По предлог на Министерството за економија, Владата ја усвои новата уредба за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во државава, во висина од 20 милиони евра. Уредбата е наменета за приватниот сектор и за сите компании кои продолжија со работната дејност во време на пандемијата. Целта на оваа мерка е да се помогнат домашните компании кои ќе загубат пазарите, повторно да ги вратат назад. Мерката треба да ја зголеми продуктивноста на компаниите, ќе ја зголеми конкурентноста и ќе се модернизира целиот процес.
-Сите компании кои во текот на 2020 година имаат реализација на инвестициски проект или ќе изготват таков проект што ќе се реализира оваа и следната година, ги исполнуваат условите за користење на помошта. Оние кои работат во производствени сектори кои се дефинирани за производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно законот за контрола на државна помош, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
Компаниите со вкупен приход од милион до десет милиони евра во изминатата година, може да добијат до 100.000 евра. За компаниите кои оствариле приход од 10 до 50 милиони евра следуваат 140.000 евра и 200.000 се предвидени за компаниите кои оствариле повеќе од 50 милиони евра вкупен приход во 2019 година.
-Финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализацијата според инвестицискиот план кој ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании со вкупен приход не повисок од еден милион евра. Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31.01.2021 година да достави извештај за текот на реализацијата на планот, со докази дека истиот се реализира во рамки на инвестициониот план, појаснува Бектеши.
Оваа уредба се разликува со законот кој е во сила, бидејќи Министерството за економија им дава можност на сите компании кои се во дејност на трговија да направат нови инвестициски објкети и се овозможува и на IT компаниите да добијат финансиска поддршка, доколку нивните инвестиции опфаќаат поставување на нови организациони единици за технолошки развој и истражувања и развој на ново софтверско и хардверско решение.