Членките на „Солар Македонија“ ги воведуваат најновите светски иновации за искористување на соларната енергија!

- Advertisement -

Искористувањето на соларната енергија во Македонија, како земја со огромен број на сончеви денови во годината е еден од најефикасните и најлесните начини да се обезбеди зелена енергија и брз премин кон посакуваните обновливи извори на енергија. Во земјава веќе неколку години функционира здружението „Солар Македонија“, во кое членуваат најголемиот број производители, изведувачи, увозници и трговци кои работат во секторот сончева енергија. Голем дел од домашните компании веќе ги следат и применуваат светските технологии и иновации и работат на свои. Здружението активно се залага и за користење на лиценциран софтвер и вградување на квалитетни фотоволтаични термални системи. За таа цел во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем се набавија лиценцирани едукативни софтвери од компанијата „Valentine“.

За најновите технологии кои ги применуваат членките на Здружението, како и за проектите на кои активно работат, разговараме со проф. д-р Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија и со Стефан Трајков проект менаџер на „Солар Македонија“.

- Advertisement -

Професор Насов, кои се најновите трендови и иновативни технологии од соларниот сектор во Македонија и на светско ниво?

Насов: Најдобар одговор на ова прашање може да се добие од објавените документи на Европската комисија за Европскиот буџет за најголемата програма на развојно истражувачки проекти на Европската унија – ХОРИЗОНТ 2020, која од 2021 година е именувана како ХОРИЗОНТ ЕВРОПА. Минатата година Европската Унија го претстави Европскиот зелен договор (The European Green Deal), кој е многу поамбициозен план од сите досегашни и предвидува целосна климатска неутралност до 2050 година. Во Буџетот на ЕУ (2021 – 2027), како и во Планот за заздравување на ЕУ по пандемијата на Ковид 19 (EU recovery plan), предвидени се 750 милијарди евра, целосно во согласност со The European Green Deal. Од нив 25% треба да бидат наменети за намалување на климатските промени. Овие програми ќе можат да се користат и од земјите кандидати за ЕУ. Најголем дел од овие средства се наменети за обновливи извори на енергија, во кои соларната енергија зазема значајно место, а посебно комбинираните соларни системи со обновливи извори на енергија, топлинските пумпи, водород, гас …

- Advertisement -

Ќе се финансираат само иновативни технологии и производи во соларната енергија, како фотоволтаичните панели, а посебно хибридни фототермални колектори, кои во исто време произведуваат и електрична и топлинска енергија. Ќе се финансираат соларни комбинирани системи кои ќе овозможат најголем коефициент на перформанси или, со други зборови, системи кои ќе ослободуваат најмалку CO2 и токсични честички со најмала потрошувачка на електрична енергија или други необновливи извори на енергија.

проф. д-р Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија

Во последните неколку години се појавија неколку нови технологии и производи во соларната енергија, а неколку членки на Соларната асоцијација на Македонија работат на развој на иновативни производи и системи во соларната енергија. Кои се тие?

- Advertisement -

Насов: Тоа се хибридните фотоволтаични колектори, кои во исто време произведуваат електрична енергија која во летниот период е поголема за околу 15 до 20 отсто, и топлинска енергија, која е речиси три пати поголема во однос на произведената електрична енергија. Овие производи и системи веќе се произведуваат од македонската компанија „Плазма“ која е носител на иновативниот производ „Хибриден фотоволтаичен колектор и комбинирани хибридни системи“ заедно со „Камел Солар“ и ФВ панелите од „Пиксел“, со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој-ФИТР.

Дијаграмот подоле ја покажува зависноста на произведената енергија во (W) од температурата на фотоволтаичните панели во0 C а сликата долу го покажува хибридниот фототермален колектор.

Хибридните фотоволтаични термални колектори и системи имаат примена во секој дом, деловните објекти, хотелите, рестораните, болниците, базените, односно секаде каде што има потреба од топла вода и електрична енергија во исто време.

Какви иновации имаат хибридните фотоволтаични системи кои ги произведуваат македонските компании?

Насов: Хибридните ФВ-Термални колектори на „Плазма“ и „Камел Солар“ имаат инкорпорирано неколку иновации кои додатно ја зголемуваат ефикасноста. Тоа се превлаката за спречување на наталожување на прашина и други нечистотии, зголемениот пренос на топлина преку термокондуктивен адхесиви и внатрешната превлака на абсорберот, отпорна на корозија за директна циркулација низ агресивни средини, како што се хлорирана вода или солена вода во базени за пливање, со што се овозможува директна циркулација на водата од базените низ хибридните колектори, намалување на цената во однос на стандардните како и зголемување на ефикасноста на системот.

„Камел Солар“ и „Плазма“ досега имаат инсталирано шест комерцијални хибридни системи во Македонија и неколку во Полска, а наскоро ќе се инсталираат и системи во болници во Бугарија. Овие системи во експлоатацијата покажуваат многу добри резултати.

Дел од нив се прикажани на сликите подоле:

„Камел Солар“, како член на голем европски конзорциум доби европски проект од ХОРИЗОНТ 2020 со најнови технологии од обновливите извори на енергија. Кажете ни нешто околу тоа.

