За младата иноваторка Софија Дацева комињето не е отпад, туку суровина за нови производи

- Advertisement -

Софија Дацева има само 25 години, но и солидно претприемничко искуство. Таа веќе има две компании, преку кои планира да создава нови и иновативни производи, за кои како суровини користи нус продукти. Во моменти кога светот се соочува пандемија и предизвик како да продолжиме да живееме и да оставиме што помал еколошки отпечаток, идејата која ја води Софија напред е свет со нула отпад. Нејзината идеја е и една од победниците на натпреварот за „Зелени идеи“ на АРНО. Компанијата „Вајс груп“ работи на преработка на комињето, кое е остаток од производството на вино, во мултифункционален адитив за производи од прехранбената индустрија. За Иновативност, Софија ја раскажува својата приказна и соништата за иднината.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Софија, објасни ни што е „Вајс“ адитив и зошто е иновативен производ?

Во светот, на годишно ниво се произведуваат над 13 милиони тони комиње, а само во Македонија повеќе од 22.000 тони комиње годишно. Тоа е нус производ кој се јавува при процесот на производство на вино и иако е многу корисен продукт, останува неискористен. По повеќе од година ипол активности за истражување и развој, Вајс Груп разви иновативен технолошки процес на екстракција на три здрави карактеристики од комињето: актиоксиданси, растителни влакна и обојувачи за храна. Toa овозможи развој на мултифункционален адитив од комиње уште познат како ВАЈС Адитив. Во моментот, компаниите кои се занимаваат со производство на прехранбени производи користат три различни адитиви за да ги добијат овие својства, додека ВАЈС адитивот претставува еден производ со три функционалности. Ова всушност ќе биде поздраво и економски исплатливо решение за произведувачите од прехранбената индустрија.

- Advertisement -

За што конкретно и во кои се индустрии може да се користи преработеното комиње?

Адитивот од комиње може да има многу широка примена, но се разбира за тоа потребни се и детални истражувања како и експерименти кои би го потврдиле истото. Во моментот нашата компанија експериментира во три различни сектори од прехранбената индустрија, мелничко-пекарскиот, кондиторискиот и млечниот сектор. Комињето го тестиравме во повеќе конкретни производи како леб, сладолед, бонбони, а последниот експеримент ќе се фокусира и на додавање адитив во сирењето. Морам да нагласам дека адитивот во сите индустрии се покажа успешен и корисен, па затоа во првата година планираме да се фокусираме само на овие три сектори. Веќе имаме интерес од четири фабрики во Македонија, а заинтересиранoст има и од  Обединетото Кралство.

- Advertisement -

Дали и од процесот на преработка на комињето останува уште некој друг нус продукт, што можеби ја поттикнува твојата иновативност и ти дава идеја да го искористиш?

Во процесот 80 отсто од комињето се искристува, а останатите 20 отсто, кои се состојат од гранки, инсекти и други нус-производи се отстрануваат пред отпочнување на технолошкиот процес. Се разбира бидејки и тие се органски, можат да се допреработат понатаму и искористат како органско ѓубриво. Всушност, тоа е и една од целите кон кои се стреми нашата компанија, односно развој на циркуларен бизнис модел со нула отсто отпад, но за тоа се разбира потребни се време и дополнителни ресурси.

Идејата е една од победниците на АРНО. Какво е чувството да дадеш твој придонес во справувањето со отпадот од винската индустрија кој е еден од поголемите закани за животната средина?

Чувството, да бидам една од победниците на натпреварот на национално ниво беше супер, особено земајќи го во предвид фактот што идејата беше презентирана пред голема комисија која ја сочинуваа претставници од повеќе институции што константно се заложуваат за подигање на свеста на бизнисите и граѓаните за потребата од позелена економија како и за позитивно влијание врз животната средина. Да се победи за мене значеше и дека мојата идеја е валидна и изджана, а целиот труд кој бил вложен во изминатите година ипол не е залуден. Во однос на придонесот кон животната средина, тоа е нешто за кое размислувам веќе подолго време. Се трудам постојано да придонесувам почнувајки од сама себе како индивидуа, бидејќи знаците кои природата ни ги испраќа се сè поголеми и не треба да бидат занемарени. Сега, преку ВАЈС Груп, ќе можам и да го зголемам мојот придонес. Не сметам дека отпадот од винската индустрија е еден од поголемите закани за животната средина. Во нашата држава има и друг вид на отпад кој претставува поголема закана. Но, сметам дека низ годините комињето станува сè позначајна тема на разговор бидејќи сè повеќе градови го чувствуваат проблемот, посебно и поради непрописното отстранување кога често завршува фрлено во реките и канализациите.

Преку мојата бизнис идеја ќе им се помогне и на локалните мали винарии не само со откуп на отпадот, туку и со поставување на специјални канти каде ќе може да го складираат комињето, за ВАЈС Груп да го земе и преработи во мултифункционален адитив.

Ова не е твојата прва иновација, веќе работиш на друг уникатен продукт- сладолед со вино. До каде е развојот на овој уникатен производ?

Сладоледот со вино е мојата прва иновација на која започнав да работам уште во 2017 година. Тогаш ја основав и мојата прва компанија – Матриошка (www.the-matryoska.com), додека ВАЈС Груп ја основав во 2020 година. Сакам да нагласам дека, иако се две различни компании, тие се тесно поврзани меѓу себе. Иновацијата кај сладоледот од вино е самиот технолошки процес кој во иднина ќе биде и патентиран. Иако идејата за комбинирање на вино и сладолед звучи атрактивно, процесот е многу комплексен. Главната причина е разликата во точките на замрнзнување на виното, која варира од -13 до -18 Целзиусови степени, во споредба со онаа на сладоледот која е 0. Нашиот технолошки процес се состои во покачување на точката на мрзнење на виното на нула степени, по што ќе може да биде измешано во сладоледот во вид на гелна смеса. Така, крајниот производ ќе претставува сладолед од вино, каде едно канче од 150 милилитри ќе има еквивалентен ефект како конзумирање една чаша вино.

