Денес, во повеќе земји на светот се одбележува интернационалниот ден на програмерите.
Тринаесетти септември е 256-тиот ден во годината и секоја година се одбележува на овој датум, освен во престапните години, кога денот на програмерите е 12-ти септември. Бројот 256 не е случајно одбран – тоа е всушност единствена вредност која може да се претстави со осумбитен бајт (најмалата единица за претставување на податоците на компјутер).
Овој датум бил предложен од Валентин Балт и Мајкл Червиаков, двајца програмери кои во 2002-рата година собирале потписи за 13-ти септември официјално да се признае како ден на програмерите во Русија . Ова било одобрено во 2009-та година од претседателот на Русија, Димитри Медведев. Додека во Русија е официјален „празник“, овој ден се одбележува неофицијално и во повеќе држави во светот.
Според податоците од истражувањето во врска со европската технологија, „State of European Tech“, објавени по повод на светскиот ден на програмерите, во европските држави во 2019-та година, работеле повеќе од 6.1 милиони софтверски стручњаци, а само во текот на истата година бројот на програмерите пораснал за околу 400.000.
Кон анализата „State of European Tech“ која го покажува зголемувањето на бројот на програмери оди во прилог и податокот на Европската агенција за статистика-Еуростат, дека европската ИТ индустрија се развива 5 пати побрзо од останатата економија во Европа.
Инаку, првиот програмер во светот е всушност жена. Ејда Бајрон, грофицата од Лавлејс (Ada Lovelace) се води како првиот програмер во светот, која ја напишала првата компјутерска програма дури во далечната 1840-та година. Лавлејс е жена која била брилијантен математичар, што била особена реткост во нејзино време. Нејзиниот потенцијал може да се препише и на генетиката, поради тоа што Ејда е ќерка на познатиот поет Лорд Бајрон и неговата прва жена Ен Изабела Милбанк т.е Леди Бајрон. Овој пар биле привилегирани членови на аристократските кругови, и двајцата биле особено надарени и добро образувани.
Извор – Стопанска Комора на Македонија