех.
Овој пребарувач нуди иновативен концепт кој значително ќе го подобри
стандардниот процес на барање работа и на наоѓање кандидати за работа затоа што поттикнува отворен, транспарентен и конкурентен пазар на труд на кој компетенциите и квалификациите се патот до работно место.
„Уверени сме дека компаниите во Македонија за кратко време ќе ги препознаат вредностите на „Тривити“ и ќе станат дел од нашата платформа, односно лицата кои се амбициозни и кои посакуваат работа според своите способности, знаења и компетенции, ќе пополнат лични профили и спојувањето ќе започне.
Наша искрена цел е да ги инспирираме лицата да ја пронајдат работата според својот потенцијал, а компаниите да добијат високо мотивирани и ангажирани вработени кои ќе ја сакаат својата работа“, изјави Поликарп Арсеновски од компанијата АПОД која е носител на овој проект.
Тривити претставува синергија на модерната технологија и на искуствата во областа управување со човечки капитал, како и со процесот на претселекција и селекција, а со фокус на бихевиорални компетенции.
Производот е резултат на стратешко партнерство меѓу тимовите на АПОД, консултантска фирма во областа на управување со човечки капитал, и на ХАСЕЛТ, една од најиновативните македонски ИТ компании, која несебично покажа интерес уште од првиот разговор и активно се вклучи во развојот на Тривити.
Како работи Тривити?
Тривити е платформа за спојување каде луѓето (индивидуалните профили), од една страна, и компаниите, од друга страна, ќе креираат свои профили користејќи однапред дефинирани критериуми.
Кога компанијата ќе објави оглас, THRIVITY ќе започне со пребарување и ќе ги идентификува потребите наведени во огласот, ќе ги поврзе со потенцијалните профили/луѓе и, во реално време, ќе ѝ испрати листа на потенцијални кандидати на компанијата.
Листата што ќе ја добие компанијата е целосно анонимна, односно компанијата не е во можност да ја види професионалната биографија на кандидатот.
Ако сака да пристапи на некој од предложените профили, компанијата ќе испрати барање за контакт, а потоа кандидатот (индивидуалниот профил) има можност да го прифати или да го одбие барањето.
Во целиот процес кандидатот има комплетен увид на компанискиот профил и на огласот којшто е објавен. Професионалната биографија на кандидатот ќе биде видлива за компанијата само ако тој/таа го прифати барањето за контакт.
Како поддршка на платформата, тимот на „Тривити“ го става на располагање целото свое искуство и знаење во областа за консалтинг и поддршка преку кариерен центар, кој ќе функционира како посебен сектор во нејзини рамки. „Кариерниот центар Тривити“ е наменет за лицата кои бараат работа, размислуваат за промeна на работното место или за развој на нивната кариера.Користењето на услугите на кариерниот центар е целосно бесплатно и со него „Тривити“ дава придонес кон професионалниот развој на секој поединец.
Платформата „Тривити“ е поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој на Република Северна Македонија.