Мерките на Владата за поддршка на компаниите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата, како и плановите за работа на германските инвеститори во земјава, беа тема на денешниот состанок на министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Делегацијата на германското стопанство на Северна Македонија, Патрик Мартенс.
Министерот Бектеши потсети дека германските компании се едни од најголемите инвеститори во Северна Македонија, а Владата е во континуиран дијалог со бизнис заедницата се со цел мерките за поддршка на бизнисот да се усогласат со потребите на компаниите. Тој информираше дека на барање на странските инвеститори Министерството за економија заедно со сите економски ресори во Владата работат интензивно на усогласување на царинските давачки со оние од ЕУ, што ќе значи олеснување на работата на компаниите во земјава, пред сè од автомобилскиот сектор.
„Радува фактот, како ме информирaше што господинот Мартенс, дека повеќе германски компании се заинтересирани да отворат нови фабрики во Северна Македонија, но и дека голем дел од постоечките германски инвеститори планираат проширување на своите инвестиции во земјата“, потенцираше министерот.
Патрик Мартенс изјави дека за компаниите во моментов најголем приоритет е предвидливоста во планирањето и правната сигурност.
„Германските компании во Северна Македонија, но и во Германија, се соочуваат со проблеми во работењето поради пандемијата. Трговската размена меѓу Северна Македонија и Република Германија пред кризата ги сруши рекордите и достигна ниво од 4,4 милијарди евра, но како резултат на кризата, сега доживува пад. Никој од нас не е сигурен кога ќе заврши таа, но можам да кажам дека добиваме позитивни сигнали од германските компании во Германија како и од германските компании во Северна Македонија. Тие планираат, штом заврши пандемијата и доколку останат овие услови за работа, во иднина да ги прошират своите активности и да ги зголемат инвестициите, дури има и интерес од нови инвестиции“, кажа тој.