Дефинитивно технологијата, иновациите, науката ставена во функција на бизнисот се секогаш интересни и актуелни теми. Така беше во средата во Тетово каде се одржа Inno Café посветено на вљубениците во технологијата, науката и иновациите како движечка сила во една земја. Во прекрасен амбиент во паркот на Универзитетот Тетово, на отворен простор и со примена на сите мерки на безбедност по здравјето на учесниците, своите инспиративни животни и бизнис приказни со бројната публика ги споделија: г-н Гајур Абдурамани, генерален директор на Електро Шари, д-р Башким Зибери, професор на катедрата по физика при Природно-Математичкиот факултет на Универзитетот во Тетово и младиот иноватор од Тетово, средношколецот Орхан Багашов.
“Студентските денови се стартна основа да се влезе во светот на науката и иновативноста. Вашите иновативни идеи може да ги претворите во реалност и со помош на универзитетите. Нашиот универзитет ја има канцеларијата за наука и иновации која им помага на студентите во реализација на нивните иновативни идеи. Но, она што ви треба најмногу од се е храброст и слобода на дејствување“, истакна професор Зибери кој својата богата научна кариера ја градел на универитетот во Лајпциг, Германија и на престижниот Харвард во САД.

Развојниот пат на првата термоцентрала на биогас во Македонија за производство на електрична енергија ја раскажа нејзиниот генерален директор, Гајур Абдурамани кој објасни на кој начин компаниите Везе Шари, Лекер и Електро Шари креираат еден затворен систем на современа циркуларна економија. Капацитетот на објектот за производство на електричната енергија е 1 мегават на час, односно 8.760.000 киловат часови годишно.
Како суровина за производство на електрична енергија се користи отпадот и нус-производите од фармата Везе Шари како и другиот отпад од земјоделство. Во ЕЛЕКТРО ШАРИ, отпадот не се третира како отпад, туку како обновлив извор на енергија, од кој по согорување на метанот се добиваат електрична и топлинска енергија. Остатокот по ферментацијата се обработува повторно за производство на органско ѓубриво-подобрувач на својствата на земјиштето во количина од 8.000 тони годишно. Органското ѓубриво НАТУРПУР како производ е одобрен и регистриран во соодветните институции и истиот е одобрен за извоз во земјите на Европската унија со исполнување на највисоките меѓународни стандарди за квалитет и безбедност на здравје и животна средина.

Тој ги повика факултетите од Универзитетот и студентите од соодветните струки да остварат соработка со оваа компанија која постојано има потреба од инженерски кадар подготвен да учи нови работи.

Големо внимание кај публиката предизвика бионичката рака на Орхан Багашов, 17-годишен средношколец од Тетово кој од најмлада возраст се интересира за технологија и се занимава со иновативни решенија.
Тој е дел од тимот кој победи на наптпреварот Generation Unlimited на Уницеф, како и дел од победничкиот тим на NASA Space App Challenge натпреварот со иновација – бор-машина која може да се користи во вселената.
Тој ги охрабри присутните да се занимаваат со она што навистина го сакаат и им причинува задоволство затоа што само така може да се постигне успех.

Присутните ги поздрави и г-н Хазир Полоѓани, проректор за наука на Универзитетот во Тетово.

