Марко Станкоски, Александар Атанасов, Михаел Берберу и Јане Јаневски се студенти на Машинскиот факултет во Скопје кои долго време се познаваат и делат заедничка пасија и фасцинација кон воздухопловството. Тие, во рамките на Project Hub на Машинскиот факултет, го создадоа тимот D.R.E.A.M. што е акроним на Drones rules everything around me и е инспирирано од безвременската класика на хип хопот, песната на групата Вутанг Клан – C.R.E.A.M. (Cash rules everything around me). Под водство на менторот доц. д-р Јована Јованова, која моментално е професор на TU Delft во Холандија, тимот создаде беспилотно автономно ВТОЛ летало со крилја инспирирани од лилјакот. Нивната уникатна идеја и научниот труд на кој се базираат крилјата на леталото, е официјално прифатен на научната конференција SMASIS 2020, која се смета за една од најпрестижните научни конференции за паметни материјали, адаптивни структури и интелегентни системи во САД и тимот може да добие шанса да го презентира онлајн на самата конференција.
Тимот D.R.E.A.M. за Иновативност ги сподели нивните проекти, идеите и плановите и желбите за во иднина.
Што всушност претставува беспилотното автономно летало?
Јане Јаневски: Се работи за дрон кој е управуван од далечина, кој воедно поседува дополнителни опции на автономност, како што е летање по зададени координати, лебдење и други специфични функции. Се одлучивме да изработиме летало кое е симбиоза од предностите кои ги имаат авионите и хеликоптерите и класичните дронови – квадкоптери. Леталото има можност да полетува и лебди како хеликоптер, односно класичен дрон и потоа да прејде во авионски режим на лет. Ваквиот вид на летало се нарекува ВТОЛ. (од анг. Vertical Take Off and Landing). Во денешно време доста се цени модуларноста на производите па затоа покрај класичните функции како што е снимањето одлучивме да го прилагодиме леталото да се користи како платформа за испитување на дизајн на крило, а модуларноста се реализира преку лесната промена на видот на крилја. Самото летало, заедно со компонентите од кое е составено, е еден вид летачка лабораторија и е полезен инструмент за факултетот, кој би се користел за истражувања на идните студентите заинтересирани за авијацијата и автономни летала.
Колку долго се подготвуваше проектот од идеја да дојде до комплетна реализација?
Марко Станкоски: Може да се каже дека за идејата размислуваме веќе неколку години но, активно работиме една година. Многу ни помогна тоа што имавме добра замисла што сакаме да направиме, посебно во изборот на потребните делови и материјали. Постојат мал број на видови на вакви летала, главно поради техничките проблемите поврзани со транзицијата на летот. Ние се обидовме да внесеме иновативност преку формата на крилјата кои се посебно наменети за ваков тип на летало. Крилајта се био-инспирирани од крилјата на лилјаците и се резултат на научен труд на кој посветивме добар дел од времето. Научниот труд на кој се базираат крилјата на леталото ни е официјално прифатен на научната конференција SMASIS 2020, која се смета за една од најпрестижните научни конференции за паметни материјали, адаптивни структури и интелегентни системи (SMASIS – Smart Materials, Adaptive Structures and Intelligent Systems) која ја организира Американското здружение на машински инженери ASME (The American Society of Mechanical Engineers) во САД. Трудот е прифатен во секцијата на био инспирирани системи и има голема шанса да го презентираме онлајн на самата конференција годинава.