Насов: „Камел Солар“ на основа досегашните десетина реализирани европски проекти, во соработка со развојно истражувачкиот центар „Плазма“ и новите хибридни фотоволтаични колектори и соларните термални колектори со највисоки перформанси, беше препознаен од голем европски конзорциум кој аплицираше во еден од најголемите развојно-истражувачки проекти од ХОРИЗОНТ 2020. Од Европската комисија бевме информирани дека сме го добиле проектот. Тој се однесува на реновирање на постоечки објекти, кои со најнови технолошки решенија и технологии како на „Камел Солар“ и уште десетина институти и компании од Европа во обновливите извори на енергија и изолациски материјали, ги претвораат овие објекти во паметни со речиси нула енергетски загуби и приближно нула емисии на CO2 и токсични честички. Со тоа драстично би се намалило загадувањето на воздухот и човековата околина, со што се дава голем придонес во борбата со климатските промени. Европската комисија ќе финансира ваков тип на проекти и во иднина, а посебен буџет е издвоен за трансформација на 100 градови во Европа во климатски неутрални градови, па секако дека и нашиот проект ќе даде придонес во оваа област.

На какви иновативни проекти работат другите македонски компании од оваа индустрија?

Насов: Македонската компанија „ЕКО Солар“ е добитник на проект од Фондот за иновации и технолошки развој и успешно спроведува проект за соларни сушилници кои во изминатиот период се пласирани и на пазарот во Србија. Компанијата „Пиксел“, освен стандардните фотоволтаични панели, развива нови фотоволтаични панели со повисоки перформанси и т.н. „Bifacial“ ФВ панели, а во тек се и нови развојни решенија и производи. „Сансмарт соларни системи“ патентира и развива иновативен дизајн и контрола за избор на најповолна фаза и испорака на енергија само кон потрошувач, а не и кон дистрибутивната мрежа. За овој систем не е потребно вадење на лиценца за повластен производител.

На светско ниво, освен хибридните фототермални колектори, се развиваат фотоволтаични панели со неверојатни зголемувања на ефикасноста, нови типови на флексибилни ФВ панели кои ја следат формата на крововите или фасадите, транспарентни и декоративни ФВ панели со директно инкорпорирање во прозори и фасади со комплет опрема за монтажа и за складирање на енергијата. Особено во Европската Унија ќе се инвестира и во развојно истражувачки проекти во производство на еколошки горива од соларни хибридни или стандардни ПВ панели…

Кои се активностите на Здружението на соларна енергија на Македонија на полето на иновативни проекти?

Насов: „Солар Македонија“ постои повеќе од 15 години и во него членуваат со над 30 производители на сончеви колектори и системи, инсталатери, проектанти, академски и научни експерти.

Здружението има добиено два европски развојно-истражувачки проекти со најголемите институти и компании во Европа, проект финансиран од Австриската агенција за енергетика, неколку меѓугранични европски проекти, а во последните неколку години и два проекти поддржани од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, со главна цел подобрување на конкурентната способност на асоцијацијата, а посебно на нејзините членки.

Во овие проекти членките имаат предавања, тренинзи, обуки за најнови софтвери за димензионирање на соларни системи за фотоволтаични панели, термални колектори и комбинирани системи со топлински пумпи, а исто така добиваат и најнови информации за најнови решенија и технологии во соларната енергија.

Солар Македонија доби два последователни грантови од проектот на УСАИД за развој на деловниот систем. Какви проекти беа реализирани?

Трајков: Членките на соларната асоцијација, минатата година го посетија најголемиот саем за соларна енергија „Интерсолар“ во Минхен, каде и годинава имавме резервирано штанд под името „Соларната енергија од македонски компании: „Пиксел“, „Камел Солар“, „ЕКО Солар“ и „Сансмарт“ соларни системи“. Нашите компании требаше да изложуваат заедно со светскиот врв како на комерцијални исто така и на најнови иновативни производи и системи во соларната енергија. Заради пандемијата нашата резервација останува за идната година.

На состаноците на Здружението освен за новите технологии и производи, се зборува и проблемите со кои се соочуваат македонските компании, кои се занимаваат со соларна енергија.

Како дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем се доставуваат и барања до институциите, но за последните десетина години скоро и да нема резултати во решавањето на тие проблеми. Тие директно влијаат на исклучително ниското ниво на искористување на соларната енергија во земјава, иако познато е дека има исклучително поволни климатски услови и сончево зрачење.

Меѓу најзначајните проблеми на кои „Солар Македонија“ постојано посочува се однесуваат на вкупниот буџет за субвенции за инсталирање на термални сончеви колектори кој е помал од 100.000 евра и е исклучително мал и недоволен. Понатаму, за добивање на субвенции не се бараат никакви сертификати за квалитет на сончевите колектори и системи како на пример solar key mark сертификатот за кој е потребно да се поседуваат соодветни технологии, ISO стандарди, ЦЕ знак … и многу финансиски средства за добивање на истите. Македонските компании ги поседуваат овие сертификати, но речиси 99 отсто од буџетот оди за инсталирање на несертифицирани колектори, кои според европските критериуми не спаѓаат во соларни термални колектори кои ги задоволуваат минималните критериуми за субвенционирање.

Проблем, исто така е и фактот што при увозот на готови колектори без ниту еден сертификат нема царина, додека за увоз на репроматеријали за производство на сончеви колектори има редовна царина. Во Македонија нема никакви кампањи или препораки за загревање на спортските центри, базените, спортските хали, хотелите, болниците, детските градинки, школите, старечките домови или државните институции со користење на сончевата енергија за производство на топлина, иако на сите овие објекти им е потребна топлинска енергија, како во зимскиот, така и во летниот период. А, без субвенции и стимулации ниту една земја нема зголемено искористување на кој било извор на енергија, производ или систем.

Сподели!
- Advertisement -