Ново британско истражување покажа дека тестовите на корона вирусот се толку чувствителни што може да откријат трагови од неактивни вирусни инфекции кои поминале пред повеќе недели, што би можело да резултира со лажно позитивни резултати кои ги зголемуваат размерите на пандемијата, пренесува BBC.
Научници од Универзитетот Оксфорд велат дека повеќето луѓе се заразни само една недела, но дека тестовите покажуваат позитивен резултат и недели подоцна, а тоа значи дека бројот на моментално заразени луѓе би можел да биде многу помал отколку што се мисли.
Еден од авторите на студијата, професорот Карл Хенеган, смета дека тестовите за КОВИД-19 наместо резултати позитивен/негативен мора да имаат праг кој нема да покажува позитивен резултат ако вирусот е присутен во многу мала количина. Тој верува дека остатоците од неактивни вируси може делумно да појаснат зошто во Велика Британија моментално расте бројот на заразени, додека бројот на пациенти во болниците стагнира.
Центарот за применета медицина на Универзитетот Оксфорд испитал наоди од 25 студии, кои анализирале дали примероците од вирусот ќе се развиваат во Петриев сад во лабораторија. Оваа метода на одгледување на вирусот во лабораторија може да покаже дали позитивниот резултат на тестовите ќе открие активен вирус, кој може да се размножува и да се шири, или само фрагменти од вирусот кои не можат да се размножуваат ни во човечкиот организам ни во лабораторија.
Овој проблем е познат од почетокот на избивањето на пандемијата и уште еднаш покажува во колкава мера податоците за КОВИД-19 се далеку од совршени.
PCR тестовите се стандардна дијагностичка метода при која се користат хемикалии со чие делување се зголемува генетскиот материјал на вирусот за да може да се проучуваат понатаму. Примероците поминуваат неколку циклуси во лабораторија пред да се добие доволна количина вирус за тестирање.
Бројот на циклуси би можел да биде начин да се открие колку вируси носите во себе, односно дали се работи за незначителни остатоци или не. Кај тестовите кои мора да поминат повеќе циклуси помала е веројатноста дека вирусот ќе се репродуцира кога се одгледува во лабораторија.
Професорот Хенеган, кој ја забележал грешката која се прави при евидентирањето смртни случаи од корона вирусот, што го навело Институтот за јавно здравје на Англија да го подобри системот, вели дека доказите упатуваат на тоа дека заразноста на корона вирусот опаѓа после околу една недела.
Бидејќи не е возможно да се провери секој тест за да се установи дали постои уште активен вирус, веројатноста да се појават лажно позитивни резултати може да се намали ако научниците откријат каде треба да се постави праг, а на тој начин да се спречи луѓето да добијат позитивен резултат на база на податоци за прележана инфекција. Професор Хенеган вели дека така би се намалил и бројот на луѓе во изолација, како и непотребното следење на нивните контакти.
(Dnevnik.hr)
(фото: Pxhere)