Ваквата конфигурација со три мотори на ВТОЛ летало е ретка, бидејќи најчесто, а воедно и најлесно е да се направи ВТОЛ летало со четири мотори, поради сродноста на веќе доста развиеното поле на дроновите – квадротори. Специфична за нашето летало е и ротацијата на предните два ротори и гасењето на задниот мотор по потреба, зависно од режимот на лет. Бидејќи повеќето од работите од практична гледна точка се новост за нас, дел од времето го потрошивме и на испитување на материјалите заедно со начинот на изработка, на начинот на лет, поврзувањето и сл. За жал, поради настаната ситуација, само започнавме со изработката на физичкиот прототип за да го докажеме нашиот концепт на летало и ни останува да го доработиме. За време на изолацијата го усовршивме дизајнот и се стремевме максимално да се подготвиме за да можеме што побрзо да го изработиме леталото во првата можна прилика. Но, поради добрата подготовка, како и советите и помошта од ентузијасти и експерти кои ги делат нашите страсти, сметаме дека изработката ќе помине брзо и лесно.
Кои се вашите планови за леталото, размислувате ли за негова комерцијализација?
Марко Станкоски: Главната примена на леталото, во рамки на ProjectHub и Машинскиот Факултет е да биде платформа за учење, развој и испитувања во областа на аеронаутиката. Затоа и избравме многу напреден, но и флексибилен контролер на лет, кој може да се користи за повеќе видови на проекти кои не се ограничени само во сферата на аеронаутиката. Во овој поглед сметаме дека создадовме соодветна основа која може да се надградува од идните студенти, кои исто така се ентузијасти за оваа наука. Во поглед на комерцијализација на производот, имаме конкретни идеи за неговата примена. Веќе стапивме во контакт со една компанија што ни помогна за да ги дефинираме специфичните потреби во индустријата во која има голема примена овој вид на летало и да ги земеме предвид тие барања при разработка на нашиот дизајн. Секако, не треба да ги заборавиме и неколкуте ентузијасти кои ни споделија практични знаења кои ги добиле при долгогодишно занимавање со ова хоби.
Од кога датира љубовта кон воздухопловството која резултира со овој проект?
Александар Атанасов: Ние подолго време се познаваме и имаме и претходно работено на некои проекти и натпревари. Сите не спои желбата и фасцинацијата за воздухопловството. Јас, Марко и Михаел таа фасцинација првично ја споделивме на една летна школа за авијација, каде што започнавме да размислуваме како можеме понатаму да ја изучуваме и практично изведуваме аеронаутиката. Од таму се појави идејата да направиме воздухопловно летало и нешто повеќе од обичен воздухоплов, па така дојдовме до ваквиот вид на ВТОЛ летало. Како претходни учесници на засебни проекти на ProjectHUB при МФС, сметавме дека најдобро е за наредниот предизвик на проекти да го предложиме беспилотното летало. Меѓувремено, се најдовме со Јане, кој исто така дели голема страст према воздухопловството и бил во тим за проекти на ProjectHUB. Многу сме благодарни на доц. д-р Јована Јованова, која од почетокот беше отворена за соработка и максимално не поддржа во реализацијата на проектот.
Сметате ли дека авијацијата и аеродинамиката се интересни теми кои ги интересираат младите и кои сакате посериозно да се обработуваат во наставните програми?
Михаел Берберу: Летањето отсекогаш била и ќе биде фасцинантна идеја за човекот, кој одамна им се восхитувал и ја имал желбата да ја имитира способноста на животните кои летаат. Авијацијата има многу напреднато во последните 100 години, посебно при крајот на минатиот и почетокот на овој век, со појавата на беспилотните летала, ефикасноста на моторите и напредната технологија на борбените авиони. Младите, но и постарите, се доста заинтересирани за авијацијата. Кај нас постојат и голем број на аеро клубови и форуми, каде што ентузијасти и професионалци ја споделуваат фасцинацијата кон оваа наука. Со самиот напредок на глобалното производство, а со него и поевтинетата електроника, моделарството и радио-управуваните и автономните летала, авијацијата како хоби станува се попристапна и бргу се шири интересот кај помладите генерации. Зборувајќи со многу наши врсници, можеме со сигурност да кажеме дека има голем интерес за правење и летање на воздухоплови и дронови и дека тој интерес се повеќе ќе расте. Колку што знаеме, наставните програми во нашата држава се главно фокусирани на стручно усовршување на воздухопловни техничари, чија работа е одржување на воздухопловите. Ова соодвестува и на барањата на пазарот на труд на нашата држава, каде што главно само се одржува воздухопловниот транспорт. Се надеваме дека во иднина, ќе имаме капацитети и за понапреден развој во аеронаутиката или пак за производни капацитети поврзани со неа.