Овој проект е во многу понапредна фаза, односно веќе имаме развиено оптимизиран прототип и во моментот ја градиме фабриката каде ќе се произведува. Фабриката ќе биде лоцирана во Македонија, додека првичниот пласман ќе биде во Обединетото Кралство, таргетирајќи го ХоРеКа секторот. Веќе имаме заинтересирани купувачи, меѓу кои и ланецот на хотели „ХолидејИн“ во Англија, кампуси на повеќе престижни универзитети како и елитни ресторани во Лондон. Всушност, идејата за мултифункционалниот адитив се појави додека работев на оптимизација на основната смеса на винскиот сладолед. Имено, во еден момент сакав мојата идеја да има поголем позитивен импакт и врз клиентите и врз животната средина. Во тој период имав и можност да посетам повеќе винарии и така се соочив со проблемот кој тие го имаат со комињето. Првично, земав примероци од него, го преработивме и го вметнавме во винскиот сладолед, надевајќи се дека крајниот резултат на адитивот ќе биде тој да го обои сладоледот виолетов. Но, кога ги добивме анализите увидовме дека всушност комињето е богато и со многу други состојки корисни за човековото здравје, па ги поврзав двете работи. Од една страна, комињето се третира како отпад, а од друга страна има толку голем потенцијал. Така и започнав да истражувам и денес успеавме успешно да развиеме два производи – поздрав вински сладолед и мултифунцкионален адитив од комиње.

Како дојде на идејата да експериментираш со вино и отпад од винска индустрија, каква е твојата лична поврзаност со виното?

До двете идеи дојдов бидејќи сум љубител и на двете состојки, односно на вино и на сладолед, па сакав да се обидам да ги комбинирам во еден производ. Кога открив дека во моментот на светскиот пазар не постои компанија која го направила тоа, односно успеала да го задржи винскиот алкохол во сладоледот, одлучив да се обидам да бидам прва. Патот беше многу тежок, но никогаш не се откажав и на крајот успеав. За адитивот од комиње, иако го открив доста спонтано и сè уште е во рана фаза на развој бидејќи има навистина широка примена, добив поддршка од повеќе институции која ми овозможува да работам на него. Се надевам од наредната година и двата производи ќе бидат во продажба, па сите ќе може и да ги пробаат.

Како соработката со Фондот за иновации и технолошки развој влијаеше на развојот на твоите пронајдоци?

Фондот за иновации и технолошки развој всушност ми овозможи да ги реализирам моите проекти, прво винскиот сладолед, а неодамна и мултифункционалниот адитив од комиње. Во Фондот првпат аплицирав уште во 2018 година, но тогаш бев одбиена. Добив повратни информации како да се подобрам и ги следев препораките, па така вториот пат ми овозможија да го реализирам мојот проект. Соработката е одлична, Фондот овозможува не само парична поддршка, туку и самиот проект е направен на начин кој му помогна на мојот старт-ап да воспостави добри менаџмент практики уште од самиот почеток. Дополнително, ми овозможува и константна поддршка во форма на експертиза. Средствата ми помогнаа да ги усовршам прототиповите, а консултантите кои тие ги обезбедуваат ми помогнаа и при процесот на поврзување со заинтересирани клиенти на Европскиот пазар. Искрено им го препорачувам на сите кои сметаат дека имаат добра идеја и сакаат да започнат свој бизнис.

Како иновациите станаа дел од твоето секојдневие?

Моите додипломски студии ги завршив во Лондон, каде се фокусирав на финансии и претприемништво, додека постдипломските ги завршив на Универзитетот Варвик во Ковентри каде се специјализирав во иновации и претприемништво. Всушност, кога ги започнав додипломските студии јас бев убедена дека сакам да работам во финансии, а особено интересна ми беше анализата на ризици. Сепак, како што се развивав низ годините открив дека всушност повеќе би сакала да работам во своја компанија, главно и поради мојот карактер, секогаш сум била склона да превземам иницијатива во тимот, како и поради ризиците и динамиката која старт-ап компаниите ја нудат.

Мојата прва иновација беше сладоледот од вино, односно идејата за таков производ. Тогаш бев последна година на додипломски студии и веќе имав понуда за работа во Лондон во финансискиот сектор. Сепак, поради пасијата кон претприемништво и љубопитноста кон остварувањето на мојата идеја, одлучив да превземам ризик и да одам на магистарски студии. Универзитетот Варвик беше најголема причина за реализација на мојата идеја. Всушност, тие ми помогнаа да го направам целиот бизнис план, да го развијам и тестирам прототипот, ми овозможија средства и ме поврзаа со институции заинтересирани за набавка на сладоледот. Дополнително, ме спонзорираа и со старт-ап виза за да можам да ги продолжам истражувањата како и да основам и управувам своја компанија во Англија. После завршувањето на магистерските студии се вратив во Македонија со цел тука да го воспоставам производниот процес, бидејќи е полесно кога не си сам и кога најблиските се со тебе. Можам да кажам дека после две години во моментот успешно сме во процес на градење на фабрика и развиени се два производи, винскиот сладолед и мултифункционалниот адитив.

Сподели!
- Advertisement -