Управата за јавни приходи откри милиони евра злоупотреби со државната помош за исплата на минималецот од 14.500 денари.
Дел од сопствениците на над 700 компании во Скопје, Тетово, Струга, Гостивар и Куманово зеле пари од државата, но ниту денар не префрлиле на работниците или, пак, им исплатиле помалку од минималецот.
Како што истакна директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, станува збор за 281 работодавач кои во април примиле финансиска поддршка во износ од 9.995.565 денари, но не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени. Лукаревска посочи дека 427 компании во мај воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, иако добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.
Други компании на 52.465 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле на сметките на работниците 1,5 милиони евра помалку. Најголем дел од компаниите се од дејностите трговија на мало, подготовка на оброци и служење храна, транспорт.
„Управата за јавни приходи располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени“, рече Лукаревска.