Едноставна, иновативна, забавна, стабилна и функционална. Со овие зборови Премиерот Зоран Заев и Министерката за образование, Мила Царовска, ја најавија новата Национална платформа за онлајн учење.
Платформата овозможува видео и аудио врска на наставниците и учениците, а преку неа ќе има можност да се споделуваат материјали, мултимедијални содржини, да се прават брзи квизови и тестирања на учениците.
Царовска посочи дека преку платформата наставниците ќе можат на прифатлив и креативен начин да ја одржуваат комуникацијата со нивните ученици.
„Националната платформа ќе биде многу повеќе од добра замена за традиционалното учење. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот, и наставникот ќе може да го гледа ученикот. Дополнително ученикот ќе може да ги користи сите поставени аудио и видео материјали во платформата и да ги изработува домашните задачи. И наставата нема да биде здодевна. Таа ќе има брзи квизови, брзи тестови и други иновативни содржини кои ќе бидат поставени на неа. И учениците ќе можат да предлагаат надоградување и менување на платформата, а со тоа тие директно ќе се вклучат во изработка на решенија кои се прилагодени на нив. Платформата ќе дозволи учениците и просветните работници заедно да го унапредуваат нашето образование. Тоа е огромна вредност и за нашата држава и за нашиот образовен процес“, рече Царовска.
На пресконференцијата беше презентирана и кратко видео со пример за тоа како би се одвивала наставата преку новата платформа.
Министерката Царовска истовремено напомена дека околу 40.000 деца немаат информатички уреди за користење во домашни услови. За овие ученици ќе има 15-минутни снимени часови кои ќе се емитуваат на Македонската телевизија, во посебен распоред, со цел секој ученик да може да ги добие потребните информации, а од училиштето во текот на годината ќе бидат и печатени материјали кои преку родителите ќе бидат доставувани до децата, на сличен начин би се спроведувале и тестирањата и оценувањето.
Премиерот Заев посочи дека како Влада даваат целосна поддршка за имплементација на овој процес, додавајќи дека иднината е во дигитализацијата и иновациите.
„Голем е предизвикот да се започне учебната година на ваков начин, со ресурсите што училиштата и досега ги имаа. Но, ова искуство ни е важно, затоа што ќе ни укаже како треба понатаму навреме да ги планираме инвестициите во образованието во државата. Подготвеноста на институциите и образовниот систем за промени е сам по себе доказ за континуирана и силна посветеност кон долгорочните цели – квалитетно и иновативно образование по мерка на секого“, рече Заев.
Платформата е резултат на соработката на Министерството за образование и ФИНКИ, со поддршка на МАСИТ. Таа ќе биде достапна на сите наставни јазици, а Царовска посочи дека во тек се обуките на наставниот кадар за работа со платформата, кои се изведуваат на три нивоа. Во првата биле опфатени 30 национални обучувачи од редот на наставниот кадар од различни основни и средни училишта. На второ ниво биле вклучени 1.600 наставници кои се номинирани за училишни обучувачи од сите училишта, кои во третото ниво нивното занаење за националната платформа треба да го пренесат на останатите наставници.