Македонија повторно се најде на дното според економскиот раст во регионот. Европската комисија соопштува дека само земјава, заедно со Албанија се единствените држави во Западен Балкан и Турција, кои не оствариле раст во првите три месеци од годинава.
– Македонската економија стагнираше во првиот квартал, односно забележа незначителен раст од само 0,2%, додека Албанија завршила во минус од два и пол проценти. За разлика од нас, првите три месеци во останатите држави, завршиле во позитива. Најголем пораст на економијата имала Србија од дури 5%. Следи Црна Гора со 2,7%, Босна и Херцеговина со зголемување од 2%, а дури и Косово има минимален раст од 1,3 отсто“, се наведува во извештајот од ЕК.
– Македонија, се вбројува и меѓу земјите со најголема невработеност од 16,2%, заедно со Црна Гора со стапка од 16,3%. Стапката на невработени е помала во другите држави. Србија има најниска невработеност во регионот од 9,7%. Во Албанија таа изнесува 11,9%, а во Турција 13,8%. За другите држави нема податоци за колку се зголемил бројот на луѓе без работа во првите три месеци, но според последните расположливи податоци, Косово е неславен лидер во регионот по невработеност од речиси 26 отсто, а во Босна и Херцеговина таа изнесувала 15,7% на крајот на минатата година“, пишува во извештајот.
Во Македонија, уште полоши резултати на економски план се очекуваат во периодот од април до крајот на јуни. Државата не успеа да собере доволно од даноци и придонеси, додека трошоците растеа за да се ублажат последиците од корона кризата. Буџетските приходи во првите 6 месеци беа пониски за 9%, а расходите скокнаа за речиси 10%.
Најлоши резултати, особено во поглед на собирањето на даноци имаше во април и мај. Дефицитот се продлабочи на 420 милиони евра или на 3,8% од БДП на крајот на јуни. Јавниот долг достигна 53,3% од БДП на крајот на мај по повлекувањето на парите од меѓународните финансиски институции.
Ова е пораст од 2,6% на јавниот долг за само два месеци и тоа без позајмените пари преку еврообврзница од 700 милиони евра. Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека не е задоволна од бројките, но се обиде да ја смири состојбата велејќи дека можело да биде и полошо. Владата очекува македонската економија да заврши во рецесија годинава од минус 3,4%. Европската Комисија и ММФ се песимисти и излегоа со проекции дека минусот ќе достигне 3,9, односно 4%.