Медот е поефикасен отколку конвенционалните методи за третирање кашлица, затнат нос и болки во грлото, велат истражувачите. Освен тоа, поевтин е, може да се купи без рецепти и нема апсолутно никакви контраиндикации. Докторите можат слободно да го препишуваат како алтернатива за антибиотиците кои честопати се препишуваат за такви инфекции, велат научници од Оксфорд.
Инфекциите на горниот респираторен тракт ги зафаќаат носот, грлото, гласните жици и поголеми дишни патишта како бронхиите, а тоа води до белите дробови. Има докази дека медот се користи кај децата, иако докторите предупредуваат на опасноста од појава на ботулизам, и долго време со овој домашен лек се третираат кашлица и настинка. Но, доказите за неговата ефективност во третирањето инфекции кај горниот респираторен тракт кај возрасните не се систематски анализирани.
За да го испитаат тоа научниците истражувале датабази за релевантни студии кои го споредуваат медот и конвенционалните терапии како антихистамини, супресори на кашлица, лекови за искашлување и аналгетици. Тие нашле 14 клинички студии со 1.761 учесници на различна возраст.
Анализата на тие податоци покажала дека медот е поефективен отколку вообичаените третмани за олеснување на симптомите, особено во однос на зачестеноста и интензитетот на кашлањето. Две од студиите покажале дека симптомите траеле еден до два дена помалку кај пациентите третирани со мед.
Сепак, истражувачите Хибатула Абуелгасим од Медицинската школа на Универзитетот Оксфорд и Шарлот Албури и Џозеф Ли од Нуфелд забележале дека медот е сложена супстанција и не е едноличен производ. Тие, исто така, посочуваат дека само во две од студиите се користело плацебо.
Резултатите се објавени во весникот BMJ Evidence Based Medicine. Истражувачите посочуваат дека според нивните заклучоци, медот може да е алтернатива за докторите кои сакаат да препишат побезбедна терапија за инфекции на горниот респираторен тракт.
Медот се користи како лек со илјадници години наназад и досега е докажано дека има антимикробни својства. Меѓутоа, истражувачите истакнуваат дека не секој мед е исто ефикасен и дека треба да се направат повеќе студии за да се донесат конечни заклучоци.
(The Guardian)