14 C
Skopje
вторник, јуни 2, 2020

Биљана Муратовска: Дигиталните алатки сериозно ја олеснија работата на транспортерите, најпогодени од Корона кризата!

Kabtel desktop

Биљана Муратовска, генерален секретар на асоцијацијата на превозници „Макам Транс“ во интервју за Иновативност зборува за тоа како македонските превозници се справуваат во Ковид кризата која најсилно го погоди овој сектор, за мерките за помош кои ги бараат од Владата и за дигиталните алатки кои во голема мерка им помогнале за брз проток на информации и за олеснување на работата во овие вонредни услови

Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија “МАКАМ–ТРАНС“ претставува најголемо и најактивно здружение на работодавачи на превозни трговски друштва во Република Северна Македонија. 

Разговараше – Верица Јорданова

  • За почеток кажете ни каква е моменталната состојба со транспортната индустрија во земјава во контекст на Корона кризата?

Нашето стопанство е увозно ориентирано и зависи од работата на стопанството на државите од ЕУ и пошироко, што значи дека превозниците се соочуваат со огромен дефицит на стока за превоз и тоа не само за Македонија туку и за превози кои пред кризата ги извршуваа меѓу другите држави.

Времето за кое се завршуваат одредени превози се зголеми, капацитетите со кои работат превозниците се намалени за 50%, а материјалните штети од кризата допрва ќе се пресметуваат. Фактот дека превозните трговски друштва беа вброени во првиот сет на економски мерки на Владата за најзагрозените дејности укажува на големото влијание на кризата во овој оддел од гранката транспорт.

Генерално транспортот е прв кој го погодуваат: политички, економски, здравствени кризи, временски услови и фактот дека има изразен сезонски карактер на вршење на услугата. Транспортот е услуга и нема никакво добро / стока која може да ја чува на залиха, па во подобри услови истото да го продаде. Напротив, се случува и консумира во моментот, а сега се соочуваме со „мртов капитал“ кој стои неискористен и е паркиран ширум територијата на нашата држава.

  • Како ги поминавте изминатите два месеци и колку всуштност беше важна регионалната соработка во време на КОВИД-19? Иако Макам-Транс веќе има воспоставено одлична соработка со здруженијата на регионално ниво, во ситуацијата со КОВИД-19 неопходна е и засилена, поширока соработка на меѓународно ниво

Изминатите два месеци беа особено турбулентни за Асоцијацијата од повеќе аспекти, со цел да може да се овозможи непречена работа на превозниците Асоцијацијата изработуваше дозволи за професионални возачи кои се потпишуваат од Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за да може изјавите кои ги потпишуваат возачите за самоизолација да не важат во случај на потреба за вршење на превоз.

Од друга страна, од исклучителна важност беа информациите за состојбата на границите во регионот и пошироко. Со цел навремено информирање на сите превозници од регионот и пошироко се случи здружување на здруженијата на меѓународно ниво, се оствари комуникација, сплотеност и брза соработка помеѓу Асоцијацијата Макам-транс со здруженијата на превозници од Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Италија, Романија, Унгарија, Турција, Полска, Грција, Швајцарија, Франција, Белгија, Литванија, Шпанија, Молдавија, Арменија, Азербејџан и Грузија. Со оваа остварена комуникација сите информации за промени, застои, затворање на граници, организирање на конвои и правила кои треба да ги почитуваат сите засегнати страни брзо и навремено стигнуваа до сите превозници со цел олеснување на превозот во овие тешки времиња.  

  • Неодамна направивте апликација (подготвена со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем)  чија што главна цел е да се иницира поголема размена на информации помеѓу возачите и превозниците и  да се олесни транспортот. Дали и колку се користеше апликацијата во време на кризава и колку истата се покажа како корисна алатка?

      Во изминатиот период значително се зголеми бројот на корисници на апликацијата Makam-trans Communication како можност за споделување на информации од терен, проверка на забрани по држави и добивање на информации за состојбата на патиштата.

Со цел зголемување на бројот на корисници и подобрување на ширењето на информации од терен, Асоцијацијата има во план да склучи меморандум за соработка со регионалните здрженија при што ќе ги вклучиме и превозниците од регионот да може да ја преземат и да споделуваат информации со своите колеги од регионот. Овој меморандум поради новонастанатата ситуација е предвидено да се склучи електронски.

  • Дали користевте и некои други дигитални алатки во оваа криза кога голем дел од бизнис операциите мораа да се преориентираат онлајн?

Како што наведовме погоре, Асоцијацијата има за обврска да ги изработува дозволите за професионални возачи кои се потпишуваат од ДСЗИ и за таа цел поради големиот број на дозволи кои пристигнуваа, на барање на Асоцијацијата се изработи апликација во програмскиот јазик C# за брзо генерирање на истите.

