Додека корона вирусот ширум Европа секојдневно убива илјадници луѓе, една земја се истакнува по нискиот број на смртни случаи, пишува Bloomberg.
Словачка е земја без излез на море со нешто помалку од 5,5 милиони жители. Таа ги затвори училиштата, продавниците и границите пред да го направат тоа останатите европски земји, освен Италија.
Тие мерки вродија со плод. Шест недели после првиот случај на зараза во Словачка, земјата има само 18 смртни случаи. Според податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“, Словачка има најмал број на смртни случаи по жител во цела Европа. Gлавниот здравствен инспектор на Словачка, Јан Микас, нареди полицијата на граница да го сопре конвојот со скијачи кои се враќаа од Австрија и сите да ги стават во карантин. Кај 60 луѓе од тој конвој подоцна е утврдено присуство на корона вирусот.
Граѓаните почнаа да носат маски уште пред Владата официјално да ја воведе како задолжителна превентивна мерка, а регионот на Братислава, плашејќи се од италијанското сценарио, ги затвори училиштата два дена откако беше забележан првиот случај на Ковид-19.
Како и многу други европски земји, Словачка деновиве се подготвува за олабавување на мерките за спречување на ширењето на заразата за да се ревитализира економијата. „Ако продолжат овие трендови, ќе можеме да кажеме дека сме едни од земјите во светот кои најдобро се справуваат со корона вирусот“ велат властите.