Пијачите на чај во Велика Британија секојдневно трошат толку многу вода што со неа може да се наполнат 28 олимписки базени. Како што велат од снабдувачот со енергија Utilita, тие трошат двојно повеќе вода за чај отколку што им е потребно.
49,7 милиони Британци кои пијат чај пијат по просечно четири чаши на ден или вкупно околу 200 милиони чаши дневно, а трошат вода која е доволна за 400 милиони чаши чај дневно. Тоа значи дека дневно залудно се трошат околу 70 милиони литри вода, ако претпоставиме дека секоја чаша чај собира по 350 мл.
Освен тоа, колку повеќе вода ќе стават во бокалот за да ја загреат трошат повеќе енергија, па затоа од Utilita ги советуваат луѓето да бидат повнимателни со трошењето вода.
Од Utilita исто така откриле дека греењето многу повеќе вода отколку што и е потребна за чај е главната причина зошто Британците залудно трошат повеќе енергија и плаќаат повисоки сметки за струја. На речиси сите бокали има мерки и пишува колку вода е потребна за колку чаши, но Британците не се грижат за тоа зашто мислат дека ако загреат помалку вода таа ќе го смени вкусот при греењето и чајот нема да биде добар.
Според анкетата која ја направила OnePoll.com на барање на Utilita, речиси една четвртина од испитаните 2.000 луѓе не знаат колку вода треба да загреат за една чаша чај. Освен трошењето залудна енергија на греење вода, втората причина за повисоките сметки за струја на Британците е оставањето на телевизорите вклучени дури и кога не гледаат на нив, а потоа следуваат оставањето на полначите за телефони вклучени и откако ќе се наполни телефонот како и трошењето премногу вода при бањање.
Дури 44% од Британците признаваат дека го преполнуваат бокалот со вода за чај, која потоа не ја користат, а 15% го вклучуваат греењето кога им се отворени прозорците. Една четвртина од нив вклучуваат посилно греење кога ќе почувствуваат дека малку им е ладно наместо да облечат џемпер.
(Daily Mail)
(фото: Pikist)