23 C
Skopje
петок, септември 25, 2020

Иновација која ќе ја промени индустријата! Роботската рака на студентите од Машински факултет е многу попрецизна од човечката!

TMF desktop 19.08.2020

Роботската рака SCARA, која може да се користи во повеќе индустриски гранки е дело на студенти на Машинскиот факултет. Проектот се работи во рамките на Project Hub, а мултидисциплинарниот тим под менторство на проф. д-р Зоран Пандилов го сочинуваат електроинженерите Тодор и Горан Кусигерски, Бобан Кусигерски и Фросина Максимоска, апсолвенти на Машински факултет и Емилија Ташева, апсолвент на ФЕИТ.

Разговараше – Сања Наумовска

Project Hub е добар начин да се разбуди иницијативата за развој на проекти во студентите од повисоките години од Машинскиот факултет. SCARA е само еден од проектите со кои апсолвентите навлегуваат во потребите и функционирањето на реалниот сектор, особено на индустријата.

За проектот за роботската рака, предизвиците за нејзиното креирање и очекувањата на студентите, разговараме со еден од членовите на тимот, Бобан Кусигерски.

Бобан, што е роботска рака SCARA? Kоја беше идејата да се направи ваков продукт?

SCARA е акроним за Selective Compliance Assembly Robot Arm, роботска рака која може да се користи за пренос и монтажа. Се користи во индустријата и има употреба во сите гранки. Може да служи за прецизно земање и оставање на елементи или за нанесување на слој со спреј. Корисна е за автоматизација на производство, односно за замена на луѓето за вршење на повторливи операции на преместување на предмети во кои е потребна голема прецизност.

Предизвикот на тимот кој работи на роботската рака беше да проектира и направи комплексна машина, со интегрирање на механички и електронски компоненти. Тој дојде од потребата да покажеме дека и во нашата држава може да се проектираат софистицирани машини, кои можат да ги ослободат луѓето од изведување на едноставни, повторливи операции во процесот на производство. Со роботската рака би се зголемила продуктивноста на работа и човечкиот труд би се користел за изведување покомплексни задачи.

Нашиот проект е прототип на SCARA роботска рака со три степени на слобода, две ротации од 180 степени на рамото и лактот и линеарно движење по z – оска, а вертикалното движење е со помош на навојно вретено кое служи за придвижување на целата платформа на која стои раката. Електронското управување на роботската рака е преку SCADA апликација, со која може да се задаваат рачни команди за придвижување на чекорите и DC моторите, да се активира режим за учење и да се вршат пресметки за инверзна кинематика за позиционирање на раката доколку се познати координатите. Роботската рака може да зема предмети со помош на вакуум всисувалка и компресор, кои не се потешки од 250 грама.

Тодор, Бобан и Горан Кусигерски

Која е предноста и иновативноста на вашиот прототип, во однос на други слични производи?

Предноста на роботската рака SCARA е всушност во комбинацијата на евтините компоненти и сопствените интелектуални капацитети да се развие прототип. Целта ни беше да дизајнираме, развиеме и направиме упростена роботска рака со функција да транспортира објекти, користејќи стандардни компоненти. Предусловите ни беа да користиме релативно евтини механички елементи или пластични елементи произведени со 3D печатач, стандардни електронски компоненти и евтин микроконтролер. Роботската рака неодамна ја презентиравме на RoboMac 2020 кој се одржуваше на ФЕИТ, пред студенти од нашата држава и од Србија, Грција и Романија.

Досега сè уште не сме добиле понуди за истата да ја реплицираме со поголеми димензии и поголема носивост, меѓутоа се надеваме дека тоа бргу ќе се случи.

Во која фаза е развојот на овој иновативен производ?

Во моментов роботската рака е функционална и работиме на нејзино понатамошно усовршување. Во моментот Емилија Ташева работи на имплементација на компјутерско гледање со помош на камера, со цел роботската рака да добие дополнителен степен на интелигенција за да врши идентификација на објекти и автоматско позиционирање.

Дали иновациите ви се предизвик со кој би се занимавале и понатаму во кариерата или некој од вас гледа кариера во реалниот сектор, на пример во некоја фабрика?

Бобан: Сметам дека иновациите се неопходни за да може да се движиме напред. Од друга страна и образованието стекнато на Машинскиот факултет отвора многу врати кон вработување во производната индустрија.

Фросина: Мислам дека иновациите претставуваат предизвик за секој студент, па така и за мене. Потребна е голема доза на креативност и знаење и со задоволство би се занимавала со иноваторство, ако имам можност. Сепак, би сакала мојата кариера да ја започнам во некоја фабрика од производната индустрија. Така ќе го искористам знаењето што сум го стекнала овие четири години и ќе ја согледам разликата меѓу теорија и пракса.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •