Во последните дваесетина години од Земјата исчезнале 28 трилиони тони лед

- Advertisement -

Неверојатни 28 трилиони тони лед исчезнале од површината на Земјата од 1994 година досега, откри група британски научници. Научниците анализирале сателитски испитувања за глечери, планини и ледени плочи во периодот од 1994 до 2017 година за да ги измерат ефектите на глобалното затоплување.

Тие губењето на ледот го опишуваат како вчудовидувачко и откриваат дека топењето на глечерите и на ледените плочи може драстично да го зголеми нивото на морињата, најверојатно за 1 метар до крајот на векот.

- Advertisement -

„Да го ставиме тоа во контекст, секој сантиметар пораст на нивото на морињата значи дека околу 1 милион луѓе ќе бидат раселени од нивните домови“ вели Енди Шепард, професор на Универзитетот Лидс.

Драстичното губење на ледот може да има и други тешки последици, вклучувајќи и тешки нарушувања на биолошкото здравје на арктичките и антарктичките води и намалување на способноста на планетата да ја рефлектира соларната радијација во вселената.

- Advertisement -

Нивните наоди се совпаѓаат со прогнозите за најлошото сценарио кое беше изнесено на Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации (IPCC), потврдија научниците.

Во минатото истражувачите проучувале одделни подрачја како Антарктикот или Гренланд, каде што се топи ледот. Но, ова е прв пат некој да го испита сиот лед кој исчезнува од целата планета. Она што го откривме не остави без зборови“ вели Шепард.

- Advertisement -

Научниците до откритието дошле една недела после откритието на истражувачи од Државниот универзитет во Охајо дека ледената плоча на Гренланд можеби ја надминала точката од која нема враќање.

Според истражувачите, снегот кој секоја година ги обновува глечерите не може да го следи темпото на топење на ледот, што значи дека ледената покривка на Гренланд и понатаму се губи, дури и ако глобалните температури престанат да се зголемуваат. „Она што го откривме е дека ледот кој се испушта во океаните е далеку повеќе отколку снегот кој наврнува на површината на ледените плочи“ вели истражувачот Микејла Кинг.

Според истражувањата на НАСА, деценијата 2010-2019 била најтопла деценија откако се бележат температурите.

(Business Insider)

(фото: Max Pixel)

Сподели!
- Advertisement -