12.8 C
Skopje
недела, октомври 24, 2021

Истражување: Општините немаат капацитет да ги наплатат даноците

Kabtel desktop

Наплатата на локалните даноци претставува предизвик за поголем број на општини, a посебно за даноците на имот. Релативно ниската стапка на наплата варира од општина до општина пред сè поради недостатокот на капацитети на единиците на локалната самоуправа, како и поради социо-економските и демографските карактеристики на даночните обврзници.

Ова го покажува најновото истражување на Центарот за економски анализи за предизвиците во системот за локални даноци кај македонските општини.

Во него се вели дека постои значителен простор за унапредување на ефикасноста на прибраните даноци на имот без притоа да се прибегнува кон зголемување на стапките на данокот на имот. Имено, речиси половина од општините во 2018 година собрале помалку од 80 отсто од планираните приходи од даноци на имот.

„Комуникацијата со даночните обврзници е на основно еднонасочно ниво и, таа се состои во изготвување на годишно решение за данок на имот кое се доставува на адреса и евентуално се доставува опомена за доспеан долг доколку истиот не е платен. Поведување на постапка за извршување на долгот преку присилна наплата не е опција која општините ја користат редовно, според нив, поради обемниот административен процес. За 2020 година до средината на месец август помалку од половината од единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) издале и доставиле решенија за данок на имот на даночните обврзници, повеќе од половината уште не го направиле тоа, иако според законот за даноците на имот треба да ги подготват до крајот на месец март за тековната година“, се вели во истражувањето.

Општините доцнењето во издавањето и доставата на решенија за данок на имот го оправдуваат со специфичната ситуација што настана од пандемијата со ковид-19, којашто овој процес го одложи за повеќе локални власти.

Меѓутоа, податоците од изминатите години покажуваат дека дел од општините биле неефикасни во наплатата на даноците и пред појавата на вирусот. Во 2018 година 8 од 81 општини воопшто не прибрале средства од даноци на имот од правни лица. Во 2019 година, пак, таа бројка изнесувала 4 од 81 општини. Камати од ненавремено плаќање на данок на имот воопшто не наплатиле 11 општини во 2019 година. Наплата на данок на имот од физички лица во 2019 по присилен пат евидентирале само 3 општини.

„Според ЕЛС пак најголем број од одговорите за предизвиците со кои се соочуваат е резултат на недоволната дисциплина на даночните обврзници, потребата за електронски систем, присилната наплата, базата на даночни обврзници и ограничените капацитети за утврдување на пазарната вредност на имотот“, се вели во истражувањето.

Од ЦЕА констатираат дека наведените предизвици претставуваат и проблем на реалното планирање на приходите на општините.

„Стапката на реализација варира кај различни ЕЛС, но и на кумулативно ниво од година до година. Доколку претпоставиме дека планирањето било спроведувано на реална основа, наспроти наплатените приходи, во просек секоја година во последните десет години се губат повеќе од половина милијарда денари од ненаплатените приходи од данок на имот, или 1.8 проценти од вкупните приходи на ЕЛС, односно 4,1 проценти од приходите во основниот буџет и една петтина од приходите за даноци на имот во буџетите на ЕЛС“, се укажува во истражувањето.

Извор – Мета

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •