Месец на македонските автори – платформата за аудио книги „Самоглас“ со нови изданија

- Advertisement -

По своето објавување во јавноста на почетокот од оваа година, тимот на Самоглас – веб платформата за аудио книги на македонски јазик, во изминатите шест месеци напорно работи на продукција на нови содржини. Со оглед на фактот што овој месец се одбележуваат јубилејни 75 години од усвојувањето на македонскиот правопис, Самоглас месецот јуни го посвети на македонските автори и нивните дела. Започнувајќи со „(С)Плетени раскази“ на Оливера Ќорвезироска и „13“ од Жарко Кујунџиски, до крајот на месецот на платформата ќе се најдат дела од Владимир Мартиновски и Горан Стефановски.

Од Самоглас велат дека за време на целиот период на рестриктивните мерки за движење, бројот на корисниците на платформата се зголемил дури за 23%. „Ова за нас е јасен показател за интересот за и вредноста на Самоглас, особено во време кога нашите библиотеки се затворени за корисниците. Зголемување на бројот на читатели делумно е резултат на рестрикциите кои дозволуваa повеќе слободно време поминато во домашни услови. Аудио книгите, освен што се начин за корисно поминување на тоа слободно време имаат и огромен бенефит за менталното здравје. вели Ангела Стојановска од Самоглас.

- Advertisement -

Младите актери кои стојат зад аудио платформата за време на вонредната состојба решија да најдат алтернативен начин во продукцијата на аудио содржини преземајќи ги потребните мерки за заштита. Со што успешно ја реализираа кампањата #СамогласОдДома на која се приклучија нивни колеги, студенти, дипломирани актери, режисери и професори од Факултетот за драмски уметности – Скопје. Со нивната помош и несебично позајмување на своите гласови, а со користење на нивните мобилни телефони аудио библиотеката на „Самоглас“ се збогати со шест нови книги и над триесет нови гласови.

„Во блиска иднина планираме збогатување на функционалностите на Самоглас, во најголем дел фокусирани на player-от и сакаме да го оптимизираме сајтот за да понуди најголема ефикасност при користење од страна на слепите и лица со оштетен вид и лица со дислексија. Со малку среќа во изнаоѓање на финансии, до крајот на годината може да се очекува и мобилната апликација“ додава Стојановска.

- Advertisement -

Доколку се уште се немате регистрирано, тоа може да го направите бесплатно на samoglas.mk за помалку од 30 секунди и да уживате во аудио библиотеката со над 20 изданија.

За сите оние кои сакаат да се во тек со Самоглас, можете да ги следите нивните официјални профили на социјалните мрежи Facebook и Инстаграм.

Сподели!
- Advertisement -