Вработените во Асоцијацијата од почетокот на кризата работат од дома, секоја работа која дозволува се завршува по електронски пат со мејлови и телефонски разговор со членството за соодветна помош и поддршка.

Асоцијацијата со поддршка од проектот на УСАИД исто така минатата година изработи нов програм, кој содржи повеќе делови, сметководствен програм, електронска архива, менаџирање на документи и слично што исто така допринесе за поголема флексибилност во работењето од дома на вработените.

Покрај ова во голема мера се користи и “online chat-от” за комуникација, кој е дел од веб страната на Асоцијацијата, а е изработен како дел од веб апликацијата со поддршка на проектот на УСАИД.

  • Со какви предизвици се соочуваат превозниците во ситуацијата со КОВИД-19?

Речиси во сите држави се воведоа временски ограничувања за утовар и истовар на стока, како и транзит низ нивна територија. Во Бугарија се дозволени 24 часа за утовар и истовар на стока, во Србија се дозволени 12 часа за транзит, во Унгарија исто така има 24 часа утовар и истовар на стока. Во Македонија 5 часа за транзит и 24 часа за утовар и истовар на стока, ова се ограничувања кои многу влијаат на превозниците бидејќи секое непочитување на погоренаденото органичување може да значи или носење на возачот во карантин или парична казна. Во однос на забрани поради високата ризичност во Италија, одредени држави воведоа забрана за влез на превозници кои доаѓаат од Италија. На почетокот Словенија, Хрватска и Србија враќањето на превозниците од Италија го регулираа со конвои, додека сега е регулирано со временски ограничувања, обележани паркинг простори на кои смеат возилата да застанат,а доколку ги прекршат овие правила се соочуваат со соодветни финансиски глоби.

Од друга страна, во делот на регулативите имаше олеснувања во работното време кое треба да го почитуваат возачите, со продолжување на работно време, време на возење и кратење на времето за одмор. За жал, наместо усогласување на ниво на сите држави постојат разлики во донесените одредби во овој дел што може да резултира со казни за непочитување на работното време при контроли по поминување на вонредната состојба од страна на контролни органи во државите кои имаат право да контролираат период од 28 + 1 ден.

Мора да се нагласи дека во услови кога се формираа конвои и имаше преземање на конвоите од една во друга држава, поради заморот и предолго управување со возилото, имаше сообраќајни незгоди, па дури и смртни случаи поради предизвикување на верижни судари, со еден збор условите за извршување на работната задача на возачите во овој период беа и се максимално отежнати и ризични за нив, за возилата и стоката која се превезува.

  • Кои се вашите препораки за мерки за помош на превозниците и секторот и иницијативи за лобирање поддржани од Проектот?

Мерки кои од наша страна се доставени до Влада за олеснување на економската криза се:

1. Субвенција на име додаток за ризик од Корона вирус за професионални возачи.

2. Замрзнување на наплата на камата и ануитети за месеците април, мај и јуни 2020 година

3. Да се вратат поголемите износи за поврат на ДДВ.

4. Да се одреди плаќање на рати за фонд за патишта (минимум 6 месеци) или да се одобри компензација за побарувањата кои превозниците ги имаат од Јавното претпријатие по основ на претходно платен надомест за патишта.

5. Да се намалат патарините за користење на патната инфраструктура во државата за 50 % од постојната цена.

6. Да се укине наплата на надомест за царински терминали кои се во сопственост на државата и со кои управува Царинската управа или Дирекција за технолошки индустриски развојни зони.

7. Неселективно одобрување на кредити без камата.

8. Во целост да се укине пресметување на камата за задоцнето плаќање на даночен износ и споредните давачки кон УЈП до крајот на годината.

9. Да се применуваат споредбени показатели како и при одобрување на поволни кредити без камата и во анализата да се земе во предвид споредбени податоци за месеците април 2019 / април 2020 година и за ефектите од зголемен обем на вработени, односно набавени возила.

10. Да се овозможи аконтацијата за данок на добивка да се одложи за подолг период од одредените три месеци за микро, малите и средни трговски друштва, а за големите субјекти со остварена добивка од  2019 година од и над 1 милион евра да се одреди зголемена месечна аконтација за плус 2%.

11. Субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.

12. Да се донесе нова Уредба за начинот на распределба, дистрибуција и ревизија на искористеноста на дозволите за меѓународен превоз на стока.

13. Да се воведе обврска за враќање на дел од акцизите за комерцијални превози согласно член 7 од Директивата 2003/96/ЕЗ – мерка која е дел од иницијативите за лобирање поддржани од проектот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •