Барбара Фишер е инвеститор, основач на компанијата Arena Ventures која работи со основачи на технолошки стартапи и им помага да ги развиваат бизнисите. Во рамки на нејзиниот ангажман со швајцарската програма за претприемништво Swiss EP, таа има увид во македонската стартап сцена и тоа беше повод да поразговараме со нејзе.
Разговараше – Верица Јорданова
Може ли да ни раскажете нешто за вашето професионално искуство и како дојдовте да работите со стартап заедницата во нашата земја?
Во 2005 година ја основав В2В SaaS компанијата Marketing Tech, која ја продадов во 2012 година. После неколку работни позиции во глобални корпорации, ја основав Arena Ventures во 2016 година затоа што сакав да работам со основачи на технолошки стартапи и да им помагам да ги развиваат бизнисите. Со Arena им помагаме на стартапи ширум Европа во нивниот бизнис развој и целокупниот инвестициски процес при собирање на финансиски средства.
Во 2019 година се запознав со тимот на програмата Swiss Entrepreneurship Program (Swiss EP) во Цирих и почнавме да соработуваме. На Балканот работам претежно со жени претприемачи и жени на лидерски позиции. Со локалниот тим на Swiss EP им помагаме на жените основачи со пренос на знаење, развој на капацитети и различни услуги со цел нивните бизниси да растат побрзо. Меѓу услугите кои ги нудиме се работилници за бизнис стратегија, предавања за инвестициски процеси и индивидуални менторски сесии. Исто така, ми беше чест да бидам дел од иницијативата Womenpreneurs Stories и 5-дневниот буткамп за седум жени основачи кои по прв пат основаат компании и се радувам на идната соработка и зајакнувањето на капацитетитe на оваа заедница.
- Какви се вашите импресии за македонскиот стартап екосистем и потенцијалот за успех на стартапите? Што мислите за моменталните услуги и можности кои постојат за раст на стартапите?
Квалитетот на стартап екосистемот во Македонија е доста висок. Запознав доста одлични компании на полето на финансиската технологија, технологијата за добро и технологијата за едукација и верувам дека тие имаат потенцијал за интернационален успех. Според мене, она што недостига е транспарентен преглед на македонските инвеститoри. Има приватни и институционални инвеститори во Северна Македонија, но честопати стартапите не знаат дека тие постојат.
- Што мислите, кои се главните предизвици за македонскиот стартап екосистем?
Предизвиците во Македонија се во голем процент исти како и за другите европски стартапи. Основачите мора да најдат инвестиции за изработка на прототипови, да привлечат вистински таленти, успешно да го скалираат бизнисот итн. Од тој аспект, Македонија не е поинаква од другите земји.
- Мислите ли дека македонските стартапи се зрели за инвестиции и дали имаат добри познавања на инвестициската терминологија?
Повеќето од стартапите кои ги запознав во контекст на мојот ангажман со Swiss EP имаат добри познавања од тековната инвестициска терминологија. Се разбира, стартапите во зачетна фаза честопати имаат потреба и од помош во одредени аспекти од процесот на собирање средства, како, на пример, кои опции за инвестиции се достапни за нив или правните процеси околу самата инвестициска процедура. Многу од македонските стартапи кои ги сретнав се зрели за инвестиции. Сепак, некои од нив избрале да растат органски и инвестициски процес ќе почнуваат кога ќе бидат подготвени за интернационална експанзија.
- Што би им препорачале на стартапите во поглед на преговорите со инвестициските фондови?
Како што и секој инвеститор би извршил проверка на основачите и на компанијата, им советувам на стартапите добро да ги проверат инвеститорите, било да се тоа ангели инвеститори или фондови за ризичен капитал. Според мене, најважно е да се направи добар спој меѓу стартапот и инвеститорите од аспект на културата. Најпосле, таа бизнис соработка ќе трае повеќе години и сигурно секој сака да најде луѓе со кои сака да работи и со кои дели исти вредности.