Како ги оценувате можностите за развој кои ви ги нуди факултетот и Project Hub? Што значи за вас значи работата на ваков тип проекти?
Михаел Берберу: Машинското инженерство е едно од најшироките и најраспространетите инженерски полиња кое дава одлична основа за понатамошен развој во дополнителни специјализирани инженерски струки. Машинскиот Факултет, покрај формалното високо образование, ни пружа многу шанси и за дополнително неформално образование токму преку ваквите натпревари и проекти кои ги воведува. Како што може да видиме, модерниот свет се менува се побргу и побргу и главната карактеристика на било кој пазар денес, е неговата динамика. Една од суштинските промени кои ги согледуваме е промената на секојдневната работна динамика – имено, се согледува трансформација на тековното и постојано работење, во нов вид на проектна работна средина каде работните задачи со кои се среќаваме на дневно ниво се сите врзани со одредени проекти на фирмата. Тоа значи дека темпото на работата и работните обврски се различни за секој нов проект и токму поради тоа треба да се владее знаењето кое останува константно во текот на промената на овие проекти а тоа е проектниот менаџмент. Проектите од типот на Project Hub се исклучително важни бидејќи не оспособуваат со вештините и знаењето за менаџирање на проектите – како што е менаџирање со ресурсите, финансиите, времето, деловната комуникација и справување со конфликтите, идентификација на проблем и се разбира, неговото решавање. За жал, иако овие знаења се сржта на денешното работење, академските средини не ги акцентираат многу.
Доколку не работиме на ваков тип на проекти губиме еден голем и значителен дел од нашето образование и креираме еден вид на непоткрепена и лажна самодоверба. Академскиот успех, иако е за восхитување, креира делумна илузија на кометентност која не секогаш е основана на практични и прагматични основи. Project Hub го престравува лекот за тој проблем, една тешка доза на реалност која не тестира, челичи и спрема за понатамшен кариерен развој по дипломирањето и напуштање на студиите и на академскиот свет.
Како ја замислувате иднината во вашата струка и вашата лична во таа струка?
Александар Атанасов: Иднината на нашата струка е дефинитивно поврзана со вештачката интелигенција. Класичното машинство сигурно нема да исчезне, но се понагласена е потребата од комбинирање на механиката со електроника и софтверско програмирање. Очекуваме софтверските алатки и програмски пакети кои ги користевме при изработка на проектот да се усовршат до тој степен така што би ги замениле класичните методи на дизајнирање и изработка на прототип. 3Д принтерите ќе бидат со доволна прецизност и квалитет што ќе овозможи да се смени пристапот на производство и развој на производите. Во самиот процес очекувам да биде применета и виртуелната реалност со што уште повеќе би се забрзало добивањето на квалитетен производ. Ова ми дозволува да кажам дека иднината во нашата струка ветува се поинтересни моменти кои би биле привлечни за сите млади и амбициозни личности кои сакаат предизвик и можност да го подобрат светот околу нив. Мојата лична иднина ја гледам во сферата на воздухопловството, кое за жал во Македонија не е доволно развиено, но заедно со моите колеги од тимот DREAM се трудиме да им докажеме на сите вљубеници во оваа сфера дека и кај нас може да се достигнат одлични резултати и дека може да се направи летало кое ќе биде функционално. Ни се оставари сонот да работиме на ваков вид на проект, кој ги надмина нашите почетни замислувања. Во денешницата, идеите лесно стануваат глобални и сакаме да ги охрабриме младите да ги следат своите амбиции и да не престанат да се усовршуваат во облстите кои им се омилени.